Економија
ЕСМ: 100 отсто ќе ги покриеме потребите за струја за сите корисници на универзалниот снабдувач

ЕСМ вети дека 100-процентно ќе ги покрие потребите на универзалниот снабдувач со струја за граѓаните и малите потрошувачи за претстојната грејна сезона.
Од компанијата велат дека до утре ќе поднесат понуда на јавна набавка на „ЕВН хоум“.
„АД ЕСМ достави до Владата пресметки и предлози во однос на цената и количините по што Владата на затворена седница носи одлука со препорачана цена и количина, која се доставува до ЕСМ. Во согласност со одлуката, ЕСМ во затворена понуда ќе аплицира на повикот на ‘ЕВН хоме’“ се наведува во соопштението од компанијата.
Врз основа на направените анализи и пресметки, АД ЕСМ утврдила дека е во состојба да ги обезбеди вкупните количини електрична енергија, кои му се потребни на „ЕВН хоме“, односно 100 % да ги покрие потребите на универзалниот снабдувач за граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60 %), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на „ЕВН електродистрибуција“ и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.
За таа цел, ЕСМ додава дека го зголемила планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20 % од производството во 2021 година.
„Конзумот на ‘ЕВН хоме’ е зголемен 27 % поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветление). Дополнителните потреби на ‘ЕВН хоме’ и на ‘ЕВН електродистрибуција’ ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните ‘Битола’ и ‘Осломеј’, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ ‘Неготино’“ појаснуваат од компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.
Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.
На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста од утре, 8 јули, и ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен.
Економија
Лајен: Европа мора да се подготви за целосно прекинување на испораките на руски гас

Европската Унија мора да се подготви за потенцијално целосно суспендирање на испораките на руски гас, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова е причината поради која Комисијата работи на вонреден европски план. Во текот на јули ќе го претставиме тој план и потребните инструменти за негова имплементација“, изјави Лајен на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
Таа ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје, истакнувајќи дека сега 12 земји од Европската Унија се директно погодени од делумно или целосно исклучување на рускиот гас, пренесува „Спутник“.
Шефицата на Европската комисија изјави дека земјите членки на Европската Унија имаат свои национални програми за вонредни состојби, но неопходна е и поширока европска соработка и заеднички акции на сите 27 земји членки.
„Мораме да бидеме сигурни дека во случај на целосно исклучување, гасот ќе продолжи да стигнува онаму каде што е најпотребно. Мораме да бидеме сигурни дека можеме да се потпреме на европската солидарност. И мораме да го заштитиме единствениот пазар, како и индустрискиот синџир на снабдување“, рече Лајен.
Таа исто така истакна дека Европската Унија ја намалила својата зависност од руските енергетски извори.
„Се оддалечуваме од Русија за да се свртиме кон сигурни извори, кои влеваат доверба“, рече таа, наведувајќи дека од март увозот на енергетски производи во Европската Унија од различни земји, со исклучок на Русија, е зголемен за 75 проценти во споредба со претходната година.
Според неа, увозот на течен природен гас од САД во ЕУ е речиси тројно зголемен, додека увозот на гас од Русија е намален за една третина во однос на минатата година.
Економија
Цената на горивата не се менува, се намалува само цената на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.07.2022 година. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.7.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,501%, кај дизелот за 1,699%, кај екстра лесното масло за 2,028% и кај мазутот за 2,898%.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,078 ден/кг и ќе изнесува 52,649 ден/кг.
Од 7.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 2,649 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,412%.