Економија
Бочварски: Распишан е нов јавен повик за реконструкција на 35 локални улици во 21 општина

Министерството за транспорт и врски го објави вториот јавен повик за реконструкција на локални улици и патишта во рамки на проектот „Поврзување со локални патишта“. Со овој јавен повик опфатени се вкупно 35 локални улици во 21 општина и во градот Скопје со вкупна должина од 35,5 километри и вредност од речиси 7 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Во рамките на овој јавен повик опфатена е реконструкција на локални патишта во избрани општини во согласност со изработени основни проекти, доставени до Министерството за транспорт и врски, а одобрени од Светската банка. Рокот за доставување понуди е 8 април 2021 година
„Ова е еден од најзначајните проекти со вкупна вредност од 70 милиони евра што го реализираме преку Министерството за транспорт и врски, а кој се однесува на реконструкција и санација на локалните улици и патишта во општините во Република Северна Македонија. Во оваа втора фаза опфатени се локални улици и патишта во 21 општина и во градот Скопје, кои до Министерството за транспорт и врски доставија комплетна техничка документација. Тоа што сакам да потенцирам, пред извесен период ги склучивме договорите од првата фаза или тендер 1 во рамките на овој ист проект и кон крајот на овој месец почнуваме со реконструкција на 27 улици во 17 општини за што инвестираме 4,4 милиони евра“, изјави Бочварски.
Тој потенцира дека во двете фази заедно опфатени се вкупно 62 локални улици или инвестиција од над 11 милиони евра.
„Веќе работиме и на тендер 3 од овој проект, прибираме проекти од општините, заеднички работиме на нивно усогласување во согласност со правилата на Светската банка. Во однос на распределените средства, веќе информиравме дека висината на распределните средства не е иста за секоја општина и таа е утврдена во согласност со методологија воспоставена заедно со Светската банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површина на општината и бројот на регистрирани моторни возила во општината“, истакна министерот Бочварски.
Тој додаде дека овој проект е од голема важност за општините бидејќи општините добиваат неповратни средства за реконструкција на локални улици и патишта, кои се приоритетни за граѓаните, и ги повика општините навремено да доставуваат готови проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Судот ги прогласи царините за незаконски, но Трамп тврди дека остануваат во сила

Американски апелациски суд во Вашингтон пресуди дека поголемиот дел од царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе во текот на својот втор мандат се незаконски.
Судот се занимаваше со законитоста на т.н. „реципрочни“ царини кои Трамп ги воведе во февруари против Кина, Канада и Мексико, а во април и кон повеќето други земји ширум светот. Одлуката не се однесува на царините воведени врз основа на други законски овластувања, како што се царините за увоз на челик и алуминиум.
Трамп воведувањето на царините го оправда со Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (ИЕЕПА), кој му дава овластувања за справување со „необични и вонредни“ закани за време на национални вонредни состојби. Во април, тој прогласи национална вонредна состојба поради долгогодишниот трговски дефицит, тврдејќи дека увозот надвишува извозот и дека тоа ја поткопува американската индустрија и воената подготвеност.
Апелацискиот суд пресуди во два случаи – еден што го покренаа пет мали американски компании и другиот што го поднесоа 12 американски сојузни држави предводени од демократите. Тие тврдат дека ИЕЕПА не овозможува воведување царини и дека спорното овластување му припаѓа на Конгресот, а не на претседателот.
Други судови, вклучувајќи го и Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, веќе пресудија дека Трамп ги надминал своите овластувања со воведувањето на царините. Најмалку осум тужби ја оспоруваат царинската политика на Трамп, вклучувајќи и една од Калифорнија.
По пресудата, Трамп преку социјалните мрежи порача дека царините остануваат во сила, и оцени дека Апелацискиот суд бил „високо пристрасен“ и неточен.
„Сите царини остануваат во сила! Денеска еден високо пристрасен Апелациски суд неточно рече дека нашите царини треба да бидат укинати, но тие знаат дека Соединетите Американски Држави на крајот ќе победат“, напиша Трамп.
Економија
Македонија ќе биде транзитен мост на Балканот и дел од европските коридори, велат од Вреди

Вреди соопшти дека изградбата на Железничкиот Коридор 8 претставува историски чекор, не само за инфраструктурниот развој, туку и за регионалната интеграција и зајакнувањето на позицијата на Албанците во регионот.
„Коридорот 8 не е само железничка линија, тоа е големата артерија што ги обединува Албанците и отвора нови хоризонти за развој на целата земја“, порачуваат од партијата.
Владата во која партиципира и Вреди ја донесе одлуката за спроведување на договорот за грант во износ од 3,7 милиони евра, обезбедени од Европската инвестициска банка. Средствата ќе се искористат за подготовка на нова проектна документација и постапки за тендерирање. Паралелно, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура започнува избор на надзор за изградбата, со што се гарантира ефикасност и транспарентност во процесот.
Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, нагласи дека железничките проекти се двигател на економскиот развој и интеграцијата во Европа.
„Нашето целосно залагање е насочено кон тоа железницата да стане мотор на поврзувањето – економски, регионално и национално. Со Коридорот 8 ја градиме иднината на сите граѓани“, изјави таа.
Од Вреди порачуваат дека со оваа динамика, железницата повеќе не е само план, туку реалност што ќе ги поврзе Скопје со Тирана и Драч, правејќи ја Македонија суштински дел од европските транспортни коридори и мост на соработка меѓу Албанците, каде и да живеат.
„Ова е визијата на Вреди, силна држава, економски конкурентна, модерна и неразделно поврзана со Албанија и Европа. Железничките коридори не се само линии на мапа, тие се артерии на развој кои ќе ја хранат иднината на Албанците и на сите граѓани со децении“, стои во соопштението.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Со нас народот живее подобро, платите растат, инфлацијата се топи

Со ВМРО-ДПМНЕ на власт граѓаните имаат повеќе пари, платите растат, а инфлацијата е стабилизирана, пишува во денешното соопштение на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека економските мерки кои се спроведуваат даваат конкретни резултати и носат подобар животен стандард за сите граѓани.
„Полека, но сигурно, економијата оживува. Производството расте, платите се зголемуваат, инфлацијата е ставена под контрола. Граѓаните денес имаат повеќе пари и со тоа купуваат повеќе. Тоа не се само бројки, тоа е реалност што ја чувствува секое семејство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, во само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, реалната плата пораснала двојно повеќе отколку за седум години власт на СДСМ.
„Растот на реалната плата за периодот од јули 2024 до јули 2025 година е 6,7 проценти, додека за времето на СДС – од јули 2017 до јули 2024 – изнесуваше само 3,5 проценти. Тоа јасно покажува кој работи за граѓаните, а кој за својата политичка елита“, додаваат од партијата.
Во исто време, инфлацијата е намалена за цели 30 проценти. Просечната стапка во последната година е 3,6%, додека во времето на СДСМ таа изнесувала 4,8%.
„Ова се факти кои никој не може да ги оспори. Граѓаните денес имаат повисока куповна моќ, живеат подобро, а државата оди напред. За разлика од времето на СДСМ, кога добро живееја само тендерашите и нивната политичка елита, денес резултатите ги чувствува секој граѓанин“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.