Економија
Стратешкиот чешки инвеститор Групацијата АРИКОМА најавува продолжување на инвестициите во ИТ- експерти во Северна Македонија

На денешната прес-конференција присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев, амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, НЕ Мирослав Томан, и новата странска инвестиција во земјата – акцизицијата на компанијата „Сеавус“ од страна на чешката Групација АРИКОМА, дел од ККЦГ Групацијата, која беше претставена од страна на Михал Томанек, директор за инвестиции одговорен за ИТ на Групацијата АРИКОМА, како и Игор Лештар, претседател на одбор на Групацијата „Сеавус“.
Станува збор за влегување на македонскиот пазар на инвеститор од Европската Унија, Групацијата АРИКОМА, една од најголемите чешки групации, дел од ККЦГ Групацијата, која е приватна мулитнационална финансиска и ивестициска групација основана во 1995 година, со канцеларии во Швајцарија, Чешка, Белика Британија и САД, со вкупна вредност на капиталот од 7 милијарди евра и 5 милијарди евра приходи, и 6.000 вработени во 22 земји во светот.
На крајот на минатата година компанијата „Сеавус“ е аквизирана од страна на Групацијата АРИКОМА, која ја сочинуваат ИТ-компании фокусирани на развој на прилагодени софтверски решенија, ИТ-инфраструктура и развој на клауд-решенија. Групацијата АРИКОМА преку значителни инвестиции за развој на ИТ-услугите е водечка компанија на пазарите во Чешка и во Словачка и нуди целосни ИТ-услуги, а со купувањето на „Сеавус“, влегува и на македонскиот пазар, но и значително го зголемува своето меѓународно присуство. Од Групацијата АРИКОМА изјавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во вработување и развој на ИТ-експертите во Северна Македонија и ќе ги унапредат вложувањата во развој на сите ИТ-кадри преку едукативните центри на „Сеавус“.
„Искуствата кои ги стекнавме оваа година ни даваат право да кажеме дека дигиталната трансформација се одвива многу побрзо отколку што се очекуваше. Амбицијата на Групацијата АРИКОМА да стане лидер во пошироки рамки и предводник на таа трансформација совршено се вклопува со мисијата, вредностите и позицијата што ги има ‘Сеавус’ не само во Северна Македонија туку и пошироко. Оттука, продолжуваме силно да инвестираме во развој на ИТ-кадрите во Северна Македонија, да ги споделуваме меѓународните искуства, продолжуваме да бидеме бизнис-инкубатор и да ја промовираме и понатаму ИТ-експертизата на македонските професионалци на меѓународен план. Ги поздравуваме заложбите на Владата на Република Северна Македонија за овозможување бизнис-клима за развој на ИТ-секторот, во кој „Сеавус“ беше, е и ќе остане двигател на растот на дигиталното општество, но и пример за сите сегашни и идни претприемачи и странски инвеститори“, изјави Михал Томанек, директор за инвестиции одговорен за ИТ, Групација АРИКОМА.
Компанијата „Сеавус“ е групација основана во 1999 година, која вработува 800 професионалци во 15 канцеларии во 8 земји во светот: Северна Македонија, Шведска, САД, Србија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Швајцарија и Молдавија, со преку 4.000 клиенти меѓу кои светски телеком-оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, компјутерски игри – сериозни компании кои котираат на светските берзи.
„Придонесот на ‘Сеавус’ во земјата е значаен не само како поттик кон иновациите и претприемништвото, развојот на ИТ-индустријата и кадрите, но и во однос на економијата и поддршката на заедницата. Верувам дека со силен стратешки партнер како АРИКОМА ќе ги забрзаме иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме нашите позиции на меѓународниот пазар. Тоа практично ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време, да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти, развиени и имплементирани токму од нашите луѓе, од нашите ИТ-експерти“, истакна Игор Лештар, претседател на управниот одбор на Групацијата „Сеавус“.
Новата инвестиција ја поздрави и НЕ Мирослав Томан, амбасадор на Република Чешка во РСМ кој ја истакна важноста на поединечните инвеститори во развојот на трговските, но и севкупните билатерални односи на двете земји.
