Економија
Бектеши ќе дели ваучери од 300 евра за одмор на семејства со примања до 50.000 денари, но ќе се користат надвор од сезона
Од понеделник во Министерството за економија за ваучер за одмор во вредност од 300 евра ќе може да се пријават семејствата чиј месечен буџет е 50.000 денари. Ваучерите ќе може да ги искористат во домашните угостителски објекти, кои се на листата на Министерството за економија, но надвор од сезона. Министерот Крешник Бектеши вели дека главна цел на оваа мерка е да им се овозможи одмор на лицата со ниски примања, а во исто време да им се помогне на туристичките центри да работат и надвор од туристичката сезона.
„За оваа мерка се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари, или околу еден милион евра, за над 3.500 ваучери. Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица што се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари, што значи една просечна плата и една минимална плата. Потврдата за одмор на работници со ниски примања ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб-страницата на Министерството за економија. Потврдата за одмор на работници со ниски примања ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година“, рече министерот Бектеши.
Тој ги повика семејствата со ниски примања да ги следат објавите на веб-страницата на Министерството, каде што ќе бидат објавени детали за потребната документација.
Од Министерството очекуваат овој повик да ги надмине предвидувањата и очекувањата оти од ковид-кризата оваа мерка придонела за континуирано зголемување на бројот на домашни и странски туристи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Претходната власт трошела расипнички, но во првите 100 дена ние покажавме домаќинско работење и ги враќаме долговите
„Со реорганизација на Буџетот во овие први 100 дена, ако ја споредиме фактичката состојба којашто ја наследивме како Влада, од минус 200 милиони евра или отприлика минус 12 милијарди денари, можам да кажам дека веќе овој месец очекуваме да бидеме на позитивна нула.
А, што се однесува до институциите, надвор од Владините институции, министерствата, останатите претпријатија, можам да кажам дека во моментот АД ЕСМ има евидентирани долгови отприлика нешто повеќе од 5 милијарди денари, тоа е нешто над 80 милиони евра и се работи на санирање и намалување на истите. Фондот за здравство е исто така околу 5 милијарди денари, веќе 2 милијарди денари ќе бидат вратени овој месец, ќе бидат вратени оваа година. Ќе се обидеме во следната година целосно да дојдеме до состојба нула, затоа што кога сме во состојба нула и кога не барате одложено плаќање, тогаш и оние коишто ги испорачуваат оние лекарства коишто се потребни за пациентите, ќе бидат поевтини и поквалитетни.
Но тоа не е сѐ, тука се оние јавни претпријатија коишто е Национални шуми, Водостопанство, каде што долговите беа речи си милијарда денари, само по основ на плати беа близу половина милијарда. Или ако сѐ се собере можам да кажам дека, не само што го беа потрошиле Буџетот за помалку од половина година, туку и долговите кои што беа големи се бројат во, она коешто го затекнавме се брои отприлика околу една милијарда евра, нешто коешто претставува историски највисоко ниво на долгови коешто една Влада го наследила.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со долговите на институциите и колку истите во првите 100 дена Владата успеала да ги врати и додаде:
„Но нема очајување, тоа е што е, сега сме се нафатиле за оваа работа, сме ја добиле довербата од граѓаните, работиме многу и ќе продолжиме да работиме. Сите го знаат тоа, не е некоја тајна коешто ова го зборувам јас денеска, ако беа добри немаше сигурно да бидеме ние тука, така што ќе продолжиме да работиме и да ги потсетуваме граѓаните каква лоша и очајна состојба оставија, но истовремено мора да дадеме сѐ од себе за да, или вака да го кажам тоа спортски, да го ставиме срцето на терен за да излеземе од оваа ситуација и мислам дека до крајот на оваа година ќе можеме да кажеме дека сме излегле од оваа ситуација.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.
