Економија
Ангеловска – Бежоска: ЕБОР може да придонесе развојот на алтернативните извори за финансирање
Гувернерката и вицегувернерите на Народната банка на Република Македонија вчера се сретнаа со делегацијата на одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која е во неколкудневна посета на земјава. Делегацијата е предводена од директорот на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Македонија и за Ерменија, Франс Викерс и од директорката на ЕБОР за Полска, Бугарија и за Албанија, Виолета Барвицка-Лофтхаус.
На средбата акцентот беше ставен на дел од приоритетите кои ќе треба да бидат инкорпорирани во стратегијата на ЕБОР за Република Македонија за претстојниот четиригодишен период. Фокусот на делегацијата на ЕБОР беше насочен на утврдувањето на клучните области каде што може да се ангажира оваа меѓународна развојна банка во земјава во текот на следните неколку години за да се интензивира деловниот и политичкиот дијалог.
Раководството на НБРМ ги презентира согледувањата и оцените за македонската економија во целина, како и согледувањата и оцените за македонскиот банкарски систем и неговата стабилност.
„Македонската економија закрепнува, а банкарскиот систем во земјава е стабилен и солвентен. Тој е во кондиција којашто овозможува понатамошна поддршка на економијата“ – истакна гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа посочи и на просторот за понатамошна консолидација на банкарскиот сектор, како и на потребата за развој на останатите сегменти на финансискиот систем и развој на алтернативните извори за финансирање, особено за малите и за средните претпријатија. Токму во овие сегменти се воочи простор за натамошна поголема вклученост на ЕБОР. Воедно, гувернерката се осврна и на новата концепт-стратегија на ЕБОР за Република Македонија, укажувајќи на добро дефинираните приоритети, особено во областа на инфраструктурата и финансискиот сектор, како клучни предуслови за зголемување на конкурентноста и продуктивноста на економијата.
Ваквите посети на делегација на Одборот на директори на ЕБОР се редовни и се одвиваат на секои две до четири години во секоја земја на работење.
Досега ЕБОР има вложено над 1.8 милијарди евра во 113 проекти во Република Македонија, со цел поддршка на интеграцијата на земјава во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог и особено преку интензивирање на соработката со клучните партнери како Европската Унија и Европската инвестициона банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

