Економија
Владата: Новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиона евра е за заштита на животниот стандард, ликвидноста на компаниите и развојот на економијата

Новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиона евра, што го утврди Владата на Република Северна Македонија, содржи 26 мерки, со кои е таргетирана поддршката за ранливите категории граѓани и компании, како и поддршка во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза.
„Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата ‘Мој ДДВ’, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.
Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор.
По категории, пакет-мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците се во вредност од 156 милиони евра.
Во оваа категорија предвидени се мерките за поддршка за зголемување на ученичкиот стандард на основците и средношколците од ранливите категории семејства со ниски примања, до 50.000 денари. Конкретно, над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра“, велат од Владата.
„Во наредните 7 месеци 15.000 студенти, кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари за што се предвидени 2 милиона евра.
Во однос на најранливата категорија граѓани, во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надомест поради попреченост, самохраните родители корисници на гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години. Мерката опфаќа 16.741 граѓанин за што се издвоени 2,7 милиона евра.
Во деветтиот пакет антикризни мерки се предвидени мерки за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии. Односно, во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, а пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци ќе имаат поддршка од 1.500 денари. Со оваа поддршка се опфатени над 187.000 пензионери за што се предвидени 35 милиони евра.
За земјоделците, со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД-програмата, и тоа за 40.000 земјоделци, кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, а за што се предвидени 8,1 милиони евра.
Еден милион евра се предвидени преку Програмата за енергетска сиромаштија за финансиска поддршка на над 5.000 семејства.
Со пакетот се предвидени мерки за финансиска поддршка за домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија. Конкретно, до максимум 80.000 денари поддршка за фотонапонски панели, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ. За оваа намена се изводени 1,1 милион евра за речиси 2.250 корисници.
Продолжува мерката за 90 % субвенционирање на цената на струјата, со која се опфатени 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи. За оваа мерка процената е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.
Ќе се субвенционира и цената на топлинската енергија, односно парното за домаќинствата и компаниите, а за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра.
Со пакетот е предвидено продолжување на финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија. Поддршката за оваа категорија граѓани изнесува 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.
За мерката „Мој ДДВ“ предвидени се 42,2 милиона евра, а ќе се опфатат речиси 540.000 корисници за поврат на ДДВ за што прагот е зголемен до 2.100 денари за секое тримесечје поединечно.
Во овој пакет-мерки е предвидено законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот, а планирана е и мерка со која се намалува висината на стапката на казнената камата за 3-процентни поени за граѓаните со низок доход.
Пакетот наменет за поддршка на приватниот сектор е во износ од 492 милиона евра и содржи мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и поддршка за инвестиции во обновливи извори.
Конкретно, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори преку издавање зелена обврзница.
Се проширува опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, а за што се предвидени 39 милиони евра.
Предвидена е поволна седма кредитна линија за зелена транзиција во соработка со Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори по принципот 1+1.
Исто така, во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра за поддршка на женското претприемаштво, дигитализација и проекти, со што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина.
Планирани се 50 милиони евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, наменети за создавање и зачувување работни места, поддршка на женското претприемаштво и за зелени инвестиции.
Пакетот за приватниот сектор содржи и поддршка преку инструментот на ЕБОР за зелено финансирање, за малите и средни претпријатија, за поединци и домаќинства, да инвестираат во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во висина од 790.000 евра.
Исто така, со деветтиот пакет-мерки предвидена е одлука за одобрување користење дехидрирано млеко за производството на млеко и млечни производи, со што ќе се придонесе за намалување на малопродажните цени на млекото и млечните производи.
Со овој пакет мерки обезбедена е и финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени за зголемување на платите на работниците од 3.000 до 9.000 денари.
Вкупно 14,9 милиони евра се предвидени за поддршка за јавниот сектор. Конкретно, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја, а во соработка со Светската банка. За оваа намена се издвоени 10 милиони евра.
За Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка, а во соработка со Светската банка, обезбедени се 5 милиони евра за финансирање проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Оваа мерка треба да обезбеди намалена потрошувачка на струја за јавниот и приватниот сектор.
Покрај овие антикризни мерки, продолжуваат системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза за што се предвидени 516 милиони евра. Односно, 189 милиони евра во 2023 година и 327 милиони евра во 2024 година.
Од оваа сума, 36,2 милиони евра се наменети за зголемувањата на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на минималната плата, и тоа за 2023 година.
52 милиона евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, конкретно за пораст на платата за 10 % и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За 2024 година, за оваа мерка, која предвидува покачување на платите, се предвидени 150 милиони евра.
Обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери за 2023 година и 178 милиони евра за покачување на пензиите во согласност со новата методологија за 2024 година.
Сите овие мерки почнуваат да важат од 1 декември и сите финансиски средства се предвидени во буџетот“, се наведува во соопштението на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
MintIns Go – избираме патничко осигурување за Вас

