Економија
Како до бонус поени на Visa Vita и Mastercard Credit Contactless на Halkbank?

Промотивен период за секој што сака нова кредитна картичка од Халкбанк. Првите апликанти добиваат бонус поени со апликацијата.
Зошто условите во Халкбанк се подобри? Затоа што сопствениците на овие картички добиваат и дополнителна можност за повлекување готовина без провизија последните седум денови од секој месец од банкоматите на Халкбанк АД Скопје. Како плус придобивка се и 10% пониски цени при купување полиси за доброволно осигурување од Халк осигурување.
Двата вида картички се револвинг кредитни картички што значи дека немаат ограничување на лимитот во бројот на плати и даваат можност за користење и пристап до средствата од револвинг кредитниот лимит 24/7, а секој месец се плаќа само 5% од вкупниот долг. Со нив, исто така може да се плаќа до 60 рати без камата, кај над 800 партнери на банката.
Картичките поседуваат највисоки стандарди за безбедност во интернет плаќањата (3D Secure – Verified by Visa – VbV и MC Secure Code). Картичките се меѓународни и поддржуваат интернет плаќања без провизија за трансакции на домашни и странски интернет страни и за истите се добива мејл известување за секоја направена трансакција.
Во промотивниот период до 31.12.2024 сите нови Visa Vita и Mastercard Credit Contactless кредитни платежни картички се со фиксна каматна стапка од 6,6%, а во овој период првите 1000 апликации за овие картички поднесени во филијала добиваат 1000 бонус поени, додека пак, првите 500 апликации преку е-банкинг добиваат 2000 бонус поени.
А како се добиваат бонус поени? При плаќањето со нив на ПОС терминали на Халкбанк во пре-дефинирани периоди на различни типови продажни места објавени од страна на банката, се собираат бонус поени. Бидејќи 1 бонус поен е еднаков на 1 денар, собраните средства можат да се искористат при идни плаќања во мрежата на ПОС терминали на Халкбанк.
Аплицирањето за Visa Vita и Mastercard Credit Contactless картичките може да се направи во било која филијала на банката, онлајн преку веб страната на Банката или преку електронското или мобилното банкарство на Халкбанк.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.