Економија
Маричиќ: Нови 53 милиони евра за Северна Македонија од ЕУ за инвестиции во енергетиката и животна средина

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на својот Фејсбук профил објави дека од страна на Европската комисија на Северна Македонија и се одобрени уште три проекти, преку повикот за инвестициски грантови во вредност од 53,015,968 евра.
– Денес добив одлична вест од Брисел која веднаш ја споделувам со вас, граѓаните. Европската комисија одобри 53.015.968 евра за Северна Македонија, за три нови проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и тоа: Реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион, во соработка со Европската банка за обнова и развој, објави вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ како Националниот ИПА координатор смета дека европските фондови и странската донаторска помош е од огромно значење на енергетската независност и за заштита на животната средина, две области кои носат сериозно подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.
– Ова е помош за државата да ги изведе реформите, но и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и подобрување на инфраструктурата, потенцира Маричиќ
До крајот на јули минатата година, Европската унија ги одобри првите четири инвестициски проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Нашата земја аплицирање со 4 инвестициски проекти и ја доби поддршката за сите проекти во износ од 225,6 милиони евра. Одобрените проекти на последниот повик за инвестициски грантови се за проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија-Бугарија на коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија доделен грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), во износ од 149.2 милиони евра, за проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 Фотоволтаична станица во износ од 1.6 милиони евра, за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола Фотоволтаична централа, во износ од 5 милиони евра и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, во висина од 69.8 милиони евра.
Во рамките на шестиот повик за инфраструктурни грантови беа одобрени грантови во износ од 1,1 милијарди евра за сите шест земји од Западен Балкан, а проектите од Северна Македонија учествуваат со 20,5% од одобрениот износ, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Бектеши најави дека утре ќе поевтини тоалетната хартија, во текот на неделата и овошјето и зеленчукот

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека, најверојатно, утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.
„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски производи на истиот начин како што тоа го сторивме и кај цените на прехранбените производи до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, појасни Бектеши по посетата на скопски маркет во населбата Тафталиџе заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Во врска со цените на овошјето и зеленчукот, министерот за економија нагласи дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.
„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на оваа недела. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е разликата во делот на маржите“, нагласи Бектеши.
Економија
(Видео) Премиерот ќе прави палачинки, на јавно пазарење си купи јајца, брашно, млеко

Премиерот Димитар Ковачевски во друштво со министерот за економија Крешник Бектеши на ново пазарење во скопски маркет.
Пред камерите Ковачевски потроши 474 денари и си купи јајца, млеко, масло и брашно.
„Сега ќе земам брашно и палачинки ќе направиме“, се пошегува Ковачевски со Бектеши.
Како со минимални месечни примања ќе се издржи месецот го праша пензионерка премиерот, на што тој одговори, дека Владата досега неколкукратно направила зголемување на пензиите и најави ново зголемување на пензиите од септември.
„За мене е јасно дека трошоците за живот се зголемија поради војната во Украина, и заради тоа Владата донесе низа на антикризни мерки. Ова е време на солидарност а не време на екстра богатење“, порача Ковачевски.
Истакна дека се почитува владината одлука за замрзнување на цените во маркетите и најави дека мерката ќе остане до крајот на април со тенденција слични мерки да се однесат и за други прозводи.
Ковачевски, заедно со Бектеши и Трајковски, пред десетина дена посетија супер маркет во Капиштец, со цел да проверат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи.
Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на белиот леб и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот.
Економија
Вицегувернерот Бајрами: Еврото има длабоко влијание и надвор од границите на ЕУ

„Сè поголемата меѓународна улога на еврото, вклучувајќи го и неговиот голем придонес за поголема трговска и финансиска интеграција, се чувствува во еврозоната и Европската Унија, но и надвор од границите на ЕУ“, пишува вицегувернерот Фадил Бајрами во својот осврт за значењето на европската единствена валута во магазинот „Дипломатски летопис“.
Во текстот вицегувернерот дава широк приказ од раѓањето на еврото до очекувањата за неговата иднина. Тој се осврнува и на проектот за дигиталното евро, кој е стратегиски важен за еврозоната и има потенцијал да го зајакне финансискиот и монетарниот суверенитет и да го подобри функционирањето на еврозоната. Бајрами истакнува дека тоа ќе биде привлечно средство за плаќање, кое ќе ги поддржи иновациите во дигитализираната економија, ќе ја надополни готовината, но нема да ја замени.
„ЕУ и натаму работи на зајакнување на меѓународната улога на еврото и на нејзиното приспособување кон новите предизвици, вклучително и брзата дигитализација на економијата и развојот на виртуелните валути, така што во јули 2021 година Управниот совет на ЕЦБ го потврди почнувањето на двегодишната фаза на истражување на проектот за дигиталното евро, која има цел да ги испита можностите за издавање дигитално евро и да ги одговори клучните прашања: како би изгледало дигиталното евро; за што би се користело; и кога би било достапно. Врз основа на наодите од истражувањето се очекува дека во 2023 година ќе се донесе одлука дали проектот ќе премине во фаза на спроведување. Доколку се донесе успешен заклучок и спроведувањето се одобри, ќе се донесе одлука за издавање дигитално евро, што би било достапно за корисниците до крајот на 2025 година или на почетокот на 2026 година“, пишува Бајрами.