Економија
Заев на конференција на „Економист“ за Западен Балкан: Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици

Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност. Затоа, треба да продолжиме да инвестираме во добрососедски односи, да ги надминуваме отворените прашања со дијалог и толеранција и да ја подобруваме регионалната соработка, истакна премиерот Зоран Заев на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата на угледниот магазин „Економист“ на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ што се одржува во Атина.
Според Заев, потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан.
„Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и до крај да останеме посветени на евро-атлантските интеграции“, истакна Заев.
Премиерот нагласи дека за него е од особено значење што неговото прво службено патување надвор од земјата во вториот мандат како претседател на Владата на Северна Македонија е работната посета на Република Грција, која, освен учеството на конференцијата на „Економист“, вклучува и средби со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу.
Настанот во организација на „Економист“, посочи премиерот Заев, е сериозна платформа за дебата за сегашноста и иднината на нашиот регион и учеството на сите угледни и влијателни гости на конференцијата од политиката и бизнис-заедницата е одлична можност за размена на идеи и за соработка за долгорочна политичка стабилност како предуслов за економски раст на земјите од опкружувањето.
На панелот свои обраќања имаа и премиерот на Албанија, Еди Рама, и поранешните министри за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани и Јоргос Кутрогалос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за финансиска поддршка за набавка на трактори

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, наменет за модернизација на земјоделските стопанства преку набавка на трактори.
Максималната поддршка по корисник изнесува 600.000 денари, поддршката се исплаќа на годишно ниво според реализацијата на деловниот план.
Јавниот повик се однесува исклучително за набавка на трактори – приклучната земјоделска механизација не е покриена.
Право на користење на средствата имаат земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
Земјоделци кои во претходните десет години користеле финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД Програмата или Националните програми за рурален развој, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Крајниот рок за доставување на барањата е 07.07.2025 година.
Економија
Берзите реагираат бурно на расправијата Трамп-Маск, акциите на „Тесла“ паѓаат

На Вол Стрит, берзанските индекси паднаа, главно поради наглиот пад на цената на акциите на „Тесла“, додека пазарот беше поддржан од веста за разговорот помеѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг. Индексот Дау Џонс падна за 0,25 проценти на 42.319 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,53 проценти на 5.939 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,83 проценти на 19.298 поени.
Акциите на Тесла паднаа за 14 проценти
Цената на акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ падна за повеќе од 14 проценти, откако јавната расправија помеѓу извршниот директор Илон Маск и Трамп се интензивираше.
Цената на акциите падна во четири од последните пет трговски дена, откако Трамп и Маск ја започнаа својата вербална војна, за време на која „Тесла“ изгуби околу 150 милијарди долари пазарна вредност.
Маск ги засили критиките кон огромниот закон за даночни стимулации на претседателот во последните денови, додека Трамп тврди дека Маск е вознемирен затоа што законот ги елиминира даночните олеснувања за купување електрични возила.
„Последиците за акциите на ‘Тесла’ се очигледни. Но, не гледам никакви значајни последици за остатокот од пазарот, освен мало влијание врз индексите. Генерално, берзата има многу проблеми, но ‘Тесла’ не е еден од нив“, рече Марк Шпигел, менаџер за портфолио во Stanphyl Capital.
Сепак, пазарот беше поддржан од телефонскиот повик меѓу Трамп и Си. Нема дополнителни информации за разговорите, освен дека тие се поканија еден со друг на официјални посети. И тоа беше оценето како позитивно од пазарот, бидејќи неодамнешниот спор околу клучните минерали се закани да го наруши кревкото трговско примирје меѓу двете најголеми економии во светот.
Економија
АД ЕСМ со најповолна понуда за електрична енергија, соопшти „ЕВН хоме“

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини, соопштија од таму.
Оваа цена, како што појаснуваат, е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, се истакнува во соопштението.