Економија
Бектеши – Галовеј: Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска оствари видеосостанок со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј. На состанокот разговараа за економските приоритети на Владата во новиот мандат, економската соработка меѓу двете земји, како и можноста за продлабочување на истата.
Министерот ја информираше амбасадорката за мерките и реформите кои ги спроведе Владата и Министерството за економија за поддршка на економијата за справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19, посебно на мерките од новиот четврти пакет кои ќе значат дополнителна поддршка за бизнисот и граѓаните во справување со последиците од пандемијата.
Министерот ја информираше амбасадорката Галовеј дека Обединетото Кралство е втор по големина трговски партнер на Северна Македонија, а вкупната билатерална трговија меѓу двете земји е во континуиран раст во последните неколку години.
Двајцата се согласија дека има простор за продлабочување на трговската соработка меѓу двете земји, пред сè поради присуството на британските инвеститори на македонскиот пазар.
Во делот на енергетиката министерот исто така ја информираше амбасадорката дека во наредниот период Министерството за економија ќе продолжи со поддршка на инвестиции во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија, што ќе значи подобрување на целиот енергетски систем во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,23% во однос на одлуката од 22.12.2025 година.
Од 30.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,649 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,042 ден/кг и сега ќе изнесува 33,649 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,908%, кај дизелот за 1,970%, кај екстра лесното масло за 1,282% и кај мазутот зголемувањето е за 5,201%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1801%.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во третиот квартал од 2025 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција, извести Народната банка.
На крајот на третиот квартал од 2025 година:
„На 30.9.2025 година, нето надворешниот долг изнесува 4.494 милиони евра (или 27,1% од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во третиот квартал од 2025 година, е намален за 106 милиони евра, или за 2,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.

Во текот на третиот квартал од 2025 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е намалена за 250 милиони евра и изнесува 8.738 милиони евра, што претставува 52,7% од проектираниот БДП за 2025 година“.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следната врска.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels

