Економија
Ангеловска: Граѓаните заслужуваат отчетност а не политички манипулации
Министерството за финансии го продолжува процесот на отворање на јавните финансии пред граѓаните. Во завршна фаза е новиот портал за јавен долг со кој граѓаните ќе имаат непосреден увид во задолжувањето и раздолжувањето на државата. Со тоа од темата задолженост се тргаат сите политички превези а граѓаните, за кусо време добиваат уште една демократска алатка. Овие процеси ја зголемуваат довербата на граѓаните во институцијата, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска.
„Со порталот за јавен долг, што наскоро ќе профункционира, јавноста ќе може да го види секое евро задолжување и раздолжување и за што биле потрошени тие средства“ рече министерката на предавањето на техничка документација за изградба на локални патишта на 35 општини.
Таа посочи дека обидот да се претстави како завера испраќање на меил од Кабинетот со процедура за работа и комуникација, не е ништо повеќе од обид за политичко поентирање.
„Немам што да кријам. На оваа позиција дојдов без никаков багаж. Немам ни црвени, ни розови, ни црни очила. Тоа го покажуваат и моите заложби за транспарентност. Дојдов да работам и да ги носам најдобрите одлуки за граѓаните“ нагласи Ангеловска.
Во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста, Министерството за финансии пред два месеци ја пушти платформата
„Отворени финансии“ преку која може да се видат сите исплати од Трезорот. За да се отвори Трезарот за граѓаните, беа направени измени во регулативата, со кои објавување на податоци од Трезорот стана законска обврска. Со тоа се осигура објавување на овие податоци без оглед на тоа кој е на власта и кој министер го води Министерство за финансии.
„Ако некој е транспарентен и отворен тоа е Министерството за финансии. За овие две и пол години работите суштински се променети. Не треба да си дополнителен заменик министер во Министерството за финансии за да ја видиш секоја трансакција и секој денар каде оди. Тоа е резулат на максимално зголемената фискална транспарентност“ додаде Ангеловска.
Министерството за финансии ја промовираше и алатката „Реализација на капитални инвестиции во Буџетот“, на која може да се следат капиталните расходи на секој буџетски корисник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

