Економија
Унгарија на странците им го наплаќа горивото 60 отсто поскапо

Во моментот Унгарија има најниски цени на горивата во Европа и очигледно сака да го задржи тој благодат само за своите возачи со тоа што на странските возачи им наплатува гориво и до 60 отсто поскапо.
Европската Унија го нарече овој потег дискриминација и побара да се запре системот за двојно плаќање.
Цената за литар бензин од ноември 2021 година е ограничена на 480 форинти, што е 1,21 евро. Возачите во Австрија и Словачка во моментот плаќаат околу 2 евра за гориво. Затоа многу граѓани на земјите од пограничните области побрзаа во Унгарија да ги наполнат резервоарите на автомобилот.
Сега, со дополнителни 60 отсто, горивото за нив чини 1,93 евро и веќе не вреди да се вози до бензинските пумпи во Унгарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Намалување на цената на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,82 % во однос на одлуката од 23.6.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 0,945 %, кај дизелот за 1,174 %, кај екстра-лесното масло зголемување од 0,425 % и кај мазутот има намалување од 1,806 %.
Малопродажните цени на бензинот „евросупер БС-95“ и на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалуваат 1,00 денар/л, малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ се намалува 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 0,986 денари/кг и ќе изнесува 53,305 денари/кг.
Од 28.6.2022 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин „евросупер БС-95“ – 109,00 (денари/литар);
– моторен бензин „евросупер БС-98“ – 111,50 (денари/литар);
– дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 109,00 (денари/литар);
– масло за горење eкстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 107,00 (денари/литар);
– мазут М-1 НС – 53,305 (денари/килограм).
Економија
Антовски: Народот ќе плаќа поскапа струја затоа што власта го уништи РЕК

„АД ЕСМ на тендерот на ‘ЕВН хоме’ за периодот јули-декември 2022 година достави понуда со која ќе се покријат 100 % потребите на ‘ЕВН хоме’ на регулираниот пазар на електрична енергија за цена од 48 евра/MWh. Оваа цена е 17 % поголема од досегашната, која изнесуваше 41 евро/MWh. Ова е доволен доказ дека нè чека ново зголемување на цената на струјата од јули годинава“, рече, меѓу другото, на денешната прес-конференција Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Антовски рече дека „срамно е што одговорните лица на СДСМ оправдувањето за новото покачување на цената го бараат во поскапите цени на енергентите на берзите. Кога веќе сакаат да прават споредби на производната цена на АД ЕЛЕМ со цените на берзите, нека кажат за потрошените 200 милиони евра добиени од буџетот во последните 7 месеци за купување електрична енергија од берзите поради неможноста на АД ЕЛЕМ да произведува домашна електрична енергија“.
„Раководството на АД ЕЛЕМ, наместо да се правда и да го релативизира новото покачување, да објасни како од општествено одговорна компанија стана загубар со 17 милиони евра за 2020 година, со 23 милиони евра за 2021 година и е еден од најголемите должници во државата кон своите доверители. Денеска сите компании што произведуваат електрична енергија во светот остваруваат големи профити поради високите цени на берзите. Само нашата домашна компанија за производство на електрична енергија АД ЕЛЕМ генерира загуби“, вели тој.
Економија
Шпаркасе банка – Супербренд за 2022 година

Најдобрите и највлијателни брендови во Македонија и оваа година се одликувани со глобалната награда Супербрендс, а Шпаркасе банка се закити со престижното признание – Супербренд во категоријата финансиски институции за 2022 година.
Супербрендс е меѓународна организација, која има за цел да ги препознае одличните брендови на различни пазари и да ја промовира културата на брендирање. Во организација на Супербрендс Македонија секоја година се избираат најсилните брендови во нашата земја, а учество во изборот им е овозможено само на најуспешните од секоја област.
Шпаркасе банка годинава првпат е прогласена за Супербренд во категоријата финансиски институции во земјата исполнувајќи ги четирите основни критериуми неопходни за добивање оваа награда: квалитет, сигурност, препознатливост и емотивна приврзаност на корисниците кон брендот.
– Се гордееме со фактот што Шпаркасе банка ќе го носи знакот на Супербренд за 2022 година и напорите на банката да создаде бренд што е препознатлив и создава силна емотивна врска со своите клиенти, резултираа со плод, па така банката претставува синоним на традиција, квалитет, сигурност и одговорност во перцепцијата на нашите клиенти. Нашето мото „Верувај во себе“ не е само формално, туку мото зад кое суштински стоиме. Макотрпната работа, цврстото верување во нашиот бренд и посветеноста кон клиентите, остануваат наша трајна определба, а оваа награда ќе ни биде дополнителна мотивација да работиме во насока на стекнување уште поголема доверба кај клиентите и зголемување на базата на задоволни и лојални клиенти – изјави Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка АД Скопје.
Изборот на најдобрите и најсилни брендови го организира и го надгледува меѓународната организација Супербрендс, глобален авторитет во сферата на брендингот. Изборот се спроведува во повеќе од 90 земји низ светот и во него досега учествувале над 22.000 бренда. Во процесот на избор учествува стручно жири со голем број внимателно одбрани експерти со свои оценки, како и потрошувачите.
Изборот за Супербренд на Македонија за 2022 година е уште една потврда за зацврстувањето на брендот на Шпаркасе банка како препознатлив бренд што создава доверба кај потрошувачите, како и стремежот да биде прв избор на банка за клиентите. Главна цел на банката останува понуда на квалитетна услуга и иновативни производи, со цел подобрување на корисничкото искуство и задоволство на нашите клиенти, кои се во фокусот на работењето.
Шпаркасе банка е членка на Групацијата Ерсте и Штаермаркише Шпаркасе, која е една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и Источна Европа. Групацијата опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури. Во Македонија групацијата е застапена со Шпаркасе банка и Шпаркасе лизинг и опслужува повеќе од 120.000 клиенти во 36 експозитури.
ПР