Економија
(Видео) Заев: Се реализира најголемата инвестиција во историјата на македонската економија – 69 ветерници од 500 милиони евра на германската WPD

Германската компанија WPD ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка, во вредност од речиси 500 милиони евра. Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата, во присуство на амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, како и претставници на менаџментот на компанијата, истакна дека ова не е само најголемата германска инвестиција во земјата, тука ова е најголемата директна гринфилд-инвестиција во македонската економија воопшто, од независноста до денес.
„Ова се придобивките од Законот за стратешките инвестиции. Големите инвеститори ги препознаваат економските можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во Северна Македонија. Ќе се гради ветерен парк со име ‘Вирови’, кој ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија. Колку за споредба, станува збор за капацитет што го имаат двата блока на инсталиран капацитет од РЕК ‘Битола’ во најдобрите години. На полињата на потегот од Куманово кон Крива Паланка ќе бидат поставени 69 нови ветерни турбини, што е четири пати повеќе од досегашните 16 што ги гледаме на границата со Грција и, најважно, ветерници што ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер. Во зеленото сценарио најбрзорастечки технологии се токму фотонапонските и ветерните електрани и во нашата стратегија се предвидени околу 1.500 мегавати фотонапонски електрани и околу 700 мегавати ветерни електрани. Нема сомнеж, најголемата инвестиција во историјата на македонската инвестиција е доказ дека зеленото сценарио и тоа како е возможно. Овој проект е повеќе од половина од тие 700 мегавати предвидени во нашата стратегија и заедно со веќе изградената кај Богданци и со издадените досегашни овластувања од Владата бројката поминува над 600 мегавати, што е 85 проценти од предвидените во стратегијата“, изјави премиерот Заев и додаде дека ветерниот парк „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата. Ова значи и снабдување на 290.000 домаќинства со електрична енергија, а инвестицијата ќе се одвива во неколку фази.
Андреас Бјрон Шолет, овластен претставник на WPD Европа, истакна дека потврдувањето на статусот на стратешка инвестиција од страна на Владата на Северна Македонија е важен чекор кон реализација на ветерниот парк „Вирови“, кој ќе има повеќе од 400 мегавати инсталиран капацитет, а инвестицијата се очекува да надмине половина милијарда евра.
„Се одлучивме за инвестирање поради поддршката на Владата и заедничката синергија на целите на WPD и стратегијата на Северна Македонија за енергетска транзиција. Преку успешното деловно работење ветерниот парк ‘Вирови’ ќе придонесе кон националниот и локалните буџети преку издавање земјиште и даноци, а системот од 69 ветерни турбини ќе користи вешти локални работници за техничко и оперативно управување и во текот на проектот, постојано ќе се ангажираат надворешни локални доставувачи во разни сектори. Во текот на градежната фаза ќе инвестираме во подобрување на инфраструктурата, вклучително и капацитети за пренос на енергија и патишта, овозможување пристап до некои од подалечните области и нивното приспособување на земјоделство и земјоделски развој“, рече Шолет.
Амбасадорката Холштајн истакна дека соработката меѓу Северна Македонија и Германија се зголемува со овој проект кој ќе ја потпомогне енергетската транзиција на државата и ќе овозможи пристапна чиста енергија.
„Владата оди во добра насока: привлекува странски директни инвестиции, кои создаваат производствени капацитети за обновливи енергии и паралелно со давањето поддршка и на државниот производител ЕСМ за позелени инвестиции. Дуалниот пристап дозволува зелена транзиција на енергетскиот сектор со давачки што се прифатливи за македонските потрошувачи.
Инвестициите, како оваа на WPD, значително го зголемуваат уделот на обновливите извори во енергетиката, ја подобруваат конкурентноста на јавниот снабдувач ЕСМ во регионот и го намалуваат загадувањето, што е од особена корист за граѓаните и за сите други“, рече Холштајн.
Kомпанијата WPD работи во 28 земји во светот со над 5.000 мегавати инсталиран капацитет во обновливи извори на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ЕСМ склучи договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за февруари

