Економија
Бесими: Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита
Преку четирите столба – економско заздравување од Ковид-19; забрзан, инклузивен и одржлив економски раст; зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности, ќе се спроведе Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст на македонската економија. Преку стратегијата, но и преку политиките за фискална консолидација и среднорочниот план за јавни инвестиции, ќе се дејствува во насока на одржување на здравјето на граѓаните, економијата и општеството, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими, на почетокот на расправата за предлог-буџетот за 2021 година на Комисијата за финансирање и буџет.
„Новина во овој буџет е неговата петгодишна рамка 2021-2025 и покрај предизвиците и непознавањето што ги носи кризата предизвикана од Ковид-19 и се заснова на АБЦ-то на овие три среднорочни платформи: А. Фискална консолидација 2021-2025 година, Б. Попаметен раст 2021-2025 стратегија за закрепнување на економијата и одржлив раст и Ц. План за јавни инвестиции 2021-2025 година. Со ова нашата главна цел е на среден рок да го забрзаме економскиот раст од 2 до 2,5 %, која во последната деценија била на 4-5 % просечен годишен раст во следните пет години, притоа да постигнеме фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст“, рече Бесими.
Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места, посочи министерот за финансии. Предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, кои ќе бидат во насока на добро управување, владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Исто така, обезбедување фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност. Обезбедување и локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги. Истовремено, ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму, ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството, рече Бесими.
„Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување“, додаде Бесими и дополни дека со политиките и мерките што ќе се спроведат во рамките на Стратегијата за ревитализација и забрзан раст или попаметен раст – Smarter growth, ќе се придонесе кон реализација на целта за побрз и одржлив економски раст – двојно повисок во однос на просекот во изминатите десет години.
Бесими посочи дека ќе се врши и постепена фискална консолидација, со која буџетскиот дефицит веќе в година ќе се намали 3,6-процентни поени.
Вкупните приходи на буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и тие се 8,3 отсто повисоки во однос на вториот ребаланс во 2020 година, а расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или 2,1 отсто пониско во однос на вториот ребаланс во 2020 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари или 3,6-процентни поени понизок во однос на проектираното со вториот ребаланс од 2020.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

