Економија
Арсовска во Кина: Договор за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит
Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовка, е во официјална посета на Кина, како дел од иницијативата на Кина 17+1 во која активно е вклучен и Сојузот. Во рамки на посетата предвидени се значајни средби со официјални владини претставници од НР Кина, учество на форуми на иницијативата за соработка на Кина и земјите од Центална и Источна Европа, како и посета на големи кинески корпорации, активности кои ќе ги зацврстат добро воспоставените деловни релации со Кина.
Посетата на Арсовска е продолжување на заложбите на Сојузот и активности за зголемување на можностите на приватниот сектор во рамки на иницијативата на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, кон која неодамна се приклучи и Република Грција.
Во рамки на официјалната посета, во Нингбо, Арсовска склучи договор за соработка со кој во платформата 17+1 следната година Македонија и Кина ќе преземат активности за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит со НР Кина.
„Во Нингбо е лоциран центарот за увоз во Кина за земјите од Централна и Источна Европа и македонски павилјон каде 12 месеци во годината се промовираат македонски производи. Во центарот изложени се и повеќе од 3.000 видови производи од над 300 компании од земјите од Централна и Источна Европа. Зајакнување на трговијата и соработката меѓу македонските и кинеските компании е повеќегодишна заложба на Сојузот на стопански комори. Договорот што го потпишавме во Нингбо за зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит значи дека преку Сојузот ќе даде нова димензија на можностите за пристап и можност за извоз и за реализација на сигурни партнерства на македонските со компании од НР Кина. Договорот е гаранција на заложбите на НР Кина во рамки на иницијативата со земјите од ЦИЕ за зголемена реализација на извозот, а со тоа кон намалување на трговскиот дефицит“, изјави Арсовска и додаде дека бројните иницијативи за соработка на Кина и земјите од ЦИЕ даваат резултати во повеќе сектори како ИКТ, земјоделство, здравство, индустриско производство.
Дополнително, новина е тоа што наскоро малите и средните претпријатија, кои имаат многу важна улога во економскиот и социјалниот развој на земјите, во рамките на 17 + 1 соработката преку единствена веб-платформа ќе можат да пристапат со својата база на податоци и да воспостават директни контакти за соработка со цел реализација на деловни партнерства. Арсовска посочи дека воспоставување на новата платформата за зајакнување на соработката помеѓу домашните компании со компаниите од НР Кина ќе значи дополнителна можност за зголемување на трговијата и заедничките вложувања за нашите компании.
Претседателот на ССК е потписник на единствениот договор на Балканот за економска соработка со Кина со што за македонските компании од 2015 година е отворен пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.
Нашата вкупна трговска размена со Кина во 2018 година изнесува речиси 500 милиони евра, остварен е извоз од околу 56 милиони евра, а увоз од речиси 440 милиони евра. Во 2017 година трговската размена била 448 милиони евра, со остварен извоз од околу 55 милиони евра и увоз од 392 милиони евра. Во следната година со договорот се иницираат активности за намалување на трговскиот дефицит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

