Економија
Илон Маск падна на второто место на листата на најбогати луѓе во светот
По краткиот престој на врвот на листата на најбогати, милијардерот Илон Маск повторно е втора најбогата личност во светот. Неговото богатство падна за речиси 14 милијарди долари за еден ден.
Акциите на производителот на електрични возила „Тесла“ вчера паднаа за речиси 8 проценти, со што нето-вредноста на Илон Маск се намали за 13,5 милијарди долари на 176,2 милијарди долари. Значи, откако минатиот петок накратко го престигна извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, како најбогата личност во светот, Маск повторно падна на второто место, пишува „Форбс“.
Сега заостанува околу шест милијарди долари зад Безос, чија нето-вредност е 182,1 милијарди долари. Акциите на „Амазон“ вчера паднаа за повеќе од два процента, што исто така ја намали нето-вредноста на Безос за 3,6 милијарди долари.
Охрабрен од скокот на цените на акциите на „Тесла“, богатството на Маск се зголеми за околу 150 милијарди долари од март 2020 година, кога изнесуваше 24,6 милијарди долари.
Акциите на „Тесла“ се зголемија за над 720 проценти во 2020 година, а веќе добија дополнителни 12 проценти во првата недела од 2021 година.
Највредниот производител на автомобили во светот, „Тесла“, произведе половина милион автомобили во 2020 година.
И покрај падот на богатството, Маск е сепак околу 20 милијарди долари побогат од третиот најбогат човек во светот, францускиот тајкун во секторот луксузна стока Бернард Арно (денес вреден 154,6 милијарди долари).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

