Економија
Средба Ангеловска-Бежоска – Тодорова: Финансиската едукација и вклученоста како начин за подобрување на положбата на жените во економијата и општеството
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/Средба-СОЖМ-1.jpg)
Едукацијата на женската популација за социоекономските права, можности и развивање бизнис-идеи, планови, како и финансиските можности за користење на домашните и европските фондови, се значаен чекор кон намалување на родовиот јаз во општеството и економијата. Финансиската едукација и финансиската вклученост на жените се вбројуваат меѓу политиките коишто треба да се спроведуваат во земјава за намалување на нерамноправноста помеѓу жените и мажите на повеќе полиња, заради обезбедување севкупно поголем економски напредок. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ), Савка Тодорова. За постигнување побрзи и подобри резултати, клучна е соработката помеѓу институциите и невладиниот сектор.
„Целта на Народната банка е преку финансиската писменост и финансиската вклученост да се зајакнат основните вештини и клучните компетенции кај жените, што ќе им овозможи зголемување на нивните финансиски знаења, доверба и пристап до финансии за ефективно да учествуваат во економските активности. Еден параметар за финансиската вклученост на жените кај нас е колкав дел од жените и мажите располагаат со сметка во финансиска институција, при што податоците покажуваат дека кај нас 80% од жените имаат сметка, наспроти 90% кај мажите, додека во Европа не постои разлика помеѓу машката и женската популација во овој дел. Во домашниот банкарски систем, 62 отсто од вкупната вредност на кредитното портфолио им припаѓаат на мажите, а само 38 отсто на жените. За таа цел, Народната банка започна со остварувањето на проектот, поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. Проектот има за цел да обезбеди поддршка за поголем пристап на жените претприемачи до финансии, како и за зголемување на свесноста за значењето на родовата еднаквост при доделувањето кредити“, истакна Ангеловска-Бежоска.
На средбата стана збор за понатамошна соработка заради натамошно зголемување на општата свест за значењето и можностите коишто ги носи поголемата вклученост на жената во економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.