Економија
Ангеловска-Бежоска за „Глобал капитал“: Структурните реформи се неопходни и за време на корона-кризата
Во најновото неделно издание на престижниот магазин „Глобал капитал“ е објавен осврт на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, за предизвиците од корона-кризата за македонската економија.
Ангеловска-Бежоска најпрво се осврнува на карактеристиките на нашата економија, при што меѓу другото ги посочува подобрувањето на нејзината надворешна позиција во изминатата деценија и растот на девизниот потенцијал, што овозможува сега да се спроведува релаксирана монетарна политика со цел ублажување на ефектите од кризата со којашто се соочуваме. Како особено значаен го издвојува процесот на интеграција во глобалните синџири на производство којшто придонесе за подобрување на извозната база, засилување на странските директни инвестиции во секторот на разменливи добра и постепено намалување на трговскиот дефицит.
Истовремено, гувернерката ја истакнува важноста на постојаното јакнење на стабилноста на банкарскиот систем преку зајакнување на регулаторната и супервизорската рамка, што е од исклучително значење за соодветно да се одговори на актуелниот шок. Во овој контекст, како што е посочува гувернерката, Народната банка овозможи поголема регулаторна флексибилност заради поголема кредитна поддршка на сите оние кои се кредитоспособни, а се погодени од корона-кризата.
Во завршницата на објавата во „Глобал капитал“, Ангеловска-Бежоска порачува дека јасната лекција од корона-кризата е дека и во моменти кога сме фокусирани на „гаснење на пожарот”, не треба да заборавиме на структурните пречки, коишто треба да се отстранат, за да се зголеми долгорочниот потенцијал на економијата, да се намали ранливоста и следствено на тоа да се зголемува просторот на политиките за подобро справување со идни шокови.
„Глобал капитал“ е еден од најреферентните извори на информации за глобалните пазари на капитал. Освртот на гувернерката на Народната банка е објавен во рамки на серијалот текстови на носителите на политики, фокусиран на актуелните предизвици од корона-кризата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

