Економија
(Видео) Бектеши најави стартап-село и отворање фирми за 1 едно евро

Mинистерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро.
Тој кажа дека меѓу приоритетите на Министерството за економија за поттикнување на иновативноста во земјата е и формирање на стартап-село кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци.
„Во наредниот период заедно со Министерството за финансии ќе работиме на значително намалување на ограничувањата за основање на инвестициски фондови преку посебен Закон за бизнис-ангели и измени на Законот за инвестициски фондови. Веќе сме во завршна фаза во процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој, негова трансформација за да има резултати на долг рок. Со тоа ќе овозможиме влез на странски инвестициски фондови како стратешки партнери на Фондот во поддршка на економскиот раст, базиран на иновации и воведување нови технологии. Во таа насока ќе продолжиме да инвестираме во научно-технолошкиот парк кој започна со операции во март 2019 година со цел тој да биде целосно функционален во 2025 година“, кажа Бектеши.
Тој рече дека приоритет во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија е да се создадат услови за отворање нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста.
„Целта е невработеноста да се намалува по 3% годишно, како што правевме и во изминатите три години. Во изминатите две години преку Планот за економски раст беа поддржани 268 компании кои имаа вкупни инвестиции од 420 милиони евра. Планот за економски раст покажа дека компаниите инвестираат и вработуваат, а во наредните четири години ќе продолжиме во оваа насока преку дополнување и проширување на опфатот на компании и проекти“, кажа Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)
Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции, сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјата за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9 %, а за 2023 година раст од 3,6 %.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата што Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10 % минатата година, таа би се свела на 5 % оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично оти нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со речиси 2 % во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1 %, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до кој ќе биде погодена ЕУ како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така, ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност, која може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________
Економија
ММФ: Глобалната економија се соочува со најголемиот тест од Втората светска војна

Глобалната економија се најде на работ на колапс поради низа последователни кризи.
Меѓународниот монетарен фонд денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, соопшти дека глобалната економија ја чека можеби најголемиот тест од Втората светска војна.
„Се соочивме со низа немили настани“, изјави извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева.
Таа предупреди дека руската инвазија на Украина ги потенцира негативните ефекти на пандемијата на Ковид-19 врз економијата попречувајќи го економското закрепнување и поттикнувајќи ја инфлацијата заедно со зголемувањето на цените на храната и горивото, пишува Си-ен-ен.
Земјите се оптоварени и со зголемување на каматните стапки, а бизнисите и домаќинствата треба да се справат со големи долгови. Пазарните турбуленции и постојаните ограничувања на синџирот на снабдување се исто така ризик. Покрај тоа, климатските промени се проблем.
За да се намали стресот врз економијата, ММФ на состанок повика владини претставници и бизнис-лидери во Давос на разговори за намалување на трговските бариери.
Додека многу земји се борат со зголемените трошоци за живот за своите граѓани, некои одат во спротивна насока и воведуваат ограничувања во трговијата со храна и земјоделски производи, што би можеле да го влошат недостигот и да ги зголемат цените на глобално ниво.
Претходно овој месец, одлуката на Индија да го забрани извозот на пченица доведе до зголемување на цените на житото, иако таа е релативно мал извозник. Индонезија го забрани најголемиот дел од извозот на палмово масло во април за да ги заштити домашните резерви, но има намера да ја укине забраната оваа недела.