Економија
УСЈЕ го претстави својот напреден пристап во примената на вештачката интелигенција на AI Tech Summit 2024
ТИТАН УСЈЕ го презентираше иновативните решенија во примената на вештачката интелигенција на годинешниот AI Tech Summit, кој на едно место собра водечки светски компании и експерти од областа на напредни технологии и вештачка интелигенција. Самитот кој се одржа во Скопје е еден од најзначајните настани на оваа тема во Југоисточна Европа, а ги обединува технолошките иноватори, истражувачи и деловни лидери кои ги презентираат најновите достигнувања во примената на вештачката интелигенција во различни индустрии.
Панагиотис Маргарис, директорот за дигитални решенија на групацијата ТИТАН, која раководи со 14 цементарници во Северна и Јужна Америка, Африка и во Југоисточна Европа, ја претстави стратегијата на ТИТАН за имплементација на оперативен модел од следната генерација преку дигитална трансформација кој групацијата го имплементира постапно во сите свои цементарници. „Покрај другите бенефити, иновативните технолошки решенија и вештачката интелигенција ни овозможуваат високо ефикасен модел за користење на обновливата енергија, зелената инфраструктура, практиките од циркуларната економија и дигитална оптимизација, со крајна цел за декарбонизација на производството на цемент. Овој процес е управуван од централизирана експертиза од светска класа, а егзекуцијата успешно ја спроведуваат локалните експертски тимови. Горди сме што прераснуваме во еден од предводниците во секторот во однос на спроведувањето на иновативни дигитални решенија со примена на ВИ во секојдневното работење“, објасни Маргарис.
Во рамки на оваа стратегија на групацијата тимот на Цементарницата УСЈЕ во соработка со тимот за дигитализација на групацијата имплементираше автономен систем за оптимизација на производството во реално време – пионерско решение во цементната индустрија, кое понатаму се воведува во сите цементарници на групацијата. „Со користење на иновативните технологии и вештачката интелигенција успеавме да ја максимизираме пропусната моќ во производството, во исто време намалувајќи ја потрошувачката на енергија и подобрувајќи го квалитетот на конечниот производ. Конечно, постигнавме значајно намалување на емисиите на CO2, што е стратешка определба на нашата групација“, истакна Дејан Величковски, менаџер за дигитализација, ИТ инфраструктура и безбедност во Цементарница УСЈЕ.
Со учеството на овој значаен настан, ТИТАН УСЈЕ уште еднаш ја потврди својата посветеност на иновациите, ефикасноста и одржливоста, користејќи ги најсовремените технологии за подобрување на производните процеси и за намалување на влијанието врз животната средина.
На самитот учествуваа претставници на гиганти како Google, Microsoft, Amazon, NVIDIA, Netflix, како и голем број регионални и глобални технолошки компании. Нивните претставувања го истакнаа огромниот потенцијал на вештачката интелигенција за трансформација на различни сектори како ИТ, финансии, здравство, производство, забава и многу други. AI Tech Summit претставува важна платформа за регионално вмрежување и соработка меѓу професионалци од индустриите, истовремено овозможувајќи дискусии за иднината на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз глобалната економија.
ПР
Економија
Николоски-Варади: отворено прашањето за новиот јавен повик за финансиска поддршка за нови дестинации до и од Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот во Охрид
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со извршниот директор на Визер, Јозеф Варади.
На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу Визер како корисник на финансиската поддршка за воведување на авиолини и Владата на Република Северна Македонија која ја реализира оваа мерка со цел поттикнување и унапредување на авиосообраќајот во земјата.
Исто така на средбата министерот Николоски го отвори и прашањето за новиот јавен повик за финансиска поддршка за нови дестинации до/од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година.
Министерот детално информираше за условите и критериумите од јавниот повик, потенцирајќи го придонесот на авиокомпанијата Визер за развој на патничкиот ависообраќај во изминатиот период.
На средбата тој истакна дека јавниот повик е отворен за сите авиокомпании кои се заинтересриани да работат на македонскиот пазар под услови пропишани од јавниот повик.
Јавниот повик трае до 7 октомври и во рамките на тригодишната програма предвидено е финансиска поддршка во висина од 360 милиони денари. Покрај другите услови, предвидено е износот на финансиската поддршка да изнесува 9 евра по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 12 евра по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.