Економија
(Видео) Тевдовски: Граѓаните и стопанството ќе имаат бенефит од владината помош за отплаќање на дел од неплатени обврски
Граѓаните и стопанството ќе имаат бенефит од владината помош за отплаќање на дел од натрупаните, а неплатени обврски на локалната самоуправа. Тие ќе можат непречено да ги добиваат општинските услуги, а фирмите ќе може да наплатат дел од своите побарувања, со што ќе се зголеми ликвидноста на стопанството. Владата ќе активира и заштитни механизми, за да не се трупаат нови долгови, реч министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција во Владата, на која присуствуваа и Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Министрите и градоначалниците дадоа поширок осврт за позитивните апсекти од новата мерка планирана во ребалансот на Буџетот за финансиска поддршка од 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови на општините односно 51% од пријавените обврски како и за заштитните механизми предвидени во Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа со кои ќе се воспостави ред во планирањето на општинските буџети.
Министерот Тевдовски рече дека во Министерствто за финансии биле затекнати многу наследени проблеми и последици од недомаќинското работење со јавните финансии изминативе години.
„Наследивме многу проблеми и многу последици од недомаќинското работење со финансиите. Дотогаш немало намера оваа ситуација да се среди. Еден од главните предизвици беа обврските на институциите. На централно ниво имавме обврски од 5.1 милијарди денари, за помалку од една година ги намаливме на 1.5 милијарди денари. Сега тие институции можат нормално да функционираат. Сега им помагаме на општините и на училиштата, градинките и домовите на културата во нивна надлежност“, посочи Министерот Тевдовски.
Министерот за финансии посочи дека главна причина за натрупувањето на неплатени, а доспеани обврски кај општините е нереалното проектирање на буџетите чии приходи биле проектирани нереално високо заради што преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Министерот рече дека Владата воведува механизми со кои ова ќе се спречи во иднина. Општините ќе може да ги проектираат своите приходи со најмногу 10% раст од просечната реализација во последните 3 години.
„Владата со овој чекор за санирање на општинските долгови не тргна со намера да наградува, туку да создаде амбиент, сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да можат да ги добијат услугите кои што општината е должна да им ги обезбеди. Граѓаните не смеат да бидат оштетени“, порача Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.
Минситерот Фазлиу зборуваше за најавените измени на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и рече дека доколку буџетот не биде подготвен во согласност со овие измени нема да биде впишан во трезорот на Министерството за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

