Економија
Угостителите утре излегуваат на протест, бараат спас за секторот
Туристичко-угостителскиот сектор се наоѓа во исклучително тешка положба, а за негов спас е потребна сериозна и континуирана финансиска помош каква што не е обезбедена до сега, велат од туристичко-угостителската комора. Токму поради ваквата состојба тие за утре најавија протест.
„Излегуваме на протест, точно на пладне пред Министерството за финансии, онаму од каде се управува со парите во државната каса и од каде најдобро треба да знаат колку помошта ни е потребна. Со протестот сакаме јавно да го покажеме незадоволството од ситуацијата во која се наоѓаме, но и гласно и јасно да предупредиме дека уништувањето на овој сектор треба да се гледа и низ призмата на загуба на сериозна бројка на работни места, како и затворање на многу деловни субјекти од кои егзистираат цели семејства“, истакнаа претставниците на туристичко-угостителскиот сектор.
„Повеќе од една година чекавме надлежните институции да научат и да почнат добро да ја менаџираат корона-кризата и да ги разберат нашите барања за поддршка на нашето ‘преживување’. Наместо тоа, навлегуваме во втора година, во која здравствената криза е полоша во однос на претходната, а полоша е и состојбата во која се наоѓа туристичко-угостителскиот секторот. Сè поголем број на претпријатија се затвораат, а вработените остануваат без извор за егзистенција во време на криза и пандемија. Нема време за чекање, поддршка е потребна сега и веднаш за сите, затоа излегуваме на протест на кој ќе останеме сè до исполнување на нашите барања. Поддршка ни дадоа сите оние кои на директен или индиректен начин се засегнати со состојбата, оние кои ја сфаќаат безизлезната ситуација во која се наоѓаме“, изјави Перица Голомеиќ, од Туристичко-угостителската комора.
Во организацијата на протестот, како што информираат, се вклучени околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор, најмногу угостителски објекти и туристички агенции од туристичко-угостителската комора, но поддршка има и од игротеките од Групацијата на забавни и рекреативни дејности, Асоцијацијата на туристички водичи, Движењето за социјална правда ,,Обединети работници” и други.
За спас на угостителските дејности се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти поделени во 3 категории врз основа на бројот на вработени во 2020 година, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не ни дозволи Владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор, велат тие.
Туристичките агенции истакнаа барања за еднократна неповратна финансиска помош, како и продолжување на рокот на туристичките ваучери кои граѓаните не ги искористија до крајот на 2022 година, а ваучерите од владината мерка „Дома си е дома” да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции за да можат да бидат опфатени хотелите, агенциите, водичите и превозниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

