Економија
Андреева од Народната банка: Корпоративниот сектор е профитабилен, квалитетот на кредитите одобрени на претпријатијата и натаму се подобрува
„Домашниот корпоративен сектор успешно се справува со последиците од неколкуте последователни кризи, со двоцифрени стапки на раст на нето-добивката во изминатите две години. Послаби резултати во работењето се забележуваат кај микропретпријатијата, коешто датира уште од пред пандемијата. Долгот на претпријатијата како процент од БДП бележи минимално зголемување на крајот на минатата година, додека во споредба со ЕУ, домашниот корпоративен сектор е помеѓу помалку задолжените или умерено задолжените. Сепак, трендот на раст наметнува потреба од внимателност. Банкарскиот сектор е силна потпора за корпоративниот сектор, додека стапката на нефункционални кредити на претпријатијата е ниска и под нивото од пред пандемијата“, посочува директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика, Наташа Андреева, во интервју за „Блумберг Адрија“.
Директорката Андреева истакнува дека закрепнувањето на корпоративниот сектор по пандемијата беше брзо, делумно поддржано и од политиките, со што веќе во 2021 година, се забележува раст на нето-добивката за високи 32,1%, додека во 2022 година овој тренд продолжува, но поумерено, со раст од 19,8%. „Карактеристично за 2022 година е што сите дејности се вратија на патеката на профитабилно работење, а најзабележливо зголемување на профитабилноста, и тоа над претпандемичното ниво, има кај угостителската дејност, којашто беше и најпогодена од корона-кризата. Корпоративниот сектор ја задржа и ликвидноста на релативно стабилно ниво, иако таа традиционално е ниска, а се бележи подобрување и во оперативната ефикасност и уредноста во извршувањето на обврските.
Долгот на корпоративниот сектор, на крајот на 2022 изнесува, 71,1% од БДП и бележи мал раст во однос на 2021 година, но и натаму е во умерени рамки и под меѓународните прагови за ранливост. „Растот на профитабилноста е фактор што придонесува за одржливоста на долгот на корпоративниот сектор, којшто и натаму има соодветен капацитет за редовно намирување на обврските. Податоците од банкарскиот сектор засега не упатуваат на остварување на ризиците од затегнатите финансиски услови, стапката на нефункционални кредити на претпријатијата е ниска и изнесува околу 3,8%, што е под нивото од пред пандемијата. Сепак, потребна е внимателност, во услови кога окружувањето и натаму е неизвесно, а геополитичките превирања создаваат ризици за динамиката на цените и економскиот раст, што заедно со растот на трошоците за финансирање може да ја зголеми ранливоста на корпоративниот сектор“, посочува Андреева. Ова упатува на потребата од поголема внимателност кај компаниите при управувањето со долгот и планирање на новите задолжувања во согласност со финансиските капацитети на компаниите.
Народната банка постојано ги следи случувањата и ризиците на кои е изложен банкарскиот систем и е подготвена да преземе соодветни макропрудентни и други мерки, доколку оцени дека е потребно тоа за да се одржи финансиската стабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

