Економија
(Видео) Ивановски: Изградбата на државната инфраструктура во целосен колапс
СДСМ во последните 5 години третпат формира старо-нова влада и третпат во владината програма ветува изградба на инфраструктурни проекти што во реалноста и не се случуваат ниту, пак, во меѓувреме оние проекти почнати од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ добиле некаков прогрес во нивната реализација, вели Синиша Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ вети изградба на Коридорот 8, тука, пред сѐ, мислат на Тетово – Гостивар, проширување до ниво на автопат, потоа изградба – завршување на автопатот од Кичево – Охрид, како и автопат од Требеништа до Струга и Ќафасан. Потоа ветија железничкото поврзување од Куманово до Крива Паланка, па сѐ до границата со Бугарија, целосна реконструкција и доизградба на Коридорот 10 и неговиот крак 10-Д, тука, пред сѐ, мислат на експресниот пат од Градско до Прилеп, како и автопатот од Прилеп до Битола и понатаму до границата со Грција. И ова сѐ добро звучи на хартија, ова е лесно да се стави во владина програма, но кога ќе дојдеме до оперативно реализирање на ветените инфраструктурни проекти, сфаќаме дека си имаме работа со СДСМ, си имаме работа со нивната нестручност, нивната инертност и нивната неможност да ја градат државната инфраструктура“, нагласи Ивановски.
Македонија, смета Ивановски, ниту има капацитет финансиски во две години да ги изгради или, пак, паралелно да ги гради сите овие инфраструктурни ветувања ниту, пак, има капацитет на градежната оператива во државата за да се направат сите овие делници.
„Како пример ќе наведам еден голем шопинг-мол во Скопје, кој неодамна се градеше, истиот тој сериозно ја подзакочи целата оператива во оваа држава, па затоа, за да се заврши овој шопинг-мол, имаше потреба да се носат градежни екипи од државите до Македонија. И понатаму останува енигма за оваа власт, тие, наместо да работат, ветуваат само завршување, даваат рокови, а првиот беше во 2019 година и не го остварија. Сами дадоа нов рок – 2021 година и, се разбира, и тој е пробиен, а како може да запазиме некој рок, како можеме да реализираме инфраструктурен проект ако на терен не се случуваат никакви градежни активности“, истакна тој.
Оценува дека СДСМ и изградба на државната инфраструктура, која е од интерес на државата, на граѓаните, на економијата, од интерес на туризмот, безбедноста и СДСМ не одат заедно. Меѓутоа, како што додаде, СДСМ и неработење, СДСМ и анекси, пробиени рокови, тоа оди заедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.