Економија
Издадени лиценци за производство на струја од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 MW
Од јануари до јули годинава издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 179,72 MW – покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
„Пониски сметки за електрична енергија е клучната причина зошто интересот за инвестиции во обновливи избори не запира. Помалите трошоци за струја несомнено е директниот бенефит што го имаат компаниите, ако анализираме на микро ниво. Но ако се гледа големата слика, токму поради овој отворен инвестициски циклус на приватната иницијатива во обновливи извори, попознат во јавноста како Елдорадо, државата забележа историски намален нето увоз на струја од традиционалните 30 % на 2,75 % во 2023 година. Податоците покажуваат дека за две години и седум месеци во земјава изградени се и приклучени на мрежа капацитети што произведуваат струја од сонце со вкупна инсталирана моќност од околу 731 MW, додека само еден блок од РЕК Битола има инсталиран капацитет од 233 MW. “ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Инаку во 2023 година РКЕ издаде лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 MW, додека во 2022 година се издадени 152,2 MW.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Митева: Економската и политичката стабилност на Владата дава резултати, Македонија за 2024 година бележи рекорден прилив од странски директни инвестиции
Според владината портпаролка Марија Митева, странските директни инвестиции во Македонија во периодот јануари-септември достигнале 838,2 милиони евра, што, според неа е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година и убедлив рекорд во изминатите дваесет години.
Како што предочи Митева, после долги години на дното, за прв пат државата има можност да стигне до прилив од странски директни инвестиции до 1 милијарда евра оваа година.
„Податоците покажуваат дека само во третиот квартал од годинава, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281,6 милиони евра. Ваквиот прилив се должи на економската и политичката стабилност која ја покажуваме како Влада, на предвидливоста и стабилноста која ја имаат компаниите, на посветеноста и заложбата во процесите и пристапот кон нулта толеранција за корупција кои беа индикатори за намалени инвестиции годините наназад. Во овој период се бележи зголемен нето-прилив врз основа на меѓукомпаниски долг што во годините претходно можеше да се забележи како одлив и овој прилив е во вредност од 219,5 милиони евра. Имаме и прилив врз основа на сопственички капитал во вредност од 39,9 милиони евра и реинвестирана добивка од 22,2 милиона евра“.
За само неколку месеци владата успеала да склучи договори со многу инвеститори како „Алказар Енерџи“ – ветерниот парк, каде ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Во текот на изградбата на ветерниот парк се очекува да бидат отворени 630 нови работни места. „Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра и отворени нови 110 работни места. Новата инвестиција на „Костал“ од 45 милиони евра со нови 250 вработувања, информира Митева.
Нагласи дека ова се само дел од инвестициите кои оваа влада успеала да ги реализира, а во следниот период очекуваат многу нови инвестиции и продолжуваат со привлекување на странски директни инвестиции.
„Инвестираме во домашните компании преку кредитната линија од 250 милиони евра и сите овие економски политики ќе донесат забрзан раст, зголемено производство и подобар животен стандард на граѓаните“, дополни таа.
Економија
Посета на гувернерката Ангеловска-Бежоска на Банката на Грција за зајакнување на регионалната соработка
Делегација на Народната банка, во состав од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова, е во работна посета на Банката на Грција, во рамките на заложбите за унапредување на регионалната соработка со централните банки и утврдување на заедничките економски и финансиски приоритети. За време на посетата, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари средба со својот колега, Јанис Стурнарас, гувернер на централната банка на Грција, а делегацијата се сретна и со заменик-гувернерката, Кристина Папаконстантину и генералниот директор за супервизија и решавање банки, Јоанис Цикрипис.
За време на средбата беа разработени повеќе теми од заеднички интерес на двете централни банки. Притоа акцентот беше ставен на одржувањето на финансиската стабилност како предуслов за економски раст. Беше заклучено дека во услови на неизвесност во светски рамки, од големо значење е да се гради отпорноста на банкарските системи, вклучително и преку обезбедување заштитни слоеви на капиталот. Исто така, беа разгледани теми поврзани со модернизацијата на финансиските системи и дигитализацијата.
На средбата беше нагласена заложбата на двете централни банки за продлабочување на соработката преку иницијативи за размена на знаења и искуства и зајакнување на билатералните односи.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска го истакна значењето на регионалната соработка за утврдување на сложените предизвици: „Во денешната, интегрирана светска економија, соработката помеѓу централните банки е од суштинско значење за обезбедување нa финансиската стабилност, поттикнување одржлив раст и регионален напредок. Со продлабочувањето на соработката со Банката на Грција можеме заеднички да делуваме во корист на финансиската стабилност и економскиот развој на нашите земји и регионот“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерот Јанис Стурнарас ги прими на работна средба гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова. „Разговаравме за макроекономските и финансиските случувања во нашите земји, како и за начините за подобрување на соработката во однос на банкарскиот сектор и за заштита на финансиската стабилност во регионот“, рече Јанис Стурнарас.
Оваа работна посета е уште еден доказ за посветеноста на Народната банка на градењето регионални партнерства, придонесувајќи кон стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,72 % во однос на одлуката од 25.11.2024 година.
Од 3.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,258 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/ли.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 0,50 ден/лит
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,521 ден/кг и сега ќе изнесува 45,258 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,985%, кај дизелот за 3,209%, кај екстра лесното масло за 2,935% и кај мазутот зголемувањето е за 0,902%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5679%.