Економија
Шаховскиот клуб „Алкалоид“повторно на Европскиот клупски куп 2019
Шаховскиот клуб „Алкалоид“, продолжува со настапите на Европскиот клупски куп, што оваа година се одржува од 10 до 16 ноември во Улцињ, Црна Гора.
Во 2016 година ШК „Алкалоид“ го освои Европскиот клупски куп и ја понесе титулата европски шампион! со 12 бодови во седум мечеви (пет победи и два нерешени меча, без пораз!). Европското клупско злато е освоено во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање. Во 2017 година ШК „Алкалоид“ продолжи со успешен настап на Европскиот клупски куп и во Анталија, Турција 7-15.10.2017 година, го освои второто место, со освоени 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз). Со идентичен скор во 2018 година (11 меч бодови), екипата се најде на делба од трето до шесто место, а по дополнителен критериум шесто место во конечниот пласман.
Во 2019 година клубот се подготвува за настап со осетно изменет состав, без 4 играчи од претходна година.
Но, оваа година во составот на екипата е еден од најсилните светски шахисти, велемајсторот од Азербејџан, Shakhriyar Mamadyarov, кој настапуваше за Алкалоид во 2007, 2008 и 2009 година.
Боите на „Алкалоид“ продолжуваат да ги бранат и стандардните членови велемајсторите Dmitry Andreikin (Русија), кој ја предводеше репрезентацијата на Русија до злато на тукушто завршеното Европско екипно првенство, како и Yuriy Kryvoruchko (Украина).
Првпат за Алкалоид ќе настапи шампионот на САД за 2018 година, велемајсторот Sam Shankland, стандарден репрезентативец на својата држава и носител на златен олимписки медал од 2018 година.
Втор повратник во екипата е велемајсторот од Русија, Ernesto Inarkiev, европски првак од 2016 година.
Составот на екипата е комплетиран со двајцата најдобри македонски играчи: Трајко Недев и Филип Панчевски. Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ. Со освежен состав, но воедно играчи кои биле дел од овој одличен спортски колектив, „Алкалоид“ ќе продолжи повторно да се бори за европскиот врв. Редоследот на играчите со конкретен распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток на натпреварите.
На Европскиот клупски куп оваа година се пријавени досега најголем број учесници и тоа 67 екипи во машка и 14 во женска конкуренција. Вообичаено, конкуренцијата е многу силна: Mednyi Vsadnik St. Petersburg (минатогодишните шампиони), AVE Novy Bor – Чешка (второпласирани 2018 година), Obietivo Risarcimento Padova, стандардно при врвот. Директни конкуренти за медал или т.н. „црвена група” се 4 тимови, но сигурно во борбата ќе се вмешаат првите 10 најдобро рангирани. Се очекува рамноправна и до крај неизвесна борба, со оглед дека турнирот е релативно краток, само 7 кола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.