Економија
Европските и американските берзански индекси во пад, како и цената на нафтата
Европските и американските берзански индекси денеска се во пад, како и цената на нафтата.
Индексот „DAX“ на Франкфуртската берза денеска во 10:00 часот падна на 15.014,55 поени, исто како и францускиот CAC 40 – на 6.890,67 поени, лондонски FTSE 100 – на 7.499,16 поени, а московскиот MOEX на 3.23 поени, објавија медиумите во регионот.
Вредноста на американскиот берзански индекс „Дау Џонс“ падна на 33.665,08 поени пред денешното отворање на берзата во САД, како и вредноста на индексот S&P 500 – на 4.314,60 поени, а исто така и вредноста на индексот „Nasdaq“ – на 13.314,30 поени.
Според податоците од берзата, цената на суровата нафта падна на 87,279 долари за барел, како и цената на нафтата од типот брент, на 90,555 долари.
Цената на златото порасна на 1.950,09 долари за унца, како и цената на пченицата, на 5,8084 долари.
Вредноста на еврото во однос на доларот изнесуваше 1,05376, што е приближно исто како и вчера, според написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Јамалов: СДСМ нема кредибилитет да зборува за економски политики
СДСМ нема кредибилитет да зборува за економски политики, изјави пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, по прес-конференцијата на пратеничката Јованка Тренчевска која ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати решенијата на СДСМ за укинување на ДДВ на храната.
Јамалов вели дека парадоксално е да држат прес личности кои што во претходниот мандат имале интегрална улога во распадот на економскиот систем и животниот стандард.
„Луѓето што ја разурнаа македонската економија и што стандардот на граѓаните го донесоа на дното, сега со лажна грижа нудат нецелосни решенија што не можат да го подобрат животот на граѓаните. Дрско е да се лаже целата јавност од собраниската прес сала со ниту еден точен податок“, рече пратеникот.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повика СДСМ да го поддржи буџетот за следната година, да гласа за покачувањето на платите за сите работници, за 5.000 денари повисоки пензии за сите пензионери, за реализација на 4 нови автопати и капитални инвестиции.
Економија
Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години: НБРМ ги презентира макроекономските проекции
Просечната инфлацијата годинава значително ќе забави и од 9,4% минатата година ќе се сведе на 3,5%, а трендот на намалување ќе биде карактеристичен и за следните години, додека економскиот раст постепено ќе забрзува, при претежно стабилна платнобилансна позиција, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2024 ‒ 2027 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Казахстан, Кина, САД, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шведска.
Во презентацијата беше наведено дека благодарение на надолното приспособување на инфлацијата и поволниот девизен пазар, Народната банка почна претпазливо да ја нормализира поставеноста на монетарната политика. Се очекува дека инфлацијата и натаму ќе се стабилизира и во просек ќе изнесува 3,5% и 2,5% во 2024 година и 2025 година, соодветно. На среден рок се оценува дека таа ќе се врати на историскиот просек од 2%. И покрај значителното забавување на инфлацијата, и понатаму постојат неизвесности, главно поврзани со цените на примарните производи на светските пазари, но и со домашните политики коишто влијаат на агрегатната побарувачка. Оттаму, потребна е внимателност во овој домен и во иднина. Во рамките на есенскиот циклус проекции се предвидува умерено забрзување на растот на економијата, односно закрепнување на економската активност од 2,3% и 3,3% во 2024 година и 2025 година, соодветно, но побавно во споредба со априлските проекции. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7%, поддржан од натамошното проширување на депозитната база и стабилниот банкарски систем.
Очекувањата за надворешната позиција на економијата, како клучен сегмент во услови на стратегија на стабилен девизен курс, упатуваат на поволна и претежно стабилна позиција на тековната сметка на платниот биланс на среден рок. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.
Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега и ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
Економија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати решенијата на СДСМ за намалување на цените и повеќе пари за граѓаните
Се потврди тоа што го говоревме и што граѓаните го гледаат секој ден – нема намалување на цените во маркетите, владината мерка не даде резултат. Податоците коишто ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека цените на мало во месец октомври се намалиле за само 0,1%, истакна Јованка Тренчевска, пратеника на СДСМ.
Ова според неа значи дека намалување на цени нема и затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Владата треба итно да ги прифатат пакет законските решенија на СДСМ:
„Да се усвои Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра.
Да се усвои Законот за укинување на ДДВ за храната со кој граѓаните ќе заштедат и до 2.000 денари месечно.
Итна да се примени Законот за нефер трговски практики за спречување на нов раст на цените“, потенцира Тренчевска.
Како што додаде, овие пакет решенија на СДСМ ќе значат намалување на цените, зголемување на платите односно повеќе пари за граѓаните и семејните буџети.
СДСМ уште еднаш повикува да проработи разумот кај власта, пред се кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Подаваме рака за соработка, за подобар животен стандард и поддршка на граѓаните во време кога нивниот живот станува се потежок.
Просечната плата во земјата е намалена за 1,000 денари а македонската економија е во слободен пад. Индустриското производство бележи пад во септември за 7,9% а прогнозите за економијата стануваат се полоши. По Светска банка и Народна банка ги намали проекциите за македонската економија и предвидува послаб раст оваа и наредната година.
Ова се лоши вести. Потребно е заедничко делување за да им се помогне на граѓаните а пакет решенијата на СДСМ, овие три политики кои ги споменав се реални, одржливи и ќе дадат брз резултат“, соопшти пратеничката на СДСМ.
Како што рече, жално е ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени на штета на граѓаните да водат политички инает со отфрлање на добрите решенија.