„ЕСМ продажба“ потпиша договор за набавка на природен гас за февруари 2023 за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од ЕСМ, на јавниот повик, кој беше достапен за сите домашни и странски компании, пристигнале две понуди – фирмата „Актаел“ со понуда од 99,83 eвра/MWh, а фирмата „Балкан јутилитис“ со понуда од 98,71 евра/MWh.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации што би произлегле од цената на гасот на берзите во моментот, но во берзанската цена не се пресметани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот, кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака“, соопштија од компанијата.
Со оваа набавка, како што појаснуваат, во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за други потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, додаваат од ЕСМ.
Јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година ќе биде спроведен во текот на февруари.
Економија
Нов салон на „Прима“ во Ѓорче Петров – нов центар за модерен и квалитетен мебел

Со новиот салон на „Прима“, населбата Ѓорче Петров станува нова дестинација за модерен и квалитетен мебел во Скопје и пошироко.
Познавајќи ја досегашната работа на „Прима“ како најголем производител на мебел на овие простори, новиот салон ќе биде место во кое се прикажуваат сите новитети во делот на нивниот оригинално дизајниран мебел, како и сите вредности кон кои се стремат во „Прима“: извонреден квалитет, модуларност, модерен дизајн, како и ред други услуги, со што се блиску до сите оние што сакаат модерен, едноставен и практичен начин на уредување на домот.
„Прима“ во своето портфолио нуди мебел за секоја просторија во домот: претсобје, дневен престој, трпезарии, кујни, детски и спални соби, како и целосна програма за спиење, со што, според зборовите на менаџерскиот тим, ја покажува својата цел да им излезе во пресрет на потребите и желбите на своите купувачи, особено на оние од помладата популација.
Дополнителна вредност на ребрендираната „Прима“ е најновата услуга што ја нуди, а тоа е дизајнирање на ентериерот, што секој заинтересиран купувач може да ја добие во најблискиот салон добивајќи решенија што одговараат на просторот и индивидуалните идеи на клиентите.
ПР
Економија
Во Швајцарија нагло забави извозот на накит, зголемен извозот на часовници

Трговскиот биланс на Швајцарија за 2022 година покажа четвртина помал суфицит од претходната година бидејќи увозот пораснал многу повеќе од извозот, покажаа денеска податоците на Федералната царинска управа.
Трговскиот суфицит од размената на Швајцарија со светот минатата година изнесувала 43,5 милијарди швајцарски франци (47,3 милијарди долари) и бил 25,6 отсто помал од 2021 година.
Извозот реално пораснал само 0,1 отсто по скокот од 9,5 отсто во 2021 година.
Номинално, извозот е зголемен 7,2 отсто, поддржан од постојано зголемување на цените, а увозот дури 16,8 отсто, покажуваат податоците на Царинската управа. Послабиот раст на извозот во 2022 година во голема мера го одразува падот на извозот на возила од 6,9 проценти. Намалени се и испораките на хемикалии и лекови, и тоа 4,4 отсто.
Растот на извозот на накит нагло забави, на 21,3 отсто, од 38 отсто во претходната година, што значително се одрази на вкупните извозни резултати во 2022 година.
Во последните три месеци од минатата година вкупниот трговски суфицит е намален 11,3 отсто во однос на претходните три месеци и се лизна на 7,1 милијарди франци. Истовремено, извозот е намален реално 1,8 отсто, а увозот 0,4 отсто.
На самиот крај на годината закрепна извозот и бележи пораст од 5,7 отсто во однос на ноември кога бележи пад од 2,7 отсто. Увозот, пак, е зголемен за првпат по три месеци и е за 0,3 отсто поголем во однос на ноември.
Извозот на часовници скокна 5,8 отсто на годишно ниво во декември и ја скрши границата од две милијарди франци, што никогаш претходно не се случило на крајот на годината, покажаа податоците од Швајцарската асоцијација за индустрија на часовници.
Во 2022 година Швајцарија извезла часовници во вредност од 24,8 милијарди франци, што е 11,4 отсто повеќе од претходната година, објави здружението.