Економија
Драстичен скок на цената на половните автомобили во Германија

Во Германија половните автомобили поскапеа за речиси една третина во рок од една година, според Агенцијата за анализа на пазарот ДАТ.
„Во април, вообичаениот автомобил стар три години со бензински мотор беше за 30,1 отсто поскап од слични автомобили во април минатата година“, покажува анализата. Во просек, автомобил стар три години со бензински мотор чинел 27.900 евра.
Автомобилите со дизел мотори поскапеа уште повеќе, за 31,8 отсто, а за тригодишни „дизели“ во просек требало да се издвојат 28.960 евра.
Според аналитичарите, цените на половните автомобили растат поради намалената понуда на нови. Кризата со корона влијаеше на недостигот на чипови и други делови за автомобилската индустрија, што ги намали капацитетите.
Истовремено, цените на новите автомобили пораснаа за седум отсто во последните три години. Значителниот пораст на цените на половните автомобили не се однесува само на автомобилите до три години, туку и на постарите модели.
„Кога понудата е ограничена, побарувачката за постари модели расте, а тоа секако ја зголемува цената“, изјави портпаролот на агенцијата ДАТ.
Дебатата што се одржа во Германија во пресрет на кризата со корона, која предвидуваше дури и делумна забрана за дизел автомобили, веќе не влијае на намалената побарувачка за овие возила, што беше забележливо среде таа дебата.
Според податоците на ДАТ, но и најголемиот интернет-портал за половни автомобили „mobile.de“, има побарувачка за половни „дизели“, особено за оние со појаки мотори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Првото кумство на згрижувачко семејство во СОС Детско село

Прекрасно е чувството кога партнерството се развива со многу љубов, посветеност и ќе добие форма која се преточи во започнување на традиција на кумство.
Првиот кум на згрижувачко семејство во СОС Детско село е Нептун Македонија.
Настанот се одбележа во СОС Детско село каде што сите деца и згрижувачи ги пречекаа своите кумови со голема радост при што кумовите беа претставени од 20 вработени во компанијата Нептун Македонија заедно со нивниот бренд амбасадор Сашко Коцев.
Згрижувачкото семејство кое го има кумот Нептун Македонија го сочинуваат 5 деца до 14 години со згрижувачка Наташа, семејство кое со многу љубов се подготвуваше да го пречека својот кум и подготвија прекрасни цртежи кои ги подарија на вработените во Нептун Македонија.
Подарокот од кумот е изразен во финансиска донација за поддршка на згрижувачкото семејство за сите потреби кои ги имаат во една година.
Финансиската донација од кумот Нептун Македонија се акумулира преку кампањата: “НЕВЕРОЈАТЕН ПОПУСТ НА ГРИЖА, ЉУБОВ И ВНИМАНИЕ” која се спроведе во периодот од 10 до 31 мај во сите продажни објекти на Нептун Македонија. Се заблагодаруваме и на сите потрошувачи и клиенти на Нептун кои придонесуваат значително во СОС Детско село секогаш кога ќе ги посетат салоните на Нептун Македонија.
Заедно за повеќе насмевки!!
ПР
Економија
Поевтинуваат бензините и дизелот

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 3,00 ден/лит, додека малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС, се намалува за 1,085 ден/кг и сега ќе изнесува 51,564 ден/кг.
Од 8.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 105,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 108,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 101,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 99,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 51,564 (денари/килограм)
Економија
Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.
Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.
На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста од утре, 8 јули, и ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен.