Економија
Народната банка одржа работилница за новинарите: „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“
Дигиталната технологија сѐ повеќе влијае врз финансиската индустрија. Модернизацијата на плаќањата е особено изразена и зема сѐ поголем замав и во нашата економија. Според податоците од платежната статистика за 2023 година на Народната банка, забележано е зголемување на безготовинските платежни трансакции од 16%, во споредба со 2022 година, односно 87 трансакции по глава на жител. Според глобалната база на податоци „Финдекс“ на Светската банка, процентот на возрасни кои извршиле или примиле дигитални плаќања се зголемил од 44% во 2014 година на 64% во 2021 година.
Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на Работилницата за новинари под наслов „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, којашто се одржа во Народната банка. Пред новинарите се обратија и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Кристина Трпезаноска, заменик-претседавачка на Комисијата за информативна сигурност и членка на Комисијата за ризици при МБА и директорка на Одделот за управување со ризици при „Прокредит банка“ и Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.
Гувернерката посочи дека преку низа активности се поддржува примената на новите технологии во плаќањата, а дека од суштинско значење за ова е и стратегискиот пристап и носењето на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори за периодот од 2023 до 2027 година, изработена од Народната банка, во соработка со претставници од регулаторните и надзорните институции во финансиската сфера. Гувернерката Ангеловска-Бежоска во своето обраќање ја истакна важноста на регулативната рамка, но и иновациите во процесите на плаќање и широката примена на механизмите за електронско прифаќање на плаќањата, како значителна промена што води кон економија без готовина.
Во своето обраќање, гувернерката посочи дека покрај предностите, дигитализацијата носи и нови ризици, како кибернападите. Оттаму, од голема важност е да се подигне јавната свест за овие предизвици преку процесот на финансиска едукација, но и преку спроведувањето на европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност. „Kибернападите бележат постојан раст, а стануваат и сѐ посложени и посилни. Се проценува дека на дневна основа има повеќе од 2200 напади, односно еден напад на секои 39 секунди. Финансиската индустрија традиционално е прва на листата по бројот на кибернападите.“
На Работилницата стана збор и за Законот за платежни услуги и платни системи, којшто води кон значајна пресвртница и со кој се овозможуваат нови решенија за дигиталните плаќања, коишто покрај банките и штедилниците, ќе ги развиваат и новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот.
„Се очекува дека новата правна рамка којашто е усогласена со правото на Европската Унија ќе го зајакне трендот на дигитализација на платежните услуги во земјата и истовремено ќе ги отвори можностите за забрзана интеграција на земјата во СЕПА и поврзување со платежната инфраструктура во Европската Унија, што ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите“, истакна Игор Величковски, директорот на Дирекцијата за платни системи.
Директорката на Одделот за управување со ризици во „Прокредит банка“, Кристина Трпезаноска, посочи дека во последните години во банкарскиот сектор во нашата држава е направен виден исчекор во дигитализацијата, поддржана од соодветните законски промени. „Понудата на дигиталните услуги ќе се зголеми во идниот период, а должност на банките е да обезбедат нивна практична, лесна и ефикасна употреба, како и унапредување на дигиталната писменост на крајните корисници. Во овој процес на засилена дигитализација, од суштинско значење е да се спроведат стандардите за информативна безбедност и заштита на дигиталниот простор“, нагласи Трпезаноска.
Претставниците на банките се согласни дека дигитализацијата на финансиските услуги значително го трансформира финансискиот сектор.
„Мобилните апликации и интернет-банкарството овозможуваат управување со финансиите од каде било, додека напредните методи за автентикација ги заштитуваат податоците. Финансиската вклученост, брзите плаќања и поврзаноста со други услуги дополнително придонесуваат за позитивните ефекти на дигитализацијата, овозможувајќи економски развој и напредок“, порача Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во „Комерцијална банка“ АД Скопје.
На Работилницата присуствуваа новинари од голем број медиуми коишто известуваат во доменот на економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Растот на економијата следната година над 3,5 отсто, се темели на инвестиции
Растот на македонската економија според проекциите на Министерството за финансии за оваа година е 2,1%, а за наредната и повеќе од 3,5 %, додека буџетскиот дефицит 4%. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Гласот на Америка во Вашингтон, каде учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.
„Го менуваме комплетно економскиот концепт во насока на тоа дека ќе поддржуваме инвестиции, а не потрошувачка. Во тек е оној голем проект којшто го најавивме за општините. Повикот е во тек така што тука ќе има голема реализација. Исто така, 250 милиони евра поддршка за приватниот сектор. Значи очекуваме дека дефинитивно ќе ги оствариме оние стапки на раст коишто ние како Министерство за финансии ги проектираме, а тоа е 2,1% до крајот на годината и за следната година ќе видиме ама ќе биде повеќе од 3,5 проценти„, рече министерката осврнувајќи се на проекциите на Светска банка, кои како што вели се логични ако се земат предвид претпоставките што ги користи СБ, а тоа е она што остана до претходната Влада, слаби резултати и низок раст на БДП.
Во однос на буџетскиот дефицит, во интервјуто наведува дека преку ноќ не може да се постигнат фискалните правила за буџетскиот дефицит до 3% од БДП и јавен долг до 60% и дека е потребно време за да се консолидира.
„Следната година е планиран буџетскиот дефицит на 4%, потоа следната на 3,5% и да стигнеме до 3%, односно до комплетна консолидација. Она што е најважно барем во овој момент по мене, а тоа е корупцијата и мислам дека тука барем како министер за финансии, којшто е одговорен за дел од институции коишто треба, исто така, да внимаваат многу, барем во делот на сивата економија, би рекла дека тука веќе немаме компромис и силно се бориме против корупцијата и криминалот и во тој дел очекувам позитивни резултати во периодот којшто следи“, рече министерката за финансии.
