Економија
Владата прераспредели 20 милиони евра буџетски средства за тековни програми

Владата на денешната седница ја донесе Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.
„ Целта на оваа прераспределба, со која се алоцираат нешто повеќе од 1,3 милијарди денари, односно околу 20 милиони евра, е да се обезбедат дополнителни средства за зајакнување на фондот за набавка на вакцини против Ковид-19, за исплата на еднократен паричен надомест за медицински лица и помошен персонал ангажирани во лекувањето на пациенти заболени од Ковид-19, за поддршка на развојот преку гарантирање на кредити за обртни средства и на кредити за основни средства одобрени од страна на банки и штедилници – Гарантен фонд, за Развојната банка на Северна Македонија, за подмирување на обврски на јавните здравствени установи, исплата на државна помош по основ на склучени договори, склучување на вонсудски спогодби со поранешните вработени од СЈО за подмирување на обврските за плати и надоместоци, за постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, како и обезбедување на средства за подмирување на тековните приоритетни обврски на одредени буџетски корисници“ соопшти Владата.
На оваа седница Владата ја донесе и Одлуката за зголемување на почетниот капитал на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје.
„ Целта на предложената докапитализација на Развојната банка е зголемување на поддршката за приватниот сектор преку поддршка на извозот, особено во услови на отежнато работење и намалена ликвидност предизвикана од пандемијата на Ковид-19, како и олеснување на пристапот до суровини за преработка“ се наведува во владиното соопштение.
Со оваа одлука, како што се додава, ќе се обезбеди реализацијата на мерката за издавање на царински гаранции во вкупен износ од 3 милиони евра, која беше утврдена со четвртиот пакет на економска поддршка на компаниите од приватниот сектор за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.