„Република Чешка e долгорочен силен поддржувач на Република Северна Македонија во однос на НАТО и ЕУ. Изминатата година поддршка беше обезбедена не само во справување со кризата со Ковид-19, туку и во повеќе други области. Искрена благодарност до сите кои работеа на реализација на оваа чешка инвестиција во капитал, знаење и технологии. Со инвестицијата која ја презентираме денес, ‘Сеавус’ добива одговорен и перспективен сопственик. Компанијата ККЦГ основана од Карел Комарек е една од најголемите бизнис-групации во Република Чешка, која работи во Еврoпа и САД и искрено се надевам дека со оваа аквизиција придобивки ќе има и Република Чешка и Северна Македонија и дека овој пример е вистинска добитна комбинација за компаниите и економиите“, изјави НЕ Мирослав Томан, амбасадор на Република Чешка.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија ја поздрави оваа инвестиција како основа за понатамошен раст на успешни македонски компании во насока на зголемување на вработувањата, развој на ИТ-професионалците и поттик за понатамошен развој на ИКТ секторот во земјата како важна индустријата која значително придонесува во економскиот развој на земјата и економијата базирана на знаење.
„Човечкиот потенцијал секогаш бил и натаму останува највредниот ресурс на компанијата, бизнисот, на севкупното општество. Токму лицата од ИТ-секторoт покажаа голем потенцијал за развој на оваа дејност во нашата земја. Македонскиот ИКТ-сектор во последните години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и на приходите. Оваа индустрија е најбрзорастечка во земјава, која ги вработува најмладите и најпрогресивни граѓани. Нашите заложби се насочени кон натамошно подобрување на условите за работа, кои треба да ја раздвижат ИКТ-индустријата и да овозможат забрзана дигитализација на компаниите. За таа цел еден од приоритетите во Владината програма е намалување на персоналниот данок во ИТ-секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто во 2023 година. Тоа треба да биде доволен поттик за натамошен развој на оваа индустрија“, истакна Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Согласно податоците од Централен регистар во Република Северна Македонија, ИКТ-индустријата расте по сите основи. Генералниот приход на индустријата во 2016 година бил 752 милиони евра, додека во 2019 година бил 880 милиони евра. Тоа е раст од 17% за три години. Вкупниот број на компании регистрирани во ИКТ-секторот од 2016 година, кога биле 1,296 пораснал на 1,957 во 2019 година, што е пораст за околу 700-тини компании за само 4 години. Бројот на вработени од 10,975 во 2014 година, пораснал на 15,093 во 2019 што е пораст за приближно 50%. Ова е значителен пораст на вработените во една индустрија. Значаен пораст бележи извозот на ИКТ-софтвер и услуги, кој во 2016 година бил 150 милиони евра, а во 2019 година пораснал до 210 милиони евра, што е пораст за 40%.
За „Сеавус“
„Сеавус“ е компанија за развој на софтвер и консалтинг-услуги со докажано искуство во успешни софтверски бизнис-решенија. Компанијата брои преку 800 ИТ-специјалисти ширум светот и нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, успешно покривајќи ги европскиот и американскиот пазар преку неколку канцеларии и претставништва во светот. Портфолиото на решенија и услуги вклучува BSS/OSS, CRM, CEM, Business Intelligence решенија, ALM, Embedded програмирање, бизнис и потрошувачки производи, мобилни апликации и гејминг-решенија, Managed Services, како и консалтинг и развој на апликации побарање на клиентите. Во портфолиото на „Сеавус“ се вбројуваат над 4.000 клиенти, меѓу кои светски телеком-оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, итн. Денес „Сеавус“ има петнаесет оперативни канцеларии лоцирани во неколку земји, вклучувајќи ги Шведска, САД, Северна Македонија, Белорусија, Молдавија, Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина, со стратегија за континуиран раст.
За Групација АРИКОМА
Најголемиот ИКТ-холдинг во Чешка. Во групата спаѓаат компаниите AUTOCONT, Cleverlance, DataSpring, AEC, Cloud4com и Internet Projekt. Компаниите во Групацијата АРИКОМА обезбедуваат ранг на услуги, почнувајќи од дизајнирање на ИКТ-архитектура, инфраструктура и калуд-услуги, имплементација на корпоративни апликации, па сè до развој на сопствени сеопфатни софтверски решенија и аутсорсинг. Минатата година вкупниот приход на групата надмина 270 милиони евра, односно 7 милијарди чешки круни.
За KKCG
Групацијата KKCG, основана и предводена од успешниот чешки претприемач Карел Комарек, е меѓународна инвестициска компанија со повеќе од 7 милијарди евра (книговодствена вредност) средства и 5 милијарди евра во приходи . Групацијата вработува над 6.000 експерти во 22 земји во светот. Клучните стратешки сектори на KKCG вклучуваат игри на среќа, нафта и гас, технологија и недвижнини. Групацијата KKCG ги вклучува Групацијата SAZKA, Групацијата АРИКОМА , Групацијата MND, американскиот Methanol, капиталниот фонд Springtide Ventures и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.