Економија
Германските компании ги испорачаа своите желби до новата влада: „Бизнис-климата е добра, но недостигот на стручни кадри е најголем ризик за инвестирање
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/biznis-zdelka.jpg)
Бизнис-климата во земјата е добра или многу добра, но има тренд на благо намалување на планираните инвестиции, а една од причините за тоа е недостигот на стручни кадри, ова е оценката на германските компании што имаат свои инвестиции во земјата.
Анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско-германското стопанското здружение покажува дека 37 проценти од нив изјавиле дека имаат намера да ги намалат планираните тековни инвестиции, 33 проценти да ги остават на исто ниво, а 30 проценти да ги зголемат инвестициите.
Во споредба со минатите години, забележително е, како што беше посочено од страна на директорката на АХК за Северна Македонија, Антје Ванделт, дека има мало намалување во однос на инвестиците.
„Еден од одлучувачките фактори е сѐ поголемиот недостиг на стручни кадри“, потенцира таа.
Дури 70 проценти од германските компании во земјата сметаат дека недостигот на стручни кадри е еден од најголемите ризици, а недостигот на стручни кадри се одразува и врз тековното производство и на намалување на планираните тековни инвестиции.
Педесет и седим проценти сметаат дека и трошоците на работењето се еден од факторите за ризик, а 47 проценти, според Ванделт, сметаат дека влијае и економско-политичката ситуација.
69 проценти од компаниите изјавиле дека повторно би инвестирале во земјата, со што, како што беше посочено, Северна Македонија останува атрактивна локација за инвестирање на германските компании.
Германските инвеститори во земјата бараат продолжување на дијалогот со надлежните институции, консултации пред да се донесат законски измени, кои би влијаеле врз нивното работење, зголемување на ефикасноста на администрацијата и завршување на инфраструктурните проекти.
„Иако е рано за Нова година, ние би сакале да ги доставиме нашите новогодишни желби до новата влада, а тоа се продолжување на отворениот дијалог, консултации со економските тела, како коморите и економските здруженија, пред да се носат законски измени, кои би се одразиле врз работењето на компаниите, зголемување на ефикасноста во делот на административните процеси, како што се издавањето дозволи за престој, дозволи за работа и поголема трнаспарентност во нивние процеси, како и продолжување и завршување на веќе почнатите инфраструктурни проекти“, рече Ванделт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.