Економија
(Видео) Владата: Обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје

Владата на Република Северна Македонија обезбеди 70 милиони евра грант од ЕУ за финансирање на проектот за изградба на пречистителна станица во градот Скопје. Договорот за грант, кој се обезбедува од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), го потпишаа денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, и заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова. На потпишувањето на договорот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Станува збор за средства што се надополнување на обезбедените финансиски средства за реализација на овој проект од страна на ЕИБ во износ од 68 милиони евра и 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Вкупната финансиска конструкција за реализација на овој проект, чија имплементација е во надлежност на Градот Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ е 197,2 милиони евра.
Според вицепремиерот Маричиќ, овој проект е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на Република Северна Македонија.
„Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живеење на сите наши граѓани“, рече Маричиќ додавајќи дека проектот дава значаен и мерлив придонес за подобрување на урбаната средина на град Скопје за подобрување на квалитетот на услугите за третман на отпадните води и во исполнување на европските стандарди.
Маричиќ посочи дека со ваков тип на проекти ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, потенцира дека договорот што денеска го потпишуваме е чекор поблиску на Република Северна Македонија во остварување на ЕУ-перспективата и приклучување во европското семејство.
„Република Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ и активностите на тој пат добиваат забрзана динамика. Паралелно со тоа и реформите за носење на Европа дома на имплементација на европските стандарди во секојднeвието забрзано се одвиваат. Покрај активностите за усогласување со европското законодавство, што е дел од овој процес, активно се работи и на значајни инфраструктурни проекти, кои ќе дадат придонес во севкупниот развој и раст на економијата. Дефинираните стратешки проекти се препознаени од ЕУ за што Република Северна Македонија досега има добиено грантови средства во износ од 462 милиона евра во имплементацијата на 29 проекти, кои имаат проценета инвестициска вредност од 2,6 милијарди евра“, рече министерот Бесими.
Министерката Шукова потенцира дека Владата со овој договор ја затвора финансиската конструкција и овозможува почнување на изградбата на пречистителната станица за отпадните води за град Скопје.
„По обезбедувањето на финансиите, рече таа, останува обврската на Град Скопје да го доврши процесот на експропријација и заедно со Општина Гази Баба да ја заврши урбанистичко-планската документација и потпишување на договорите за градба и надзор од страна на директорот на ЈП ‘Водовод и канализација’. Ова е предизвикувачки процес, кој бара голема координација на сите инволвирани страни. Но, да, ние сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Овој проект е над сите политички интереси и императив доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Евроамбасадорот Гир потеницра дека патот кон ЕУ претставува процес на трансформација, но и на подобрување на животот и на животниот стандард. „Инвестицијата на ‘Тим Европа’ во пречистителната станица во Скопје е практичен пример токму за ова. Пречистителната станица ќе може безбедно да ги третира и пречистува отпадните води генерирани од страна на речиси една третина од населението во земјата. Тоа ќе придонесе и за позелена европска иднина на оваа земја“, рече евроамбасадорот Гир.
„Исклучително сме горди што можеме да обезбедиме ваков вид поддршка за Северна Македонија во време на пролонгирана криза и сериозни предизвици. Потпишувањето на овој грант е силен показател за пристапот на ‘Тим Европа’ и заложбата на ЕУ во однос на вашата земја на патот кон европската и регионалната интеграција, во исто време овозможувајќи и подобар животен стандард за сите. Со спроведувањето на овој проект се очекува значително унапредување на животната средина, како и здравствени придобивки, а воедно ќе се придонесе кон заштита на животната средина и достигнување на климатските таргети“, истакна заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, надлежна за активностите во Северна Македонија.
Договорот што се потпиша денеска е надополнување на богатото портфолио на инвестиции што се реализирани со поддршка од ЕИБ во износ од 1,16 милијарда евра. 277 милиони евра е вредноста на инвестициите во изградба на модерна транспортна мрежа во земјата, 178 милиони евра за водоводни и канализациски системи и подобар пристап до вода за пиење, како и 64 милиони евра во енергетиката. Во моментот во јавниот сектор се финансираат од страна на ЕИБ проекти во износ од 147 милиони евра, а вредноста на инвестициски грантови од ВБИФ добиени со поддршка од ЕИБ изнесува 82,2 милиона евра. Реализација на капитални инвестиции, кои Република Северна Македонија ќе ја доближат до ЕУ, се меѓу клучните приоритети, а за тоа потврда е испланираната сума за инфраструктурни проекти во буџетот во износ од 800 милиони евра.
Со потпишување на договорот за грант од ЕУ за пречистителната станица денеска се одбележува Светскиот ден на водите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Ковачевски на тркалезна маса за енергетика: Македонија станува зелен енергетски центар

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Како што наведуваат од кабинетот на Ковачевски, тој ги истакнал чекорите кои Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Економија
Од денеска нови летови од Охрид кон Лондон и Манчестер

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска, на Меѓународниот аеродром „Св. апостол Павле“ во Охрид присуствуваше на воспоставување две нови авиолинии од охридскиот аеродром, и тоа кон Лондон и Манчестер.
„Задоволство ми е што сум присутен на аеродромот ‘Св. апостол Павле’ во Охрид, каде што од денеска воспоставуваме две нови авиолинии, односно го поврзуваме Охрид со две нови дестинации во Англија, и тоа до аеродромите во Лондон и Манчестер. За нас, Охрид, како најголем туристички центар на Северна Македонија, ни е многу важен и затоа нашите политики се токму во насока на обезбедување негов забрзан развој. Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој. Ова е само уште една потврда на заедничките заложби на Владата и на ТАВ да ги развиваме капацитетите на двата наши аеродрома, притоа да создаваме услови за нови авиолинии и, генерално, да го развиеме авиосообраќајот во земјата“, изјави министерот Бочварски.
Тој исто така истакна дека и оваа година, како и минатата 2022, забележан е позитивен тренд на раст на авиосообраќајот во земјава.
„Во првите четири месеци од годинава имаме раст на бројот на патници за 44% повеќе во споредба со минатата година или раст од 11% во споредба со 2019 година кога беше најдобра година со најголем број на превезени патници. Конкретно за охридскиот аеродром Св. Апостол Павле имаме раст на бројот на патници од преку 30% во споредба со минатата година. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување на квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја“ потенцираше министерот Бочварски.
Економија
Ковачевски и во Братислава зборуваше за стандардот во Југославија

Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни членки на ЕУ, рече премиерот Димитар Ковачевски на форумот на „Глобсек 2023“: „Економски силен Балкан само со членство во ЕУ“.
„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија и Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка, сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие, е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски, зависи од начинот на кој ќе се спроведува“, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.
Премиерот и пред неколку дена во Скопје говореше за југословенскиот стандард кажувајќи дека ќе им го врати на граѓаните.
По средбата со сенаторот Крис Марфи пред неколку дена Ковачевски рече: „Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка, и од Чешка, и од Романија, и од Полска, и од Бугарија и од сите земји што станаа членки на Европската Унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард. Тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката од нашите стратешки партнери, пред сè, САД и земјите членки на ЕУ“.
На форумот Ковачевски заклучи дека стратешката грешка што ЕУ ја направила пред пет години со ветото не може да се реши за 5 минути.