Економија
Антидискриминаторската комсија реагира по најавите за паралелен механизам што би ги штител од дискриминација бугарските инвеститори

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) реагира на изјавите за формирање механизам – комисија за заштита од дискриминација на инвеститори, дадени од министерот за финансии Фатмир Бесими и од министерот за иновации и развој на Бугарија, Даниел Лорер.
На прес-конференцијата што неделава се одржа во Скопје министрите изјавија дека на одржаниот прв состанок на македонско-бугарската работна група за економија, трговија и иновации разговарале за формирање механизам за транспарентност на инвестициите, чија улога би била заштита од дискриминација на инвеститорите од двете страни при реализирањето на планот за инвестирање.
КСЗД алармира дека евентуалното формирање ваков паралелен механизам задира во независноста и самостојноста на ова професионално и експертско тело за еднаквост и е директно делегитимирање на мандатот на КСЗД.
„Превенцијата и заштитата од секаков вид дискриминација се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, според кој Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е единственото тело за еднаквост во земјата кое постапува во случаи за спречување и заштита од дискриминација и во приватниот и во јавниот сектор, кон сите домашни и странски физички и правни лица, вклучително и дискриминација на потенцијални странски инвеститори. Формирањето паралелен механизам, наменет исклучиво за заштита на инвеститорите од Република Бугарија, би бил во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискримнацијата, кој ја регулира оваа правна материја како lex specialis. Според тоа, ова тело не би можело да произведува никакви правни акти за спречување и заштита од дискриминација бидејќи нема процесен и материјален закон врз основа на кој може тоа да го направи“, велат од Комисијата против дискриминацијата.
Од тука додаваат дека меѓународните стандарди, кои ја регулираат поставеноста и работата на националните тела за еднаквост, како што е Принципите за статусот на националните институции за еднаквост на ООН (Париските принципи), предвидуваат телата за еднаквост слободно и независно да одлучуваат за сите прашања поврзани со нивните надлежности. Исто така, овие принципи предвидуваат дека независните тела треба да бидат сочинети од професионалци и експерти што исполнуваат строги и високи критериуми за избор во областа на дискриминацијата. Токму затоа, како што се додава во реакцијата, превенцијата и заштитата од дискриминацијата се спроведува на експертско и професионално, а не на политичко ниво, па оттука формирањето на паралелниот механизам би значело директна повреда на овие принципи.
„Дополнително, овозможувањето ваков паралелен механизам за заштита од дискриминација, наменет исклучително за лица од одредена етничка и/или национална припадност и социјален статус, претставува индиректна дискриминација врз основа на етничка и/или национална припадност и социјален статус во областа на правосудството и управата во согласност со членовите 3, 5, 6 и 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминацијата („Службен весник на РСМ“, бр. 258 од 30.10.2020). Веруваме дека станува збор за ненамерна изјава на министрите и се надеваме дека по оваа реакција на КСЗД, ќе увидат дека е законски невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело“, додаваат од КСЗД.
Комисијата порача дека како и до сега стои на располагање на сите домашни и странски физички и правни лица за пријавување и постапување во случаи на секаков вид дискриминација. Ги охрабруваат сите оние што се почувствувале дискриминирани врз било која основа, во која било област, тоа да го пријават во КСЗД преку електронскиот механизам за пријавување дискриминација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Германија се подготвува за тешка криза, Шолц воведува мерки: „Нѐ чекаат тешки години“