Во интервјуто се осврна и на заемот од унгарската Експорт импорт банка, за што истакна дека станува збор за заем планиран од претходната Влада којшто се реализираше со кредит под поволни услови наместо со еврообврзница.
„Секое ново задолжување нормално дека дава негативни ефекти. Меѓутоа, ние зборуваме за кредит којшто беше планиран од претходната Влада, само не земавме еврообврзница, тука напротив, би кажала како министер за финансии и како Влада, може да бидеме горди што успеавме да обезбедиме кредит под многу поволни услови, со многу ниска провизија во однос да речеме, да носевме одлука за издавање еврообврзница, а при тоа парите се од европска држава. Јас навистина не гледам ништо спорно, напротив успехот од тоа што постигнавме со 3,25% каматна стапка, мислам дека некој се труди да го преврти во друга насока и да каже дека еве сега да не дефокусираат тоа што е најважното, а тоа дека ги заштедивме граѓаните на државата, а што направивме позајмивме нешто што и претходно беше планирано само многу поскапо“, посочи министерката за финансии и додаде дека неоправдано ќе беше да се задолжуваме со каматна стапка од над 6%.
Таа наведе дека парите се наменети за инвестиции во приватниот сектор и поддршка на општините за инфраструктурни проекти.
Економија
ТИТАН УСЈЕ – Пионер во имплементацијата на практики од циркуларната економија во земјава
ТИТАН УСЈЕ е меѓу првите во земјава кои активно применуваат циркуларни практики, особено преку копроцесирање на алтернативни горива како оризова лушпа и остатоци од текстилната индустрија. Во периодот од 2020 до 2024 година, околу 5% од топлинската енергија што ја користат печките на УСЈЕ доаѓа од нефосилни горива. Овие практики значително го намалуваат користењето на фосилни горива и придонесуваат кон декарбонизацијата на процесите во производството на цемент.
Ова го истакна Наташа Бакреска, менаџер за животна средина и алтернативни горива на ТИТАН УСЈЕ, на „Националната работилница за консолидација на институционалната рамка за транзиција кон циркуларна економија“, во организација на Економската комисија за Европа на Обединетите Нации, која денес се одржа во Скопје. На работилницата беа претставени концепти и бизнис модели на циркуларната економија, успешни примери од нивната имплементација и предизвиците. Со користењето на алтернативни горива како биомаса и текстилни остатоци, ТИТАН УСЈЕ дава пример за тоа како цементната индустрија е интегрирана алка во кружната економија и може да придонесе за значителна декарбонизација и позитивно влијание врз животната средина.
„Подготвени сме да ги ставиме на располагање нашите искуства и експертиза во корист на пошироката индустрија и општество Компанијата успеа да пренасочи од депонирање над 13.000 тони биомаса како оризови лушпи и текстил, пластика, хартија и картон кои не се погодни за рециклирање. Со тоа, УСЈЕ има позитивно влијание врз животната средина со намалување на зависноста од природните ресурси и е безбедно, одржливо решение за проблемот со управување со отпадот,” изјави Бакреска.
УСЈЕ исто така активно работи на производство на нискојаглеродни цементи, при што успеа да намали 2.600 тони CO2 во 2023 година споредено со 2022 година – резултат еквивалентен на отстранување од употреба на 560 автомобили годишно. Компанијата има за цел до 2030 година да го намали процентот на клинкер во цементот од 70% на 63%, задржувајќи го високиот квалитет на производите и придонесувајќи кон целта на ТИТАН Групацијата за нето-нула до 2050 година.
ТИТАН УСЈЕ останува посветена на својата мисија за одржлив развој и активно ја поддржува Северна Македонија во нејзините напори за циркуларна транзиција, истовремено придонесувајќи кон подобрување на квалитетот на животната средина и постигнување на глобалните климатски цели.
На работилницата учествуваа претставници на повеќе министерства, државни и образовни институции и на деловни асоцијации и компании, претставници на странски организации во земјава, како и од Република Бугарија и од Република Ирска. Целта на работилницата беше да се поддржат креаторите на политиките и регулаторите во нивните напори за успешно преминување кон циркуларна економија.
ПР објава
Економија
СДСМ: Мерките на Владата немаат ефект, ја виде ли Бојан Стојановски минималната кошничка
На вчерашната прес конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека партијата нема да го поддржи Законот за минимална плата од 450 евра предложен од СДСМ и коалицијата со образложение дека треба да се почека синдикалната кошничка за да се види ефектот од мерките на владата. Ја виде ли Бојан Стојановски висината на синдикалната кошничка? Ете денеска е објавена, минималната синдикална кошничка за месец октомври изнесува 61.249 денари, односно во споредба со минатиот месец разликата е само 57 денари, истакнуваат од СДСМ.
Ова, според нив, е најголема потврда на она што граѓаните веќе го знаат, мерките на Владата за намалување на цените немаат никаков ефект, воопшто не се намалени цените на производите.
„Го повикуваме пратеникот Бојан Стојановски сега да излезе пред граѓаните, да признае дека мерките на Владата на Мицкоски се погрешни, без резултат и да го поддржи Законот за минимална плата предложен од СДСМ.
Граѓаните не се само статистика, зборуваме за вистински животи, за родители, за млади, за возрасни сограѓани кои секојдневно се борат да обезбедат достоинствен живот за своите семејства.
Токму затоа, зголемувањето на минималната плата е итно и неопходно“, прецизираат од опозоциската партија.