Економија
Еколошките и одржливите карактеристики на комплексот „Гранд Скопје“ претставени пред локални и меѓународни експерти на конференцијата за недвижности во Скопје
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/Леонид-Антиќ-2.jpeg)
Во рамки на првата фаза од реализацијата на комплексот „Гранд Скопје“ веќе се постигнати 35% зелена површина што е над законскиот минимум од 20% по градежна парцела. Ова е потврда дека при планирањето и изведувањето,„ Гранд Скопје“ ги запазува највисоките стандарди, не само за градба туку и за хумано живеење во урбаните средини.
Ова го истакна Леонид Антиќ, член на управниот одбор на „Гранд Скопје“ кој визијата за „Новото обележје на градот“ и неговото влијание врз урбанистичкиот развој го претстави пред големиот број на професионалци и експерти од сферата на недвижностите на Конференција за комерцијални недвижности што се одржа во Скопје.
„Во проектот се вклучени сериозни интернационални институции како на пример Европската банка за развој како и Националната банка на Грција којашто е наш партнер во изработката на нивната нова централа на Стопанска Банка АД – Скопје во рамки на „Гранд Скопје“. Овие институции многу сериозно ги сфаќаат целите ESG (Environmental, social and governance/екологија, социјалa и управување), многу сериозно ги сфаќаат еко-иницијативите и многу сериозно се придржуваат до нивното исполнување“, истакна Антиќ на панел-дискусијата „Урбанизам и урбанистичко планирање“.
Антиќ го презентираше урбаниот парк кој на површина од 7.500 м2 во рамки на комплексот Гранд Скопје ќе понуди бројни содржини за рекреација и релаксација, не само за луѓето што ќе живеат таму туку и за целиот град. Паркот, додаде Антиќ е донација на „Гранд Скопје“ и одличен пример за успешна соработка помеѓу инвеститорот, Општина Центар и Град Скопје.
„Во интензивна соработка со нашите колеги од општината и од градот, мислам на урбанистите, макотрпно работевме на целиот проект за да биде оптимално усогласен со параметрите на оваа градска четврт“, рече Антиќ. Како што појасни Антиќ, „Гранд Скопје“ е прв проект кој прави обештетување на граѓани, жителите на Ново маало, за да направи пренамена на приватно земјиште и да реализира парк.
Заштитата на животната средина и почитување на еколошките стандарди се одлика и на планирањето и реализацијата на административно-деловниот објект на Стопанска банка АД – Скопје. Овој проект е во процес на сертифицирање со престижниот LEED (Leadership in Energy and Environmental Design/Лидерство во енергетски и еколошки дизајн) сертификат кој e водечки во одржливото планирање и архитектура.
„Самиот процес за LEED сертификација е многу обемен, голем и сложен. Интересен е фактот дека кога проектот Гранд Скопје беше проектиран не бевме воопшто започнати со таа фаза и откако започнавме со градбата анализите покажуваат дека ние веќе ги исполнуваме тие стандарди“, истакна архитектот Илија Божиновски, директор на МГ Фешн на панел-дискусијата „Бизнис згради“ во рамки на Конференцијата.
Божиновски додаде дека овој начин на планирање и градба го позиционира „Гранд Скопје“ како лидер во регионот.
Конференцијата за комерцијални недвижности Скопје се одржува втора година по ред во организација на „Фортонмка“. „Гранд Скопје“ беше Prime Sponsor на овогодинешното издание на Конференцијата.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.