Економија
Ангеловска-Бежоска – Вујчиќ: Заеднички приоритет ни е зајакнување на финансиската стабилност
Наш заеднички приоритет е секојдневно зајакнување на финансиската стабилност на нашиот регион и затоа заеднички работиме и ќе работиме на тоа во рамки на нашиот мандат. Во тој контекст, продолжуваме уште повеќе да разменуваме мислења и искуства и околу банкарската супервизија и регулатива, особено од аспект на спроведувањето на меѓународните стандарди и прудентните принципи. Ова се дел од пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, на првиот дел од нивната средба денеска во Скопје.
Вујчиќ пристигна во дводневна посета на нашата земја на покана на гувернерката Ангеловска-Бежоска, со цел продолжување на разговорите во кои акцентот е ставен на засилување на билатералната соработка во рамки на склучениот меморандум меѓу двете централни банки. Веќе се разговара и за соработка којашто би се одвивала преку натамошна размена на мислења и искуства од областа на централнобанкарската статистика, на истражувањето и на економското моделирање, како и во сферата на платежните услуги и платните системи.
Вујчиќ оценува дека со спроведените реформи, со унапредувањето на регулативата и со проектите остварени во изминатиот период, нашата централна банка постигна забележливи резултати, применувајќи голем дел од најдобрите европски и меѓународни практики. Како што кажа тој, тоа е дополнителен мотив хрватската и натаму да биде партнер и поддржувач на нашата централна банка, особено во усогласувањето со највисоките европски стандарди.
Ангеловска-Бежоска му се заблагодари на својот колега за досегашната поддршка, особено во рамки на проектите финансирани од Европската Унија. Во тој контекст, двајцата гувернери разговараа и за проектот за јакнење на капацитетите на нашата централна банка на патот кон нејзино членство во ЕСЦБ, чија почетна конференција се одржа минатата недела. Ангеловска-Бежоска и Вујчиќ оценија дека овој проект во којшто партнери на нашата се централните банки на Германија и Хрватска е исклучително значаен, особено поради тоа што опфаќа четири клучни области од централнобанкарското работење. Како што беше кажано, тој ќе придонесе за унапредување на сликата и на регионалната централнобанкарска заедница.
Во натамошниот тек на посетата на гувернерот Вујчиќ, подетално ќе се разговара за сите сфери во кои може да се интензивира комуникацијата меѓу експертите од двете централни банки, во насока и на унапредување на централното банкарство во целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels
Економија
Филипче: Следува поголема криза и нови поскапувања во 2026 година
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари, говорејќи за економската состојба во државата, предупреди дека следната 2026 година ќе биде исклучително тешка и кризна за државата и за граѓаните, со нови поскапувања, зголемено задолжување и продлабочување на сиромаштијата.
„Ќе имаме многу кризна година. Ќе следи година во која ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра. И тие задолжувања ќе бидат за тековни трошоци, нема да бидат за капитални инвестиции“, рече Филипче.
Тој посочи дека во Буџетот за 2026 година е намалена вкупната сума за капитални инвестиции, додека истовремено постои сериозен проблем со реализацијата на приходите.
„Десетина проценти ќе фалат. Тоа се 600 милиони евра во Буџетот. Ако на тоа се надоврзе долгот кон стопанството, повратот на ДДВ, тогаш околу милијарда евра, недостасуваат во Буџетот. Тоа беше една од причините зашто веројатно го затвораат порано. Тоа не се случило досега“, рече Филипче.
На брифинот, Филипче потенцираше дека дополнително и состојбата со енергетската криза е загрижувачка, поради лошото менаџирање со секторот од страна на власта, што доведе до покачување на цената на струјата.
„Поскапувањето на струјата ќе повлече поскапување на сите други продукти, сследи бран на огромни поскапувања на храната, на лебот, на млекото, на јајцата, на сите основни прехранбени продукти. Притоа, нема најава дека ќе има зголемување на платите, пропаѓаат преговорите со синдикатите“, рече Филипче.
Во тој контект, Филипче укажа дека следната година, инфлацијата тешко ќе може да се контролира.
„Ако предвидувањето за раст на БДП е некаде 3,7-8 проценти, а знаеме дека нашата структура на БДП е така поставена да две третини е лична потрошувачка, граѓаните нема да трошат повеќе за повеќе. Граѓаните ќе трошат повеќе за истото или за помалку, поради тоа што цените се ќе бидат повисоки, значи ќе живеат посиромашно“, рече Филипче.
Тој предупреди и на сериозен застој кај странските инвестиции, посочувајќи дека нема веќе раст и дека е прашање колку компании ќе ја напуштат земјата. Дополнително, како што кажа Филипче, значително е влошена ликвидноста на компаниите поради доцнењето на повратот на ДДВ.
„Компаниите веќе затвораат, се жалат дека поради тоа што немаат пари од повратот на ДДВ, ги затвораат компаниите, отпуштаат работници. Илјадници работници се отпуштени, изминатите неколку месеци“, посочи Филипче.
Економија
(Видео) Филипче: 161 тендер доделени на една компанија, власта се грижи само за сопствени интереси
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со новинарите остро ја критикуваше актуелната власт за, како што рече, целосна насоченост кон тендери и грижа исклучиво за сопствените интереси, наместо за потребите на граѓаните.
„Што прави власта во меѓувреме? Се грижи само за своите луѓе. Видовме примери 161 тендер доделени на една компанија, во вредност од 5,3 милиони евра. Друга компанија добила договори во износ од 9 милиони евра, само двајца вработени. Ова се бројки што јасно говорат за начинот на којшто функционира оваа власт“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ваквите случаи не се изолирани и дека секојдневно излегуваат на виделина нови информации за сомнителни јавни набавки и злоупотреба на институциите.
Филипче истакна дека платформата на СДСМ Истражувачкиот центар за коруптивни операции (MICKO.mk) која неодамна беше отворена, секојдневно прима стотици документи и пријави од граѓани, вработени во јавни институции, како и од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сите ќе ги објави.
„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара “, порача претседателот на СДСМ.

