Економија
Анѓушев во посета на компании во индустриската зона во Кочани
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на активностите за презентација на измените и дополните на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и предлог – законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата, ги посети компаниите Руен Инокс Аутомобиле и Пејпер Мил во Кочани, кои последните години бележат раст на приходите и на бројот на вработени.
Двете компании се лоцирани во индустриската зона во Кочани, преземени од сегашните сопственици во незавидна состојба, а во последните години реализираат нови инвестиции со кои се унапредува технолошкиот развој и се зголемува нивната продуктивност.
По разговорите со сопственикот на компанијата Руен Инокс Аутомобиле, Славе Јорданов и посетата на производствените капацитети, вицепремиерот Анѓушев изрази задоволство што само за неколку години од руинирана фабрика, оваа фабрика станала респективен и конкурентен производствен капацитет.
„Оваа компанија секоја година ги зголемува производствените капацитети. Станува збор за една домаќинска организација и поставување на производствен процес. Има простор за дополнително подобрување, особено во осовременување на технологијата и машинскиот парк, но мора да се признае дека многу е направено за кус период. Преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои Руен Инокс Аутомобиле веќе ги користи и има потпишано договор во 2018 година, се дава можност токму за поврат на инвестиции кои се направени за модернизирање и осовременување на производствениот процес. Владата ќе продолжи да ги спроведува мерките за поддршка на компаниите, за нивниот раст и развој, понатамошно зголемување на обемот на производство, затоа што само со развој на компаниите и реалниот сектор можен е побрз и одржлив раст на економијата во државата“, посочи Анѓушев.
Сопственикот на Руен Инокс Аутомобиле, Славе Јорданов, изрази големо задоволство од мерките во Законот за финансиска поддршка на инвестициите и посочи дека поддршката добиена за реализирани инвестиции во 2017 година, е единствена позначајна поддршка која компанијата ја добила од страна на државата досега, како и дека е задоволен од економските политики кои ги спроведува Владата во насока на унапредување на конкурентноста на македонските компании.
Вицепремиерот Анѓушев се сретна и со менаџментот на компанијата Пејпер Мил, на кои им ги претстави мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а особено се задржа на мерките за субвенционирање на повисоки плати.
„Инвестираме во човечкиот капитал, сметаме дека нема економија без квалитетен и мпотивиран кадар. Токму затоа со новите мерки ќе обезбедиме субвенционирање на сите оние компании кои ќе се охрабрат и ќе ги покачат платите на своите вработени. За покачување на платите од 600 до 6000 денари, компаниите ќе треба да го платат само данокот за личен доход, додека останатите давачки за задолжително социјално и здравствено осигурување ќе бидат покриени од страна на Владата. За тоа не треба посебни апликации, сето тоа ќе се прави со едноставни операции за време на уплата на примања на работниците преку клиентскиот софтвер МПИН на Управата за јавни приходи“, нагласи Анѓушев.
Компанијата Руен Инокс Аутомобиле се занимава со производство на делови за автомобили и нуди широк спектар на производи за европската камионска флота, а во моментот во компанијата работат над 200 лица. Пејпер Мил е дел од Unitrade Cluster, водечка компанија во регионот за рециклирање на хартија. Со своите активности во Северна Македонија започнаа во 2016 година, а во моментот имаат околу 100 вработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.