Економија
Шпаркасе банка – Македонија и Охридска банка споени во една банка

Со упис на статусната промена – присоединување, и официјално заврши процесот на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Со ова, интегрираната Шпаркасе Банка Македонија АД – Скопје, станува дел од групата големи банки заземајќи ја 4-та позиција на банкарскиот пазар.
Со успешната завршница на процесот на присоединување, Шпаркасе Банка Македонија ја прошири својата клиентска база и го зголеми пазарниот удел на 13,4% во сегментот население и 15,1% во сегментот корпоративни клиенти. Уделот на банката на девизниот пазар ќе изнесува 25%. Шпаркасе е депозитарна банка на околу 50% од вкупните средства и извршува 40% од тргувањето со хартии од вредност на меѓународни пазари. Интегрираната Шпаркасе Банка Македонија, сега веќе опслужува повеќе од 140.000 клиенти во земјата, преку 35 експозитури и широка мрежа на банкомати на приближно 100 локации ширум државата.
Со вкупна актива од 1,15 милијарди евра Шпаркасе Банка Македонија се позиционираше во рангот на големите банки на пазарот како број еден во сегментот депозитарна банка, број два во корпоративниот сегмент и број три во сегментот население, нудејќи им на своите клиенти атрактивни производи и услуги, како и експертиза што доаѓа од Ерсте Групацијата и Шпаркасе.
„Во изминатите две години бевме посветени на градење една поуспешна банка на пазарот со пошироки перспективи за понатамошен развој и креиравме одржливи вредности за нашите клиенти и акционери. Задоволен сум што го зголемивме нашето присуство во Северна Македонија за речиси трипати и станавме референтна банкарска групација во земјата. Заедно со силата на Ерсте Групацијата, наша цел е да го зголемиме нашиот придонес уште повеќе во следните неколку години. Ние го гледаме Западниот Балкан и Северна Македонија како регион со многу висок потенцијал за раст и презедовме уште еден чекор во вистинската насока што се покажа со позитивниот исход на проектот на интеграција“, изјави Георг Бухер, член на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.
„Денес со задоволство можам да констатирам дека Охридска и Шпаркaсе банка се една банка: Шпаркасе банка Македонија. Тоа е банка во која секое трето семејство во Македонија има сметка, во која повеќе од 2/3 од присутните мултинационални компании ги вршат своите трансакции и сме водечки во проектното финансирање и во поддршката на растот и развојот на македонската економија. Ќе делуваме како финансиски супермаркет, каде што секој ќе може да ги задоволи своите потреби и да го избере она што му е најпотребно и му носи додадена вредност. Нашата посветеност да ги разбираме и да ги опслужуваме клиентите ќе биде во фокусот на нашето работење. Со уште поголем и професионален тим и поголема достапност на нашите услуги ќе продолжиме да градиме уште помодерна и помоќна Шпаркасе банка Македонија. Ќе продолжиме да бидеме банка од доверба, која е препознатлив партнер на македонските економски субјекти. Ќе останеме хумана банка, која се грижи за вработените, за клиентите, за животната средина и за општеството. Заедно ќе ги дизајнираме проектите, ќе бидеме отворени за иновативни идеи и решенија, кои ја динамизираат македонската економија. Заедно можеме повеќе!“, изјави Глигор Бишев, главен извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.
Во изминатиот период на присоединувањето, а особено сега по неговото завршување, остануваат во фокусот потребите на нашите клиенти и грижата за нивниот напредок и остварување на заедничките цели. Нашиот проширен стручен тим е достапен за поддршка и за советување на клиентите преку експозитурите на Банката, како и во корпоративниот центар за опслужување и поддршка на клиентите во централата во Скопје.
Следејќи ги современите трендови на банкарскиот модел на работење во Ерсте Групацијата и Шпаркасе, Шпаркасе Банка Македонија веќе од почетокот на годината го воведе новиот модел на експозитура, кој е направен според највисоките стандарди за безбедност и заштита при работа, со висококвалитетни материјали, кои освен со својот модерен дизајн, овозможуваат и заштеда на топлинска и на електрична енергија. Од минатата недела започна со работа експозитурата Центар во Скопје, како прва прототип експозитура со 24/7 зона во која клиентите ќе можат да ги извршат потребните банкарски услуги (плаќање редовни обврски кон Банката, плаќање режиски трошоци, вршење уплата на готовина и менувачница на странски валути). Локациите на експозитурите се распоредени во сите поголеми градови низ државата и се достапни за клиентите секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот и во сабота на одредени локации. За полесно пронаоѓање на најблиската локација Банката овозможи уште една дополнителна функционалност „Локатор на експозитури и АТМ“ преку апликацијата „Sparky“ Viber Chatbot достапна на следниот линк.
Во сегментот население Банката веќе се издвои на пазарот со единствена најдолго гарантирана каматна стапка за потрошувачки кредит, фиксна за првите 8 години, со што нуди стабилност и финансиска извесност за своите клиенти. Водејќи се од определбата за постојано подобрување и унапредување на производите и на услугите, а со цел исполнување на очекувањата на клиентите, Банката создаде најразлични понуди, кои во периодот што следува ќе можат да ги користат сите нови и постојни клиенти.
Преку поврзаноста со другите банки-ќерки во Ерсте Групацијата и Шпаркасе, придобивките за корпоративните клиенти се видливи во повеќе аспекти, во делот на финансирање поголеми проекти од сопствени средства или од фондови за посебни програми за унапредување на конкурентноста на компаниите и нивниот развој за настап на европските пазари. Предностите што корпоративните клиенти ќе ги искусат, ќе бидат и во поглед на платниот промет во земјата и со странство преку кореспондентската банкарска мрежа на Ерсте Групацијата и Шпаркасе. Интегрираната Шпаркасе Банка Македонија ќе има значајно учество и видливост на пазарот и преку понудата на широк спектар инвестициски услуги за тргување со хартии од вредност, осигурителни, лизинг и готовински услуги.
За сите новитети и понуди на Шпаркасе Банка Македонија клиентите можат да се информираат преку веб-страницата на Банката www.sparkasse.mk, како и преку Контакт центарот на телефонскиот број 02/15 050, кој е достапен секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.