Економија
ТИРЗ – 11 македонски инвестициски проекти избрани на Јавниот повик наменет за домашни компании
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/tirz.jpg)
Единаесет инвестициски проекти се избрани на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании. Петчлена комисија составена од повеќе независни експерти и организации, како и претставници на Меѓународната финансиска корпорација, ИФЦ ги оценуваше доставените инвестициски проекти. Главни критериуми за евалуација беа пазарниот потенцијал, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот и влијание.
На повикот се избрани инвестициски проекти на компаниите: Метална индустрија Братство, Руен инокс Автомобиле, Кентаур Импекс, Алкалоид АД, Савело Драгољуб ДООЕЛ, Детал Велд Инжинеринг, Ивона-П, Техком, Бисера комерц и ТГТ Градба промет. Избраните се средни и големи компании од Кавадарци, Охрид, Скопје, Струмица, Кочани и Битола. Компаниите се доминантно извозни со остварен приход од над 200 милиони евра во последната година. 65% од остварените приходи овие компании ги реализираат од извоз во ЕУ, САД, Азија, Блискиот Исток, Канада, Африка и Западен Балкан. Овие компании вработуваат повеќе од 2500 македонски граѓани. Избраните компании се
Инвестициските проекти на избраните компании се од областа на металопреработувачката индустрија, автомобилска, фармацевтска, машинска, дрвна, градежништво, преработувачка и креативни индустрии. Според доставените проектни планови меѓу главните цели на компаниите им е унапредување на извозот, освојување на нови пазари, да станат дел од синџирот на снабдување кај странските компании во земјава, како и стручна експертска поддршка со цел намалување на производните трошоци која ќе овозможи зголемување на конкурентноста на надворешните пазари.
На овој повик беа доставени дваесет инвестициски проекти. Ова е само прва фаза од Програмата за развој на добавувачи. Македонските компании чии инвестициски проекти се избрани во оваа фаза ќе добијат техничка помош со цел да ги зајакнат извозните капацитети, да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава, но исто така ќе добијат и техничка помош за финализација на инвестициските планови. По успешно завршување на техничката поддршка компаниите ќе имаат можност да обезбедат финансиска поддршка за спроведување на инвестициските планови во рамките на програмите на ТИРЗ и Владата.
Jавниот повик за Развој на добавувачи наменет за домашни средни и големи компании го спроведува ТИРЗ во партнерство со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот Секретаријат за Економски прашања, СЕКО.
Повеќе детали за избраните компании и резиме на проектите на www.fez.gov.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.