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги подготвува граѓаните на Германија за натамошни поскапувања. „Сегашната криза нема да заврши за неколку месеци“, изјави социјалдемократскиот политичар (СПД) на почетокот на таканаречената заедничка акција со највисоките претставници на работодавците и синдикатите во кабинетот на канцеларката, пишува „Дојче веле“.
„Војната во Украина и нарушените синџири на снабдување поради пандемијата на коронавирусот создадоа општа неизвесност. Мора да се подготвиме за фактот дека оваа ситуација нема да се промени во блиска иднина. Германија се соочува со историски предизвик“, порача Шолц.
Целта на овој прв од серијата состаноци е да се најдат инструменти за потиснување на растот на цените. Резултатите ќе бидат познати дури наесен.
„Како држава добро ќе ја поминеме оваа криза само ако се здружиме, ако најдеме решенија заедно, рака под рака. Општеството е многу посилно отколку што понекогаш се претпоставува. Пораката што ми е важна е дека мора да се држиме заедно“, рече канцеларот.
Економија
Шпаркасе банка преку платформата Sparkasse Life– поддржувач на настани од културно значење

Од 1 до 3 јули во Дојран, по 12-ти пат се одржа музичкиот фестивал „Д Фестивал“, на кој учествуваа многубројни реномирани домашни и светски музички имиња, а Шпаркасе банка во согласност со својата стратегија за корпоративна општествена одговорност беше поддржувач на фестивалот во рамките на платформата Sparkasse Life.
За време на фестивалскиот викенд, тимот на Шпаркасе банка имаше можност да ја почувствува убавата фестивалска енергија и атмосфера, но и да се дружи со посетителите на фестивалот во забавниот Sparkasse Life корнер и да им ја пренесе силната порака да веруваат во себе и во своите креативни способности, да се надградуваат и да ја движат заедницата напред. Токму Банката, свесна за значењето на музичките настани како овој врз целокупниот културен живот во нашата земја, но и препознавајќи ја потребата од поддршка на младите луѓе и целокупната уметничка сцена во државава, ја креираше платформата Sparkasse Life.
Преку платформата Sparkasse Life, Шпаркасе банка интензивно ќе поддржува иновативни проекти, поединци и групи што ја движат заедницата напред и на тој начин силно ќе ги бодри младите луѓе, кои се иднината на оваа земја.
Јули е во знакот на Sparkasse Life, па освен „Д Фестивал“, Шпаркасе банка ќе даде поддршка и на уште две значајни културни манифестации: Фестивалот на европски филм Cinedays, кој ќе се одржи од 7 до 14 јули, и фестивалот Охридско лето, кој ќе се одржи од 12 јули до 20 август во Охрид.
Освен активности поврзани со музика, концерти, културни настани и развој на уметноста, платформата „Sparkasse Life“ вклучува и активности поврзани со заштита на животната средина, спортски настани, промоција на навики за водење здрав живот и поддршка на спортот и младите таленти. Понатаму, содржани се сите сегменти што се од најразлични области на живеење, а се однесуваат на образование, здравство, ранливи и маргинализирани групи, како и донациите и активностите во сите споменати области.
Банката останува силно посветена на визијата да биде водечка банка по квалитетот на услуга, задоволството на клиентите и ангажираноста на вработените, па затоа ги охрабрува сите да бидат мотивирани и секогаш да посакуваат нешто подобро за себе, да бараат додадена вредност и квалитетна услуга и секогаш мудро да одбираат! Да веруваат во себе затоа што имаат банка што верува во нив.
ПР-текст
Економија
Владата усвои дополнет предлог-буџет за 2022 година

Во рамки на 58-мата редовна седница, Владата го усвои дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година, по што ќе биде испратен во Собранието.
Дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2022 година претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вгради прифатените амандмани и потребните измени и дополнувања.
Според предлогот на ресорното Министерство за финансии, усвоени се измени, кои се во насока на зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од буџетскиот корисник – Министерство за финансии-функции на државата.
Истовремено, се врши реалокација на средства во рамките на одредени буџетски корисници, кои немаат дополнителен фискален ефект кај самите буџетски корисници на сметката на Основен буџет и се врши реалокација на средства во рамки на одредени буџетски корисници, кои немаат дополнителен фискален ефект кај самите буџетски корисници на сопствените сметки.
Дваесет и пет милиони денари дополнителни средства во здравството, животната средина, инфраструктурата се обезбедуваат со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2022 година.