Економија
Ангеловска-Бежоска: Сите одлуки треба да се темелат на квалитетни статистички податоци

Квалитетните статистички податоци се основа за носење издржани одлуки и политики, особено во време на голема неизвесност, како што е онаа предизвикана од пандемијата. Сите одлуки поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност или супервизорските активности се засноваат на обемно портфолио статистички податоци. Оттаму, постојаните напори за стандардизација, подобрување на квалитетот и обемот на статистичките податоци се од исклучително значење, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на настанот организиран од Државниот завод за статистика, во соработка со Шведската статистика, по повод почетокот на твининг-проектот „Зголемена достапност и употреба на официјалната статистика во Република Северна Македонија“. Со овој настан, меѓу другото, се одбележа и Денот на европската статистика, којшто секоја година се одржува на 20 октомври.
Како што истакна Ангеловска-Бежоска, пандемијата наметна предизвици за статистичкиот систем во глобални рамки, создавајќи ризици во однос на континуитетот и навременоста на подготовка на постојните статистички податоци, но истовремено создаде потреба и за нови, дополнителни податоци и информации за навремена оцена на состојбите во економијата.
„За време на корона-кризата, заради брза реакција и одговор на зголемените ризици, моравме да ги приспособиме и да ги искористиме сите информации што ни беа на располагање. За таа цел, ги комбиниравме официјалните статистички податоци со подетални податоци од различни извори, како што се на пример административните, податоците од анкетните истражувања, извештаите за регулативата. Заради внимателно следење на ризиците и оцена на состојбата во економијата, започнавме со следење на алтернативните високофреквентни податоци, а воведовме и нови видови известувања поврзани со мерките за олеснување на регулативниот товар за банките, воведени како одговор на кризата ‒ посочи гувернерката.
Како што истакна таа Народната банка, како дел од статистичкиот систем постојано вложува напори за подобрување на квалитетот, квантитетот и објавувањето на статистичките податоци коишто ги изготвува.
„На крајот на 2019 година, воспоставивме платформа за статистичка дисеминација, НБСтат, којашто на пошироката јавност, истражувачите, новинарите и носителите на политики, им овозможува да ги преземат статистичките податоци во онаа форма којашто најмногу им одговара на потребите. Оттогаш, постојано вложуваме напори за воспоставување поприемчива комуникација со јавноста ‒ преку подобра визуализација, соодветна содржина и поедноставен јазик. Во моментот, Народната банка спроведува е-анкета за подобар увид во тоа колку се задоволни корисниците со нашите статистички податоци и кон што треба да ги насочиме нашите идни напори“ ‒ посочи гувернерката.
На настанот учествуваа претставници од Секретаријатот за европски прашања, амбасадорката на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгстон и директорите на шведскиот и македонскиот завод за статистика, Јоаким Стимне и Апостол Симовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Објавени јавни повици за субвенции за микро, мали и средни компании за занаетчии и за дигитализација за женско претприемаштво

Министерството за економија објави три јавни повици за субвенции за микро, мали и средни компании за занаетчии и за дигитализација за женско претприемаштво.
Како што објави на својот фејсбук-профил министерот за економија, Крешник Бектеши, со јавниот повик за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија ќе се кофинансираат 40 % од докажаните трошоци направени за набавка на машини, но не повеќе од 250.000 денари од барател.
За оваа мерка се предвидени средства во вкупен износ од 43.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за набавка на машини настанати во 2022 и 2023 година. Со јавниот повик за субвенционирање занаетчии ќе се кофинансираат 40 % од докажаните трошоци направени зa набавка на машини и алати, но не повеќе од 100.000 денари од барател. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 5.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за набавка на машини и алати настанати во 2022 и 2023 година. Со јавниот повик за субвенционирање женско претприемаштво за дигитализација на деловни процеси се субвенционираат претпријатија во сопственост на жени (над 50 %) и управувани од жени, кои вработуваат најмалку две лица (сопственичката на претпријатието и еден вработен) преку кофинансирање 40 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 100.000 денари од барател, направени за: развој или набавка на дигитални решенија и технологии со цел дигитална трансформација на деловните процеси или производство и/или имплементација, адаптација и интеграција на дигитални решенија и технологии. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 2.000.000 денари.
Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2022 и 2023 година. Крајниот рок за аплицирање по овие јавни повици е до 30.6.2023 година.
Економија
Битиќи со германските компании: Нудиме поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, оствари средба со делегацијата на германски компании што престојуваат во Северна Македонија, со кои ги сподели деловните можности особено во однос на поддршката за инвестиции, при што ги истакна клучните фактори што ја прават Северна Македонија атрактивна дестинација за нивните инвестиции.
„Северна Македонија има стратешка локација, сместена на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, и нуди поволна локација привлекување на синџирот на набавки во европскиот континент наречен неаршоринг (near-shoring). Со воспоставување производство блиску до европските центри за потрошувачка германските компаниите може да ги максимизираат ефикасноста и ефективноста на нивните бизнис-процеси“, порача вицепремиерот Битиќи, кој ги информира германските компании дека Северна Македонија е потписник на мултилатерални конвенции и има склучено многубројни билатерални договори за заштита на инвестициите, што за странските инвеститори значи заштита преку институции, како што е Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID).
Битиќи се осврна и на финансиската поддршка на Владата, која во прво место е предвидлива и дека сите постапки се транспарентни со цел да создадат еднакви услови и за домашните и за странските инвеститори.
„Поддршката е дизајнирана да постигне неколку цели, вклучително и создавање подобро платени работни места, поттикнување соработка меѓу компаниите и промовирање технолошки развој и иновации“, рече Битиќи, кој германските компании ги запозна и со дигиталниот асистент во јавниот сектор, АДА, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција, кој стои на располагање на компаниите да добијат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош, која се нуди за инвестициите, без разлика дали се тоа домашни или странски компании.
Kако заклучок, рече дека Северна Македонија е подготвена да ги пречека и поддржи германските компании во нивниот стремеж за раст и успех и дека земјата нуди поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка.
„Заедно, дозволете ни да создадеме силни партнерства и да го отклучиме огромниот потенцијал што лежи во нашата соработка“, заклучи Битиќи.
Предводникот на германската делегација, Ханс-Јоаким Баумлер, од консултантската компанија „Интегра“, истакна дека успешноста на германските компании што дејствуваат во Северна Македонија претставува силен мотив за другите компании да го следат нивниот пример и да инвестираат во земјата, која, според него, нуди добра бизнис-клима за понатамошно развивање на трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија.
Економија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за мај 2023 година.
Корисниците на парични права што поседуваат дебитна картичка ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 6 јуни 2023 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците што не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето, и тоа:
6.6.2023 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ
7.6.2023 – М, Н, Њ, О;П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш