Економија
Фероинвест /Централинвест изгради биогасна електрана

Холдингот Фероинвест/Централинвест во сопственост на Кочо Анѓушев изгради биогасна електрана, како дел од својата групација на електрани од обновливи извори.
Сега во своја сопственост има мали хидроелектрани, фотоволтаични електрани и биогасна електрана.
Според Анѓушев, биогасната електрана е најстабилен производител на т.н. чиста и еколошка електрична енергија, бидејќи нејзиното производство не зависи од ветер, сонце или вода туку целосно може да се контролира.
,,Ова е покажување на дело на тоа што јас постојано и го зборувам-дека на Македонија и е потребна диверзификација на инвестициите во обновливи извори. Ние тоа го правиме и со овој пример уште еднаш упатувам апел – паметно и со план да се инвестира во обновливи извори, а државата стратегиски да ја води енергетската транзиција и да не се прави концентрација само на еден извор”- рече Анѓушев.
Коинвеститори со Анѓушев во биогасната електрана во с. Сарамзалино во општина Лозово, светиниколско, се најголемата фарма за одгледување свињи во Македонија, АГРИА, на Перо Колевски и фирмата за амбалажа од Охрид, АСП-ПАК на Петар и Спасе Спасески.
Според Колевски, на овој начин трајно и системски се решава прашањето со екологијата и одложувањето на отпадот од фармите, а во иднина планираат како био-гориво да се користи и отпадот од кланиците.
Биогасната електрана, како што наведе Спасе Спасески, го решава проблемот и со увозот на вештачки земјоделски ѓубрива, бидејќи како нуспродукт биогасната електрана дава домашно органско ѓубриво кое останува на крајот на технолошкиот процес по производството на електрична енергија.
Електраната во с. Сарамзалино е со моќност од 2 MW (мегавати), се градеше две години и чини 12 милиони евра. Станува збор за биогасна електрана од последна генерација со најмодерна инсталирана технологија. Годишно ќе произведува 16.640 MWh електрична енергија која може да ги задоволи потребите на 15 илјади луѓе, ќе произведува топлинската енергија која ќе може да загрева плантажи на 6 хектари земјоделско земјиште и ќе произведува 40.000 тони природно земјоделско ѓубриво.
Покрај посетата на биогасната електрана во светиниколско, новинарите можеа да видат како работи и компанијата БРАКО во Велес, исто така во сопственост на Анѓушев, каде со најсовремени машини, стручно инженерско знаење од македонски инженери и роботизирано производство во четири фабрики се произведуваат електрични, хидрогенски и дизел возила за чистење, тешки метални конструкции, жичани производи и медицинска опрема, и 95% од производеното се продава надвор од Македонија.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Имаме поддршка од европските пријатели, да донесеме државничка одлука, Европа е нашиот дом

Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа, а нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции, порача денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи преку видео порака.
Тој ги пренесе импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, Молдавија, но и очекувањата на главните политички чинители во ЕУ, кои, како што вели, од Северна Македонија очекуваат максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав како значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.
-Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат. По тој повод, чест ми е што заедно со премиерот Ковачевски учествував на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија, посочува Битиќи.
Тој средбите во Кишињев ги оценува како можност за окрупнување и засилување на поддршката од цела Европа за следни чекори за членство на државава во Европската Унија
-Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок. И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани, вели Битиќи и порачува дека нема други алтернативи за просперитетна и сигурна иднина.
Економија
Исплатени речиси 290 милиони денари дополнителни субвенции за овоштарство кон 10.604 корисници

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурланиот развој изврши исплата за дополнителни директни плаќања од подмерка 1.7 по обработлива земјоделска површина за одделни овошни видови. Исплатата е реализирана кон 10.604 корисници во висина од 286.673.118,00 денари.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства што имаат засадени површини со следниве овошни видови: јаболко, слива, праска, круша, вишна,кајсија ,цреша, јагода на отворено, малина, капина, боровинка ,дуња,мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко,смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, барем, лешник, ореви и питоми костени, кои се корисници од подмерка 1.7 од оваа уредба и се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Висината на директните плаќања изнесуваат 29.000 денари по хектар, односно 38.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари јаболко.
За слива и праска висината на директните плаќања изнесува 24.000 денари по хектар односно 30.600 денари по хектар со пријавена површина за финансиска поддшка од минимум 1 хектар до максимум 5.
Кај овошните видови круша, вишна, кајсија , цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка висината на плаќањата изнесува 21.000 денари по хектар, односно 27.600 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска подршка од минимум 1 до максимум 5 хектари.
Додека пак 13. 000 денари по хектар односно 18.000 денари по хектар, изнесува висината на директни плаќања за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари за дуња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник.
Економија
(Видео) Ковачевски на тркалезна маса за енергетика: Македонија станува зелен енергетски центар

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Како што наведуваат од кабинетот на Ковачевски, тој ги истакнал чекорите кои Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.