Економија
(Интервју) Константин Димитров: Нè чека тешка зима, ако сме сега во кризна, тогаш ќе бидеме во воена состојба
Енергетската криза удри со сета сила врз Македонија, а се почувствува уште од минатата година, но ние како држава не презедовме мерки за да ги намалиме последиците од поскапувањето на основните енергенси за производство на електрична енергија, не обезбедивме услови за нормална работа на нашите постројки кои произведуваат електрична енергија, вели во интервју за „Макфакс“ универзитетскиот професор Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.
Анализирајќи ја состојбата во државата во делот на енергетиката, Димитров оценува дека Владата дејствува со задоцнување од една година.
„Имавме изјава на Владата будно ја следиме состојбата. Ама не преземаме мерки… ама затоа ја следиме состојбата. И што сега? Преземаме мерки со година дена задоцнување и сега ќе трчаме и ќе коленичиме во Бугарија, да молиме да купиме електрична енергија. И нормално е дека нема милост. Каква братска состојба. Брат за брат, сирење за пари. Требаше да се растрчаме навреме, се знае со години дека Македонија увезува 30% електрична енергија“, истакнува Димитров.
„Чашка жолта и едно феферонче, ти жеже и не ти е потребно греење“, ова е препораката што универзитетскиот професор ја упатува со цел штедење и намалување на трошоците за претстојната зима.
Според него, најавите од власта за олеснување на административните пречки за поставување сончеви колектори за граѓаните и малите потрошувачи не се точни.
„Јавно кажувам, не е точно дека направија олеснување со законските измени. Со сончевите колектори многу се зборуваше, а малку се направи. Видете што прават во комшии, не мора да гледаме во Европа. Кај нас ништо не е олеснето за граѓаните да добијат дозвола за сончеви колектори. А со долгата бирократска процедура се отвораат многу можности за корупција“, оценува универзитетскиот професор.
Ги советува граѓаните да направат детална пресметка дали со веќе постоечките цени и со сите потребни давачки ќе им се исплати поставувањето сончеви колектори.
„Лага е ако некој вели дека за 4 години ќе се вратат парите од инсталација на сончеви колектори. Заштедата ќе зависи од тоа кога и колку едно домаќинство троши“, подвлекува Димитров.
Најавува тешка зима и додава дека е жално и срамно што државата не може да обезбеди електрична енергија за работа на училиштата во грејна сезона.
„Нè чека тешка зима, ако сега сме во кризна тогаш ќе бидеме во воена состојба“, потенцира во интервјуто за „Макфакс“, универзитетскиот професор Константин Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

