Економија
(Видео) Заев: Спроведуваме политики што обезбедија стабилност и раст и во услови на Ковид-19

Западен Балкан во постковид-светот: Кој е вистинскиот пат до стабилност и просперитет?, е темата на самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист“.
Самитот го отвори премиерот Зоран Заев и зборувајќи за идните чекори до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, социјалната кохезија, финансиските системи, бизнис-партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ.
„На самитот на ‘Економист’ во Атина, што се одржа во јули оваа година, ја истакнав важноста од економски просперитетен Балкан на 21 век интегриран во Европската Унија. Тоа се постигнува исклучиво со заедничка соработка со државите од регионот, Европската Унија, САД и сите пријателски држави, со посветена работа и верба во подобра иднина.
Заев истакна оти се гордее што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО.
„Тоа значи сигурност и безбедност, како и можност за економски развој, инвестиции и економски просперитет. Нашата држава ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од страна на Европската комисија. Им се заблагодарувам на сите држави членки на ЕУ, кои ни ја даваат безрезервната поддршка во овој процес, а посебна благодарност за премиерот на Грција за поддршката, особено во последните неколку месеци и за континуираната поддршка на САД“, рече Заев.
На самитот, истакна Заев, ќе се разговара за теми што ги засегаат Северна Македонија, Западен Балкан, како и светот, особено кога станува збор за економски напредок во постковид-периодот, стабилност, подобар стандард и економски развој.
„Ќе ги чуеме очекувањата за ЕУ и Западен Балкан и што ќе имаме можност да разговараме за предизвиците во постковид-економијата со кои сите ние се соочуваме. Важно е и да слушнеме за безбедносните предизвици и контекстот на безбедносната политика, како и приоритетите на САД за Западен Балкан“, истакна Заев.
Тој повтори дека Владата посветено работи на економскиот развој на државата, на отворање нови и подобри платени работни места, преку нови вложувања од нов карактер и фер пазарни услови за инвестирање како за домашните,така и за странските инвеститори.
„Нашите заложби за креирање предвидлив деловен амбиент, воспоставување механизми за владеење на правото, водење стабилни економски политики и креирање поволни услови за инвестирање се веќе потврдени“, истакна Заев.
Косовскиот премиер, Албин Курти, рече дека е важна заедничката соработка во регионот и јакнење на институциите, ослободени од криминал и корупција. За тоа, рече, Курти, потребни се функционални реформи и владеење на правото.
Тој истакна и дека е важен и социјалниот и економскиот напредк во регионот и тој како социјалдемократ верува во фер економија со еднакви можности за мажите и жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нова цена на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,16 % во однос на одлуката од 6.2.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,271 %, кај дизелот 4,708 %, кај екстра-лесното масло 4,532 % и кај мазутот 0,836 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,104 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 2,50 денара/лит.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 2,00 денара/лит.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „еросупер БС-98“ и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат.
Од 9.2.2023 година, од 00.01 часот. максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ 82,00 (денара/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ 84,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 75,00 (денари/литар)
„Мазут М-1 НС“ 41,411 (денар/килограм)
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 9.2.2023 година.
Економија
(Видео) Шкријељ: 3,2 милиони евра поддршка за граѓаните за справување со енергетската криза

СДСМ преку Владата и институциите што ги предводи продолжува да се грижи за стандардот на сите граѓани преку мерки за помош при справување со последиците од енергетската криза. За таа цел, во буџетот на Министерството за економија обезбедени се 200 милиони денари, односно речиси 3,2 милиони евра. Продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за субвенционирање на сметките за електрична енергија на најранливите категории граѓани за што предвидени се 60 милиони денари или околу еден милион евра, изјави на денешната прес-конференција, Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
Таа додава дека со оваа мерка од 600 до 800 денари месечно ќе се субвенционираат сметките за струја на домаќинствата со ниски примања. Јавниот повик е веќе објавен на официјалната страница на Министерството и сите што ги исполнуваат условите може да аплицираат до крајот на февруари.
Шкријељ наведе дека минатата година преку оваа мерка беа субвенционирани 4.379 домаќинства и исплатени се вкупно 33 милиони денари. Оваа година мерката е проширена со други социјално ранливи категории на лица, како што се корисници на правото на надоместок поради попреченост, самохрани родители, кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, и корисници на право на надомест за телесно оштетување.
Таа додава дека оваа година продолжува и финансиската поддршка за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци. Со ваквите инвестиции во обновливи извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза.
За овие три мерки предвидени се вкупно 70 милиони денари или 1,15 милион евра, рече Шкријељ.
Економија
Кавадарци, „Кожувчанка“ и Фондацијата „Никола Јанчев“ со донација за Турција и Сирија!

Веднаш по потресната вест за настраданите од земјотресите во Турција и Сирија, Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот на општина Кавадарци свикаа седница, на која се обезбедија 900.000 денари помош!
Општина Кавадарци вчеравечер ја одржа вонредната, шеста по ред седница на Советот на Општина Кавадарци, со цел одобрување финансиска помош од буџетот на Општина Кавадарци за погоденото население од земјотресот во Република Турција и Сирија. На почетокот од седницата советниците со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во земјотресот.
Едногласно беше одлучено сума од 600.000 денари да биде уплатена на трансакциската сметка добиена од турската амбасада за настраданите во Р. Турција, а сума од 300.000 денари да биде уплатена на сметката на Црвениот крст на РСМ со намена за настраданите од земјотресот во Сирија.
На седницата градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, информира дека на помошта дополнително ќе се приклучат и компанијата „Кожувчанка“ од Кавадарци и Фондацијата „Никола Јанчев“ испраќајќи денес и утре 10 шлепери со вода за пиење за настраданите. Пет шлепери се донација од „Кожувчанка“ и Фондацијата „Никола Јанчев“, а пет од почесниот конзул на Р. Турција во Битола, господинот Ајдован Адемоски.
На крајот, беше упатен и отворен апел до граѓаните и до сите, до бизнис-секторот, за организирано прибирање финансиска и материјална помош за настраданите подрачја, со напомена дека во медиумите ќе биде објавен списокот на материјални добра што се потребни и кои може да се собираат.
Можеме заедно!
Да помогнеме во овие тешки моменти за Турција и Сирија со својата солидарност и хуманост на дело!
ПР