Економија
Бесими: Вториот ребаланс на буџетот обезбеди средства за четвртиот пакет мерки
Вториот ребаланс на буџетот е ребаланс за спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија, за кога кризата ќе заврши да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими, презентирајќи го вториот ребаланс на буџет.
Со вториот ребаланс се ревидира економскиот резултат за 2020 година на -4,4%. Како што беше истакнато, доколку не се преземеа пакетите мерки, падот веројатно ќе беше повисок.
Приходната страна на буџетот со ребалансот останува иста, односно од 196,4 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, додека расходната страна се проширува на 253 милијарди денари или за 4,2%, односно за 10,1 милијарди денари повисоки во однос на ребалансот, со кои ќе се финансираат дел од мерките. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4% од БДП.
„Овие средства се распределени во буџетите на соодветните министерства и институции надлежни за имплементација на владините мерки преку посебна владина Потпрограма П1- мерки за справување со корона-кризата. За финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор се предвидени 70 милиони евра, за домашна платежна картичка за ранливи категории од Ковид-19 27 милиони евра, за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња 6,7 милиони евра, за поддршка на дејноста туристички водич 160.000 евра, за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања 2 милиони евра, за македонски викенд-шопинг со Мој ДДВ 17 милиони евра, за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка 13 милиони евра и за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби 5,5 милиони евра“ – вели министерот за финансии.
Кратења има кај расходите за стоки и услуги се планирани во износ за 1 милијарди денарии кај капиталните расходи 1,2 милијарди денари, притоа капиталните расходи на ниво на основниот буџет се на исто ниво.
Во однос на финансирањето на дефицитот, ново задолжување кон странство нема да има. Проширувањето на дефицитот ќе се финансира во одреден дел од депозитите на државата и дел преку државни хартии од вредност.
Инаку, реализацијата на буџетот заклучно со септември, на приходната страна изнесува 136 милијарди денари или 69,1% во однос на планираните приходи за 2020 година со ребалансот од мај, што е за 4,9% помалку во однос на истиот период од лани. Реализацијата на расходната страна изнесува 171,9 милијарди денари, што претставува 70,5% во однос на годишно планираниот износ со првиот ребаланс, или за 10,7% повеќе во однос на лани. Согласно ова во периодот јануари-септември 2020 година остварен е дефицит на буџетот на Република Северна Македонија во висина од 35,8 милијарди денари или 5,3% од БДП. Според овие податоци, реализацијата на буџетот одеше согласно планот, но со носење на четвртиот пакет мерки кој е во насока на поттикнување на економската активност и поддршка на фирмите и на граѓаните се јави потреба за финансирање на истите, а со тоа и преструктуирање на позициите во буџетот и обезбедување дополнителни финансии, посочи министерот за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

