Економија
Финансиска поддршка од Владата за 33 економски оператори

Како дел од шестиот пакет анти-ковид мерки, врз основа на информацијата за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на компании – оператори од индустријата за организација на настани, Владата денеска донесе одлука на 33 економски оператори од оваа дејност што ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, од вкупно 45 апликации, да им бидат распределени 15.443.661,00 денари.
Владата, како што соопштија по одржаната седница, денеска ја разгледала и информацијата за резултатите од спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта, и била донесена одлука за исплата на вкупна финансиска поддршка од 5.442.232 денари, за вкупно 73 правни лица кои ги исполнуваат сите услови од јавниот повик за правните лица од овие дејности.
Од истата шеста програма за справување со последиците од ковид кризата, денеска членовите на владата донеле и одлука за финансиска поддршка на регистрирани фотографски студија и фитнес-центри со која на сите 184 правни лица од овие дејности кои аплицираа на јавниот повик, со оглед на фактот што сите ги исполнуваат условите, да им биде распределена предвидената финансиска поддршка од 11.924.820,00 денари.
Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 86-та седница го разгледа извештајот за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на лиценцирани туристички водичи и донесе одлука да се одобрат 2.460.000,00 денари за 80 лиценцирани туристички водичи кои ги исполнија условите и критериумите утврдени во јавниот повик, стои во писменото соопштение.
Со оваа одлука, како што појаснуваат од таму, на туристичките водичи ќе им биде исплатена еднократна финансиска поддршка во висина од 30.750 денари за надминување на последиците од ковид-кризата опфатена во шестиот пакет мерки на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.