Економија
Ковачевски: Иако сите очекуваа зголемување на цената на струјата, сметките за малите потрошувачи се намалија

Зголеменото производство на електрична енергија е основа наредниот период да имаме можно намалување на електричната енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешната панел-дискусија „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“.
Тој потенцира дека стратегијата на Владата, како и експертите ангажирани во енергетскиот сектор, придонесоа да се зголеми производството на електричната енергија, а со тоа да дојде и до намалување на цената на електричната енергија.
„Минатата година ЕСМ успеа да го зголеми производството на електрична енергија за 20 % во однос на претходната година. За оваа година планот е повторно зголемување на производството на електрична енергија. Драго ми е што вчера видовме податок дека во текот на вчерашниот ден се произведени над 21 мегават/час електрична енергија, што е најголемо производство во еден ден во изминатите 10 години. И тоа дава основа да може да правиме пресметки врз основа на кои нема да има зголемување на цената на електричната енергија“, рече тој.
Ковачевски истакна дека иако очекувањата на сите беа дека ќе има зголемување на цената на електричната енергија на почетокот од годината, со 100 % покривање на потребите за електрична енергија за домаќинствата сметките за малите потрошувачи се намалија 20 %.
„Со зголемување на производството на државните електрани имаме намалување на цената на електричната енергија во првите два блока, а таму е најголемиот број од домаќинствата што трошат електрична енергија. Многу благо покачување во третиот блок и поголемо покачување во четвртиот блок. Четвртиот блок се практично наши граѓани што трошат поголеми количини електрична енергија, кои загреваат поголеми површини, загреваат и базени во текот на зимата, но тоа за нив не претставува проблем и добро е што тоа може да го прават, но плаќаат нормално поскапа електрична енергија. Дополнително, и што е најважно, за малите компании цената на електрична енергија се намали 20 %, тоа се компании во кои се 98 % од вработените во државата“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Бектеши најави дека утре ќе поевтини тоалетната хартија, во текот на неделата и овошјето и зеленчукот

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека, најверојатно, утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.
„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски производи на истиот начин како што тоа го сторивме и кај цените на прехранбените производи до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, појасни Бектеши по посетата на скопски маркет во населбата Тафталиџе заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Во врска со цените на овошјето и зеленчукот, министерот за економија нагласи дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.
„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на оваа недела. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е разликата во делот на маржите“, нагласи Бектеши.
Економија
(Видео) Премиерот ќе прави палачинки, на јавно пазарење си купи јајца, брашно, млеко

Премиерот Димитар Ковачевски во друштво со министерот за економија Крешник Бектеши на ново пазарење во скопски маркет.
Пред камерите Ковачевски потроши 474 денари и си купи јајца, млеко, масло и брашно.
„Сега ќе земам брашно и палачинки ќе направиме“, се пошегува Ковачевски со Бектеши.
Како со минимални месечни примања ќе се издржи месецот го праша пензионерка премиерот, на што тој одговори, дека Владата досега неколкукратно направила зголемување на пензиите и најави ново зголемување на пензиите од септември.
„За мене е јасно дека трошоците за живот се зголемија поради војната во Украина, и заради тоа Владата донесе низа на антикризни мерки. Ова е време на солидарност а не време на екстра богатење“, порача Ковачевски.
Истакна дека се почитува владината одлука за замрзнување на цените во маркетите и најави дека мерката ќе остане до крајот на април со тенденција слични мерки да се однесат и за други прозводи.
Ковачевски, заедно со Бектеши и Трајковски, пред десетина дена посетија супер маркет во Капиштец, со цел да проверат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи.
Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на белиот леб и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот.
Економија
Вицегувернерот Бајрами: Еврото има длабоко влијание и надвор од границите на ЕУ

„Сè поголемата меѓународна улога на еврото, вклучувајќи го и неговиот голем придонес за поголема трговска и финансиска интеграција, се чувствува во еврозоната и Европската Унија, но и надвор од границите на ЕУ“, пишува вицегувернерот Фадил Бајрами во својот осврт за значењето на европската единствена валута во магазинот „Дипломатски летопис“.
Во текстот вицегувернерот дава широк приказ од раѓањето на еврото до очекувањата за неговата иднина. Тој се осврнува и на проектот за дигиталното евро, кој е стратегиски важен за еврозоната и има потенцијал да го зајакне финансискиот и монетарниот суверенитет и да го подобри функционирањето на еврозоната. Бајрами истакнува дека тоа ќе биде привлечно средство за плаќање, кое ќе ги поддржи иновациите во дигитализираната економија, ќе ја надополни готовината, но нема да ја замени.
„ЕУ и натаму работи на зајакнување на меѓународната улога на еврото и на нејзиното приспособување кон новите предизвици, вклучително и брзата дигитализација на економијата и развојот на виртуелните валути, така што во јули 2021 година Управниот совет на ЕЦБ го потврди почнувањето на двегодишната фаза на истражување на проектот за дигиталното евро, која има цел да ги испита можностите за издавање дигитално евро и да ги одговори клучните прашања: како би изгледало дигиталното евро; за што би се користело; и кога би било достапно. Врз основа на наодите од истражувањето се очекува дека во 2023 година ќе се донесе одлука дали проектот ќе премине во фаза на спроведување. Доколку се донесе успешен заклучок и спроведувањето се одобри, ќе се донесе одлука за издавање дигитално евро, што би било достапно за корисниците до крајот на 2025 година или на почетокот на 2026 година“, пишува Бајрами.