Економија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе 250 амандмани на предлог буџетот за 2024 година
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/03/DSC_7422.jpg)
Денес започнува разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, рече дека пратеничката група поднела 250 амандмани преку кои сакаат да интервенираат и да поправат нешто што сеуште може да се поправи.
„Денес на првиот ден од амандманската расправа ќе се разгледаат повеќе амандмани од кои би ги издвоил амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за електричната енергија, огревно дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.
Сведоци сме дека во изминатите неколку години, цената кај овие категории е драстично покачена, речиси и 50% наспроти периодот пред пандемијата. Во исчекување сме на ново покачување на цената на струјата од партизираната Регулаторна комисија за енергетика и токму затоа бараме државата повторно да го намали ДДВ-то од 18% на 5% со цел да им се помогне на сите домаќинства.
Дополнително, огромен дел од домаќинствата се загреваат на дрва, а знаеме дека во текот на изминатите две зими цената на дрвото драстично се покачи, а беа забележани случаи и на измамени пензионери. На дрва се грее најчесто посиромашниот слој на граѓани и токму затоа бараме намалување на ДДВ за купување на кубик дрво од 18% на 5% со што ќе дојде до поевтинување од над 10%.
Последниот амандман кој е во врска со ДДВ то се однесува на храната, со кој бараме да се поништи одлуката на СДСМ за зголемување на ДДВ од 5 на 10% за прехранбени производи. Дополнително, во зависност од пазарните состојби и со цел спас на земјоделците и стопанството државата треба да се откаже од ДДВ на основни прехранбени производи наместо истите да банкротираат.
За крај, амандманот кој се однесува за намалување на акцизите ќе влијаат на целата економија. Целиот транспорт на стоки ќе поевтини, а со тоа и производите кои ги купуваме во маркетите, меѓуградскиот превоз и многу други гранки во кои значителен инпут се нафтените деривати“, рече Стојаноски.
Изрази надеж дека пратениците на СДСМ и ДУИ ќе имаат доблест и ќе ги прифатат нивните, како што рече, суштински предлози и сериозно ќе се заштити животниот стандард на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.