Економија
Подобра координација меѓу институциите за навремена исплата на помошта од економските мерки

Во подготовка на законските решенија за имплементација на економските мерки од четвртиот пакет да има подобра координација меѓу надлежните институции и да бидат прифатени забелешките во однос на процедурите што ги дава приватниот сектор, побара Комората на сметководителите на Македонија на денешната прес-конференција. Само така ќе се донесат функционални решенија, кои ќе овозможат предвидената помош за надминување на штетните ефекти од пандемијата врз стопанството да стигне до оние на кои им е најпотребна и нема да се остави простор за разни толкувања на законските одредби, што ќе создаде дополнителна правна несигурноста.
„Уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, каде што се обработуваат и систематизираат податоците за деловните субјекти врз основа на кои потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Исто така, критериумите и условите важно е да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не остава простор за разни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни“, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите.
Таа посочи дека во законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието, би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош треба да се исплати бруто или нето-плата. Ако остане недефинирано, како што беше со уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават разни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти.
Комората на сметководителите потенцира и дека при носењето на законските решенија за економските мерки мора да се имаат предвид рокови во кои тие треба да се имплементираат, но и роковите што веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време потребно за да изготви документацијата за аплицирање.
„Денеска сме 27 октомври, а законот за финансиска поддршка за исплата на плата за октомври, ноември и за декември уште не е донесен. Пријавата за добивање финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе, ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбедат сите потребни документи. Ако се земе предвид како досега функционираа работите кога беше во прашање аплицирањето за економските мерки, повторно товарот ќе падне врз сметководителите, а некои претпријатија, поради кусите рокови, може и да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош. Во нормални услови пресметките за исплата на плати почнуваат од 25 во месецот за да може навреме да се исплатат личните доходи до 15 наредниот месец. Јасни и навремени законски решенија и подобра техничка институционална подготвеност за нивно спроведување е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза“, изјави Андреева.
Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководителите, истакна дека иако сметководителите очекуваа подобрување на нивниот статус и решавање на проблемите да се постигне со измени на Законот за вршење на сметководствените работи, законските измени повторно се носат во процес кој е нетранспарентен и неинклузивен.
„Во услови на пандемија, спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше токму на товар на сметководителите како единствен линк меѓу државата и стопанството. Професионалното усовршување се одвиваше деноноќно следејќи и толкувајќи ги сите комплицирани уредби, чести измени и нефункционалност на системи и сите рокови беа уредно запазени и при рестриктивните мерки. Наместо давање правна сигурност и заштита, со ваков начин на постапување, без консултација со сите засегнати страни за реалните потреби на фелата и постапување според тоа, државата повторно ја занемарува значајноста на оваа професија и се соочува со ризик за неколку години да биде во недостиг на сметководители“, изјави Грозданов.
Тој појасни и дека сите професионални дејности што нудат услуги имаат потреба од континуирано усовршување, a Министерство за финансии треба да ги отстрани сите недостатоци и недоречености за изведување на процесот.
„Воедно, би сакале да упатиме и апел до надлежните институции да размислуваат во насока на намалување на обемот и опфатот на податоците што се бараат во даночните и статистичките извештаи и да размислуваат за продолжување на роковите заради тоа што товарот во услови на здравствено-економска криза што врз себе го понесуваат сметководителите е огромен. Не смее да се заборави дека тоа што во овие кризни услови се здравствените работници во својот сегмент, тоа се сметководителите за економијата“, изјави Грозданов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Еуроимпекс“ прослави јубилеј од 35 години

Во средата на 10.9.2025 година, првата приватна македонска компанија со дејност од автомобилската индустрија „Еуроимпекс“, прослави јубилеј од 35 години успешно стопанисување. Свеченоста беше посветена на тимот вработени на компанијата, а забавата ќе остане долго да се зборува и да се памти…
„Еуроимпекс“ започнува со работа во 1990 година, кога во Македонија немаше ниту една приватна компанија за продажба на автомобили. Тие беа први. Семејството Воиновски. Започнуваат скромно со само тројца вработени, а денес се гордеат со компактен тим од 150 вработени во Скопје и Белград и застапуваат два сериозни автомобилски бренда на територија од 5 држави во регионот.
“Бележиме автомобилска традиција од 3 поколенија…. почнувајки од нашиот дедо, потоа нашиот татко, сега јас и брат ми, а веќе и следната, четврта генерација Воиновски е тука, подготвена да продолжи по истиот пат. Од тука потекнуваат и оние вистински семејни вредности кои се рефлектираат во целокупното работење, како кон клиентите така и кон нашиот тим.
Нашиот тим е компактен, постојан, кој секогаш се грижи за своите клиенти. Со таков пристап се градат нераскинливи врски помеѓу компанијата, клиентите и соработниците. Hие сите заедно – преку доверба, создаваме иднина. “ – изјави Кирил Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
„Еуроимпекс“ е првично позната по своето застапништво на еден од најпознатите автомобилски брендови – Peugeot во Македонија и регионот, но истовремено е и генерален увозник на брендовите: TotalEnergies, Milwaukee, Bahco, Irimo, се грижи за развојот на ловиштето Ниџе, а од 2020 година е генерален застапник и за германскиот блиц – Opel во Македонија, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора.
„Горди сме на нашата 35 годишна традиција на раст и развој. Но, тука не застануваме. Чест ми е да најавам дека заедно со тимот на Еуроимпекс, работиме во насока на изградба на два нови репрезентативни деловни центари. Едниот во Скопје, другиот во Белград. Заедно целиме кон уште подобри 35 години!“ – – изјави Даниел Воиновски, Генерален директор на „Еуроимпекс“.
Ова беше еден од ретките настани обоени во кирилица. Гостите беа пречекани со лица во традиционални носии кои послужуваа македонски локум. Постоеше линк помеѓу минатото и иднината… Историски Peugeot возила блескаа крај црвениот килим, кои беа осветлени од најновите Peugeot и Opel модели, а по влезот во ресторанот беше искажано добредојде со шампањ и малини како симбол кој ги поведе гостите во иднината…
Гостите уживаа во македонска музика. Македонски шлагери ја преполнија просторијата со емоции. „За нас почнува живот“ и многу други, во изведба на Дина и The Ringtones. Нашата дива Калиопи, која воедно е и амбасадор на Peugeot брендот во Македонија, приреди маестрален настап, за време на кој гостите не стивнуваа од силни аплаузи и овации… Забавата продолжи на кирилица со Дина и The Ringtones, а гостите беа испратени со ракија и македонски домашен мед.
Ова не беше обична свеченост. Ова беше настан преполн со емоции, посветен на вредните колеги, соработниците и клиентите. Ова беше свеченост на која сопствениците и тимот на „Еуроимпекс“ покажаа како заеднички и тимски се гради и сака една компанија.
ПР
Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.
Економија
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и на Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.