Патувајте паметно, сигурно и без стрес. Изберете 90 дена патничко осигурување за цената на 30 дена!
– Осигурување од само 1192 ден,
– Покривање во рок од 365 дена,
– Патувајте спокојно и без стрес,
Не ја пропуштајте оваа можност да ги осигурате вашите патувања со оваа понуда или понуда која што одговара на вашите потреби.
Дознајте повеќе на 15 107 или на следниот линк.
Економија
Божиновска-Шахбазов: Македонија важен транзитен центар за гас до Европа, Азербејџан подготвен веднаш да соработува

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Баку беше пречекана од својот колега, министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, во рамки на официјалната посета посветена на унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.
На тет-а-тет средбата, која се одржа во Министерството за енергетика на Азербејџан, беше истакната заедничката заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас. Разговорите се фокусираа на можностите за долгорочни договори за снабдување со гас, како и на потенцијални инвестиции во гасната инфраструктура во Македонија.
„Македонија може да стане регионален центар за транспорт на гас, ние сме подготвени веднаш да се вклучиме во соработка на конкретни проекти и да ви понудиме и експертиза, но и сериозни можности за заеднички проекти доколку постои интерес и од ваша страна“, истакна министерот Шахбазов.
„ Разговорите за зајакнување на нашето партнерство во областа на енергетиката отворија нови перспективи за Македонија! Се фокусиравме на конкретни чекори за создавање условии за снабдување со гас и можности за инвестиции во модернизација на нашата енергетска инфраструктура“ истакна Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на можната соработка меѓу државната енергетска компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР. Партнерството помеѓу ЕСМ и СОКАР е клучно за нашата енергетска трансформација.Во таа насока, договоренa e средба за интензивирање на активностите во рамки на склучениот меморандум за соработка што беше потпишан за време на КОП 29 самитот во Баку.
Шахбазов упати и директна покана до министерката Божиновска да учествува на претстојниот министерски состанок на советодавниот совет за јужниот гасен коридор како и за третиот министерски состанок на советот за зелена енергија.
Божиновска ја потенцираше подготвеноста на Македонија за активна соработка во повеќе проекти што ќе обезбедат сигурност, одржливост и енергетска независност за земјата, нагласувајќи дека оваа средба претставува значаен чекор во насока на реализација на тие цели.
„Азербејџан ни нуди конкретна соработка која ќе ни помогне да се мапираме како сериозен регионален центар за транспорт на гас. Ова е нешто што би имало стратешко значење за енергетската иднина на нашата земја и би донело поволности и за економијата, но и за граѓаните. На ова сериозно ќе работиме и се надеваме на помошта од нашите меѓународни партнери“, рече Божиновска.
Во рамките на официјалната посета на Азербејџан, македонската делегација предводена од претседателката Силјановска-Давкова оствари и работна средба со премиерот на Азербејџан Али Асадов и со претседателката на Националното собрание на Република Азербејџан, Сахиба Гафарова.
Оваа средба, која се одржа во контекст на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу нашите две земји, беше посветена на зајакнување на билатералните односи, посебно во областа на енергетската соработка.
Претседателката Силјановска-Давкова истакна дека нашите две земји имаат потенцијал за поголема економска соработка, особено во секторот на енергетика, и изрази подготвеност за поддршка на иницијативите кои ќе произлезат од оваа средба.
Економија
НБРМ: Каматните стапки на благајничките записи и на расположливите депозити непроменети

На 11 март 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но и на ризиците, коишто и натаму постојат и се нагласени. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката беше ставен на остварувањата кај инфлацијата и на ризиците поврзани со надворешното окружување и со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка. Во услови на нестабилен геополитички амбиент и воведување протекционистички мерки, забележлива е и зголемена променливост на пазарите на примарни производи.
Просечната инфлација, во периодот јануари − февруари 2025 година, изнесува 5%, при пониска споредбена основа од истиот период од претходната година, но и при натамошен умерен раст на дел од ценовните категории на месечна основа. Месечната динамика на инфлацијата од почетокот на годината главно произлегува од цените на храната и енергетската компонента, додека базичната инфлација има неутрален придонес. Воедно, и годишната динамика на базичната инфлација е релативно стабилна, при што во февруари беше забележано и одредено забавување. Во однос на инфлациските очекувања, во рамките на февруарските анкети на Европската комисија за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за посилно намалување на цените во следниот период. Последните проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што упатува на ризици и потреба за внимателност.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви, на крајот на февруари, изнесува 4.861,3 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Промената кај девизните резерви од почетокот на годината е близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2025 година засега е малку понизок во споредба со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со февруари 2025 година упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во четвртиот квартал од 2024 година е незначително повисок од очекувањата во согласност со октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи во однос на очекувањата, особено кај директните инвестиции.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., под влијание на согледувањата за движењето на инфлацијата и силината на преносот на монетарните сигнали во еврозоната.
Економскиот раст, во последниот квартал на 2024 година, благо забрза и достигна 3,2%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Просечниот раст остварен за целата 2024 година изнесува 2,8% и е повисок од очекувањата, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто и натаму се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.
Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување и натаму постојат и добиваат на интензитет, додека внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.