Економија
Битиќи – Јанакакис: Со почитување на договорот од Преспа да ја унапредуваме економската соработка
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со амбасадорот на Грција, Димитрис Јанакакис, со кого разговараа за тековната економска соработка помеѓу двете соседни земји и за проекти со кои дополнително ќе се унапреди соработката.
Амбасадорот Јанакакис посочи дека нашата земја може да очекува поддршка од Република Грција во имплементирање на реформите потребни за остварување на евроинтеграциските процеси и нагласи дека во интерес на Грција и на целиот регион е Северна Македонија да биде членка на Европската Унија.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Јанакакис разговараа и за спроведување на договорот од Преспа, при што се заложија дека двете страни ќе ги почитуваат обврските што произлегуваат од договорот и дека тоа ќе придонесе за унапредување на меѓусебната соработка, особено во економијата, што позитивно ќе влијае на животниот стандард на граѓаните.
Вицепремиерот констатира дека двете земји континуирано остваруваат солидна економска соработка. Грција со години е во првите пет земји во однос на нивото на вкупната трговска размена и трета земја според нивото на странски директни инвестиции, што значи дека економските односи се на високо ниво.
Реформите што ќе се спроведат во насока на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, како и меѓусебното почитување на обврските од преспанскиот договор, ќе придонесат дополнително да се зајакнат односите помеѓу двете земји и уште повеќе да се засили економската соработка, посочи Битиќи на средбата и додаде дека очекува уште повисоко ниво на трговска размена помеѓу компаниите од двете земји, но и реализација на инвестиции на двете страни.
На состанокот се разговараше и за изградба на интеконективниот гасовод помеѓу Грција и Северна Македонија, со кој ќе се зголемат конкурентноста и сигурноста во снабдување на нашата земја со природен гас, но и ќе се влијае на подобрување на конкурентноста на стопанството генерално во регионот, при што Северна Македонија ќе стане енергетски центар на Балканот, преку кој со гас би се снабдувале и другите соседни држави.
Во разговор со амбасадорот Јанакакис, вицепремиерот посочи дека Владата во периодот што следува силно ќе се посвети на дигитализација и поедноставување на процедурите во администрацијата, како и за поддршка на технолошкиот развој на стопанството, и рече дека за тој процес од исклучителна важност ќе биде искуството и знаењето што го поседуваат институциите од Република Грција. Северна Македонија е на европскиот пат, а искуствата за намалување на бирократските процедури, зголемување на транспарентноста на трошењето на народните пари, како и начините за сузбивање на корупција што ги има Грција, ќе бидат добредојдени во ефикасно и ефективно спроведување на реформите.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Јанакакис се согласија дека двете земји треба да продолжат да ги одржуваат добрите односи и да работат на унапредување на економската соработка, која е во интерес на сите граѓани во двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

