Економија
Сугарески: Министерството за транспорт и врски со 15 отсто реализација на капитални инвестиции
Од почетокот на годината досега реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски изнесува 15 отсто. Со силно темпо се работи на сите капитални проекти во државата како во делот на комуналната мрежа, гасификацијата, изградбата на социјални станови и железничкото поврзување на земјата, така и во делот на патната инфраструктура, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета на општина Велес.
Сугарески, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, и градоначалникот Аце Коцевски, изврши увид во градежните работи за санација на свлечиштето на патниот правец Велес – Градско.
Проектот е со вредност од речиси 1 милион евра и според интензитетот на градежните работи се очекува да биде завршен во август.
„Безбедноста на граѓаните и непреченото одвивање на сообраќајот е пред сè, па затоа ги интензивиравме работите на терен и со силно темпо работиме на санација на свлечишта и подобрување на состојбата на целокупната патна мрежа во државата. Велес е град кој максимално ги користи државните средства наменети за капитални проекти и му честитам на градоначалникот за тоа. Во овој момент, во соработка со Општината, Министерството работи на санација на водоводната и канализациската мрежа на 12 улици во градот, проект вреден над 600 илјади евра. Исто така, во текот на јуни ќе почне изградбата на систем за снабдување со вода за населените места Раштани и Бузалково, а во фаза на подготовка е и основен проект за изградба на 29 социјални стана во Велес. Во делот на патната инфраструктура, ЈП за државни патишта реализира неколку проекти за подобрување на патната мрежа во Велес и околината, а преку Министерството за траснпорт и врски обезбедивме 1 милион евра за санација на улици и локални патишта во општината. Посветено работиме на унапредување на овој регион и планираме нови проекти во Чашка, Богомила, Градско, Велес и другите населени места инвестирајќи над 70 милиони евра. На крајот, сакам да истакнам дека ги почнавме постапките за изградба на магистрален гасовод од Велес до Свети Николе. Проектот ќе биде финасиран со кредит од ЕБОР, па затоа многу ни е важно да имаме избори и да се формира парламентот за да може преку закон да се обезбедат средства како за овој капитален проект така и за други проекти од огромно значење за граѓаните и за економијата во целост“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека предвидениот рок за завршување на санацијата на свлечиштето е октомври 2020 година, но според интензитетот на работите, се очекува санацијата да биде комплетно завршена до август.
„Првите одрони се појавија во 2018 година, при што веднаш направивме интервентна санација, но бевме свесни дека тоа не е трајно решение на проблемот со кој се соочувавме со години. Ова е навистина стар проблем на општина Велес и овој патен правец. Во 2019 година беше изработен проектот на Градежниот факултет по што, по објавувањето на тендерот и изборот на изведувач, почна вистинското трајно решавање на проблемот, односно оваа санација и рехабилитација која се одвива сега. Најпрвин беше направен потпорниот ѕид со нова греда, со широк обем и голема должина, со цел да се сопре целиот одлив кон железницата зашто често беше загрозен и железничкиот сообраќај. Исто така, беа санирани сите постојни вдлабнатини, односно пропаднатиот дел од патот, каде што, покрај асфалтот, беше уништен и тампонот, а сега е целосно тампониран, и во моментот во тек е фазата на кавење, при што рачно се соборуваат сите карпи кои се во нестабилна состојба. Веднаш по ова, ќе се почне со ставање шипови и заштитни мрежи и бетонирање за да се запре како одронот така и продорот на вода во самите карпи. На крајот следува асфалтирање на патот по што ќе биде безбеден и функционален. Она што особено сакам да истакнам е дека во јуни ќе биде објавен тендерот за рехабилитација на регионалниот пат Велес – Градско – Неготино – Демир Капија“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Директорот Китанов додаде дека во текот на овој и следниот месец ќе почнат градежни работи за рехабилитација на патните правци Голозници – Врановци, Стари Град – Богомила, Богомила – Црнилиште и Оморани – Теово, а пред речиси еден месец на излезот Велес југ кон автопатот е поставено осветление со најсовремени ЛЕД-канделабри во должина од 4 километри.
Градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, изјави дека со санација на свлечиштето се решава проблем со кој граѓаните се соочувале со години и во голема мера се придонесува за зголемување на безбедноста и подобрување на условите во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

