Економија
Ангеловска-Бежоска за Денот на штедењето: Депозитите на граѓаните се показател за високата доверба во банките и денарот
„Депозитите на домаќинствата од пандемијата досега се зголемени 20 %. Во моментот граѓаните им имаат доверено 340 милијарди денари на банките. Кај штедењето на населението се забележуваат поволни структурни промени, при што учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата има нагорен тренд и изнесува околу 48 %. Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментот се на највисокото ниво во последните десетина години. Фактот што депозитите кај банките растат и покрај мноштвото надворешни шокови, какви што имало само еднаш во изминатите сто години, е потврда за високата доверба што ја има населението во банкарскиот систем. Кон тоа придонесува и централната банка, која постојано се залага за јакнење на неговата отпорност“, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври.
Граѓаните и натаму најмногу штедат во банките, со учество на депозитите со 62 % во нивната вкупна финансиска актива во 2022 година. Сепак, учеството на вложувањата во алтернативни финансиски инструменти исто така се зголемува со растот на понудата и развојот на финансиските пазари. Пандемијата беше двигател на насобирањето вишок заштеди кај населението, при што најголемиот дел од вишокот заштеди беше пласиран во депозити, чие учество во БДП во 2020 година се зголеми 3,3 п.п., што е тројно повеќе од просечниот прираст во претходните неколку години, но овој тренд се стабилизира изминатите години.
„Нема сомнение дека штедењето е еден од клучните мотори на економскиот раст, а во земјите во развој е важен двигател на доходовната конвергенција. Колку е повисоко домашното штедење, толку се повисоки и можностите за инвестирање“, посочува гувернерката и укажува дека доколку домашното штедење е помало од потребите за инвестирање, тоа ќе наметне потреба да се позајми однадвор, што ќе предизвика и зголемување на надворешното задолжување. „Оттаму, нашите напори мора да се насочени кон поттикнување на домашното штедење, но и кон негово канализирање преку финансискиот систем“, вели гувернерката.
Граѓаните имаат висока доверба во банкарскиот сектор, што и не е изненадување имајќи предвид дека системот во период на повеќе кризи, кои се преклопуваат, сепак е стабилен, високо капитализиран и ликвиден. Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка и за време на кризниот период ја јакне отпорноста на банкарскиот сектор преку зголемување на капиталните барања, а првпат и преку воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, како и преку првите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка. Донесени се и системски важни законски решенија, Законот за финансиската стабилност и Законот за решавање банки, со кои се јакнат механизмите за заштита, но и за решавање на сериозните проблеми со кои се соочуваат банките, без да се наруши финансиската стабилност. Усвоен е и првиот среднорочен план за управување со ризиците од климатски промени, кој ќе придонесе за управување со еден од најважните современи предизвици и за подобрување на потенцијалот на банките за поддршка на преминот кон зелен и одржлив развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР