Економија
„Синами“: Нова приказна во македонскиот ИТ ќе го освојува светскиот пазар

По две децении глобална препознатливост во рамките на Групацијата Сеавус, новата македонска ИТ-компанија „Синами“ продолжува да го освојува светскиот пазар
„Иновативни софтверски решенија, кои го модернизираат начинот на кој работат нашите клиенти“, е мотото на македонската ИТ-компанија „Синами“ (www.synami.com). Компанијата до неодамна беше дел од Групацијата Сеавус, меѓутоа по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката компанија „Арикома груп“, „Синами“, која остана во сопствеништво на холдингот на Игор Лештар, почнува сосема нова приказна и продолжува да дејствува самостојно на светскиот ИТ-пазар потпирајќи се на своето 20-годишно искуство во развој на софтверски решенија.
Игор Лештар, македонски ИТ-претприемач и инвеститор, има амбициозен план за раст и развој на компанијата. Иако „Синами“ е ново име, компанијата има огромно искуство и богато портфолио на клиенти од висока класа, каде што се вбројуваат дури и „Ербас“, „Тесла“, „Ролс-Ројс“, „Мекларен“ и многу други кои ги користат софтверските решенија на оваа македонска компанија.
Како дел од „Сеавус“ компанијата има развиено многубројни иновативни продукти на кои им веруваат повеќе од 6 милиони корисници и над 4.500 компании од 172 земји, вклучувајќи 70 % од претпријатија на Fortune 500.
„Со искуството и знаењето што го стекнуваме работејќи на решенија за најголемите водечки глобални компании, практично влегуваме на светскиот ИТ-пазар со ново име, но со огромно искуство и знаење. Потпирајќи се на успешните меѓународни искуства и развојот на многубројни софтверски иновации веќе 20 години, имаме амбиција да бидеме двигател на дигиталното општество и сериозен играч на светскиот пазар. Во таа насока и продолжуваме да инвестираме во развојот и растот на компанијата, вложуваме во нови ИТ-кадри и промоција на нашата експертиза и производи на глобално ниво. Дигитализацијата е неминовен процес во денешното живеење, а ковид-пандемијата уште повеќе ги забрза процесите и потребите на пазарот за иновативни ИТ-решенија. Нашето искуство и силниот и компетентен тим ни овозможува да реагираме бргу на промените на пазарот и да бидеме чекор понапред во испораката на производи за потребите на клиентите“, изјави Игор Лештар, сопственик на „Синами“.
Поаѓајќи од фактот дека ИКТ-индустријата во земјата расте по сите основи, а локалниот ИТ-пазар на труд сè уште се соочува со дефицит од квалификувана работна сила, од компанијата додадоа и дека во овие исклучително конкурентски услови човечкиот капитал и натаму останува нивниот највреден ресурс: „Свесни сме за сè поголемата побарувачка на квалитетни и искусни кадри дотолку повеќе што пандемијата на Ковид-19 забрзано ја наметна потребата за дигитално дејствување на сè поголем број компании. Оттука, нашата стратегија за развој се темели на силно вложување во нови ИТ-кадри и развој на постојните. Ова е основ за раст на економијата базирана на знаење“, истакнаа од „Синами“.
Основниот фокус на компанијата е развој на софтверски продукти, од идеја до комплетна реализација во сферата на проектниот менаџмент. Во своето портфолио „Синами“ вбројува разновидни бизнис-продукти, кои ја подобруваат организациската ефикасност, но и работниот процес на компаниите, овозможувајќи заштеда на трошоци и време и зајакнувајќи ги комуникацијата и тимската работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска – Колумбија: Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина.
Една од клучните теми беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје, Република Северна Македонија. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
„Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво.“ истакна министерката Сања Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните.
Економија
Почна со работа новата хала на „Амфенол“ во Кочани

Започна со работа новата хала на „Амфенол“ во Кочани. Премиерот, Христијан Мицкоски, кажа дека станува збор за инвестиција којашто е трудо-интензивна близу 3.200 вработени, со план за нови 500 вработувања, во две фази.
„Од тоа што разговаравме со директорот, во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас, којашто е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија, којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Така што, јас сум навистина задоволен што можам да кажам дека како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски. Преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата, „Амфенол“ тука во Кочани, како што кажа и директорот во иднина планираме и во одредени други градови да се прошири инвестицијата на „Амфенол“. Така што за нас компанијата претставува стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.